Достапни линкови

Вести

Времето денеска: променливо облачно

Ќе биде променливо облачно и посвежо. На места ќе биде нестабилно со пообилен пороен дожд, локално (над 20 л/м2) и појава на ретки грмежи. Дневната температура ќе биде од 18 до 26 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 24 степени.

види ги сите денешни вести

Зеленски и Путин заедно да стават крај на војната во Украина, вели Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 21 февруари изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин ќе мора „да се состанат“ за да стават крај на речиси тригодишната војна во Украина.

„Мислам дека претседателот Путин и претседателот Зеленски ќе мора да се состанат заедно. Затоа што знаете што? Сакаме да престанеме да убиваме милиони луѓе“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа по заклетвата на Хауард Лутник како министер за трговија.

„Мислам дека имаме шанса да го направиме договорот. Морав да се уверам дека Русија сака да го направи тоа“, мислејќи на состанокот за војната во Украина оваа недела меѓу највисоките американски и руски дипломати во Ријад, Саудиска Арабија.

Трамп, исто така, рече дека нема да оди во Москва на настаните за Денот на победата на 9 мај по повод годишнината од крајот на Втората светска војна и рече дека САД се блиску до потпишување договор за минералите со Украина.

„Мислам дека сме прилично блиску, мислам дека тие го сакаат тоа“, рече Трамп.

„Тоа е значајно. Тоа е голема работа“, додаде тој.

Тројца анонимни извори запознаени со ова прашање, изјавија за Ројтерс дека додека се склучува договор за критичните минерали, Вашингтон, исто така, ја покренал можноста за прекин на пристапот на Украина до сателитскиот Интернет-системот Старлинк на Илон Маск.

Дарја Калењук, извршен директор на Киевскиот Центар за борба против корупцијата, за РСЕ изјави дека системот е од витално значење за одбраната на Украина.

„Обезбедува интернет конекција на првата линија [...] многу е тешко да се борите без да имате пристап до Starlink“, рече Калењук.

Украина има наоѓалишта на 117 од 120 најкористени минерали и метали во светот. Пристапот до овие ресурси би можел вкупно да вреди трилиони.

Трамп се залагаше за договор за брзо завршување на војната во Украина и одржа одделни разговори оваа недела со двајцата лидери.

Зеленски во своето вечерно обраќање се осврна на договорот за минерали, велејќи дека се надева на фер резултат.

„Ова е договор што може да додаде вредност на нашите односи, а главната работа е да ги разработиме деталите за да може да функционира“, рече тој два дена откако Трамп остро го критикуваше Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“ кој ризикува да ја изгуби својата земја ако „не делува брзо“.

На протест во Софија запалена вратата од зградата на ЕК, има повредени полицајци

Насилен протест на проруската партија Вазраждане во Бугарија против усвојувањето на еврото - црвена боја зградата на Европската комисија. 22.02.2025.
Насилен протест на проруската партија Вазраждане во Бугарија против усвојувањето на еврото - црвена боја зградата на Европската комисија. 22.02.2025.

Приврзаници на проруската партија „Вазраждане“ на 22 февруари се судрија со полицијата и ја запалија влезната врата на зградата на Европската комисија (ЕК) во Софија.

Шест лица се приведени, изјавија за РСЕ од прес-центарот на МВР. Се наведува и дека околу 10 полицајци се повредени.

Засега нема извештаи за други повредени.

Ескалацијата се случи за време на протест на проруската партија „Вазраждане“ против усвојувањето на еврото. Партијата долго време се противи на еврозоната и интеграцијата на Бугарија во ЕУ.

Денеска, неколку стотици демонстранти од „Вазраждане“ се собраа пред Бугарската народна банка, а потоа маршираа до Домот на Европа, зградата на Европската комисија (ЕК) во Софија. Таму фрлаа црвена боја, огномет и јајца кон фасадата.

Насилен протест на проруската партија Вазраждане во Бугарија против усвојувањето на еврото - црвена боја зградата на Европската комисија. 22.02.2025.
Насилен протест на проруската партија Вазраждане во Бугарија против усвојувањето на еврото - црвена боја зградата на Европската комисија. 22.02.2025.

Запалена е и влезната врата на зградата, што доведе до судири со полицијата, во кои, според првичните податоци, околу 10 полицајци се повредени, а шестмина се приведени.

На местото на настанот пристигнале пожарникари, претставници на жандармеријата и возила на брзата помош. Пожарот е изгаснат.

Демонстрантите потоа се упатија кон зградата на Советот на министри, каде што го блокираа сообраќајот.

Ова не е првпат проруските демонстранти да ја нападнат зградата на ЕК. Во мај 2023 година, учесниците на маршот „Марш за мир и неутралност“ фрлаа црвена боја на фасадата на зградата. Во него се сместени претставништвото на ЕК и Бирото на Европскиот парламент во Софија.

„Вазраждане“ долго време има проруски и антиевропски позиции. Така е и покрај тоа што има претставници во Европскиот парламент.

Таму, „Вазраждане“ е дел од екстремно десничарската европска партија „Европа на суверени нации“, во која е вклучена и радикалната „Алтернатива за Германија“.

Насилен протест на проруската партија Вазраждане во Бугарија против усвојувањето на еврото - црвена боја зградата на Европската комисија. 22.02.2025.
Насилен протест на проруската партија Вазраждане во Бугарија против усвојувањето на еврото - црвена боја зградата на Европската комисија. 22.02.2025.

Партијата е против усвојување на еврото, одлука што беше донесена кога Бугарија влезе во ЕУ. Таа се обиде да организира референдум против членството на земјата во еврозоната, но Уставниот суд го отфрли тоа како невозможно.

Како дел од кампањата против еврото во последните недели, партискиот лидер Костадин Костадинов, исто така, започна напад врз Националниот статистички институт (НСИ).

Костадинов го обвини институтот за „фалсификување“ на податоци за инфлацијата - еден од критериумите за влез во еврозоната. НСИ категорично ги отфрли наводите, за кои „Вазраждане“ не обезбеди докази.

САД може да го укинат Старлинк за Украина поради минералите

Илустративна фотографија- Старлинк.
Илустративна фотографија- Старлинк.

Американските преговарачи кои го притискаат Киев за пристап до клучните минерали на Украина ја зголемија можноста за прекин на пристапот на земјата до виталниот сателитски интернет систем на Илон Маск Старлинк, изјавија за Ројтерс три извори запознаени со ова прашање.

Постојаниот пристап на Украина до „Старлинк“ во сопственост на „Спејс Икс“ беше актуелен во дискусиите меѓу американските и украинските официјални лица, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби првичниот предлог на американскиот секретар за финансии Скот Бесент, рекоа изворите.

Прашањето беше повторно покренато во четвртокот за време на состаноците меѓу Кит Келог, специјалниот пратеник на САД за Украина, и Зеленски, рече еден од изворите, кој беше информиран за разговорите.

За време на состанокот, на Украина ѝ беше кажано дека ќе се соочи со итно затворање на услугата доколку не постигне договор за критичните минерали, рече изворот, кој побара анонимност.

„Украина работи на Starlink. Тие тоа го сметаат за своја Ѕвезда северница“, вели изворот.

„Губењето на Старлинк... би било огромен удар“.

Зеленски ги отфрли барањата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за 500 милијарди долари минерално богатство од Украина за враќање на Вашингтон на помошта за време на војната, велејќи дека САД не понудиле конкретни безбедносни гаранции.

Во петокот, украинскиот претседател рече дека тимовите на САД и Украина работат на договор, а Трамп рече дека очекува наскоро да биде потпишан договор.

Маск пренесе илјадници терминали на Старлинк во Украина за да ги замени комуникациските услуги уништени од Русија по нејзината инвазија во февруари 2022 година.

Поздравен како херој во Украина, Маск подоцна го ограничи пристапот барем еднаш претходно во есента 2022 година, бидејќи стана покритичен кон начинот на кој Киев се справува со војната.

Сириски тинејџер „планирал да убива Евреи“, соопшти германската полиција

Полицијата апси осомничен на местото на нападот, во близина на Споменикот на убиените Евреи од Европа во Берлин, 21 февруари 2025 година.
Полицијата апси осомничен на местото на нападот, во близина на Споменикот на убиените Евреи од Европа во Берлин, 21 февруари 2025 година.

Сириски тинејџер уапсен по нападот на меморијалниот центар на холокаустот во Берлин во кој Шпанец беше тешко повреден со нож, „планирал да убие Евреи“, соопштија полицијата и обвинителството на 22 февруари.

19-годишникот беше уапсен во петокот по нападот, носејќи копија од Куранот и молитвен килим во неговите крвави раце, а првичните истраги сугерираа „врски со конфликтот на Блискиот Исток“, се додава во соопштението.

„Според она што го знаеме досега, особено врз основа на изјавите што обвинетиот ги дал во полиција, тој неколку недели планирал убивање на Евреи“, соопшти берлинската полиција.

Портпаролот на полицијата Флоријан Нат на претходната прес-конференција изјави дека нападот се случил во петокот во 18 часот.

Тој изјави дека речиси три часа подоцна, осомничениот им пришол на полицајците кои го опколиле споменикот.

„Имаше крв на рацете и тоа го направи многу сомнителен“, рече Нат. Полицијата го уапсила мажот и го запленила оружјето.

Нападот се случи на Меморијалот на убиените Евреи од Европа, поле со 2.700 сиви бетонски плочи во близина на Бранденбуршката порта во срцето на Берлин, што им оддава почит на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот извршен од нацистичка Германија.

Во затворот Идризово запленети пари, мобилни телефони и марихуана

Затворот Идризово, илустративна фотографија.
Затворот Идризово, илустративна фотографија.

Во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, при претрес на влез во установата, кај осудениците Н.А., Х.А., Л.И. и Ј.П. биле пронајдени пари и мобилни телефони, соопшти МВР.

Дополнително, при преглед на возилото со кое пристигнале осудениците, полицијата открила марихуана и уште еден мобилен телефон.

Случајот е пријавен во СВР Скопје во 20:00 часот.

Надлежните служби преземаат мерки за негово целосно расчистување на случајот.

Хамас ослободи нови заложници

Израелци собрани на плоштадот во Тел Авив го гледаат ослободувањето на заложниците, 22 февруари 2025 година.
Израелци собрани на плоштадот во Тел Авив го гледаат ослободувањето на заложниците, 22 февруари 2025 година.

Хамас, кој САД, ЕУ и многу други земји го сметаат за терористичка организација, на 22-ри февруари ослободи двајца заложници и се очекува да ослободи уште четворица во замена за стотици палестински затвореници.

Израел потврди дека е предадено и телото на убиената заложничка Ширије Бибас.

Тал Шохам (40) и Авера Менгисту (39) беа предадени на Црвениот крст во Рафа во јужниот дел на Газа, откако вооружени милитанти на Хамас ги изнесоа на сцената, јавува агенцијата АФП.

Доцна денеска се очекува да бидат ослободени уште четворица заложници во центарот на Газа.

Шестмината заложници кои се предвидува да бидат ослободени во сабота се последните преживеани заложници од групата од 33 планирани да бидат ослободени во првата фаза од договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 19-ти јануари.

Четворицата заложници, Шохам, Ели Коен (27), Омер Шем Тов (22) и Омер Венкерт (23), беа заробени од Хамас за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Шохам беше киднапиран од кибуцот Беери со сопругата и двете деца, кои беа ослободени по краткото примирје во октомври 2023 година. Останатите тројца беа киднапирани од блискиот музички фестивал Нова.

Останатите двајца, Хишам Ал-Сајед (36) и Менгисту, ги држи Хамас откако ја нападна Газа пред десет години.

Стотици Израелци се собраа на дождот на она што стана познато како „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив гледајќи го ослободувањето на голем екран.

Понатаму на југ, повеќе луѓе се наредени на патот во близина на границата со Газа за да го пречекаат конвојот со ослободените затвореници.

Ослободувањата во режија на Хамас, кои вклучуваа јавни церемонии во кои затворениците беа изведени на сцена, а некои беа принудени да зборуваат, се соочуваат со зголемени критики, вклучително и од Обединетите нации, кои го осудија „парадирањето на заложниците“.

Трамп ги разреши највисоките американски генерали

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп.
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп.

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп на 21 февруари го смени претседателот на здружениот Генералштаб и разреши уште пет други адмирали и генерали во големото поместување во највисокото раководство на американската војска.

Отстранувањето на генералот на воздухопловните сили СК Браун, кој беше претседател на Здружениот Генералштаб од 2023 година, откако беше назначен од поранешниот претседател Џо Бајден, беше објавено од Трамп на неговата платформа за социјалните медиуми Truth Social.

Браун, вториот афро-американски офицер кој служел како претседател на Здружениот Генералштаб во историјата на САД, се очекуваше да го заврши својот четиригодишен мандат во септември 2027 година.

Во соопштението на Пентагон се вели дека Трамп ќе го номинира пензионираниот генерал-полковник Ден „Разин“ Кејн за наследник на Браун. Поранешен пилот на борбениот авион Ф-16, Кејн беше помошник директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) за воени работи.

Пентагон одделно објави дека Трамп ќе ги замени челниците на американската морнарица, позиција на адмирал Лиза Франчети, првата жена што ја предводи воената служба, и заменик-началникот на Генералштабот на воздухопловните сили, генерал Џим Слајф. Разрешени беа и главните судии за армијата, морнарицата и воздухопловните сили.

Слајф ја предводеше командата за специјални операции на воздухопловните сили пред да стане заменик-началник на Генералштабот и беше распореден на Блискиот Исток и во Авганистан.

Овие потези беа дел од кампањата предводена од секретарот за одбрана Пит Хегсет за да се ослободи војската од нејзината програма за различност, правичност и инклузија (DEI). Хегсет рече дека Одделот за владина ефикасност (DOGE) ќе преземе „широк пристап“ за да ги искорени таквите програми од Пентагон.

„Безбеден град“ стартува во 2026, над 18.000 казни за прекршоци во февруари

Jавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“
Jавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“

Системот „Безбеден град“ ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година, а првите казни за сообраќајни прекршоци ќе се изрекуваат од истиот датум. Пред тоа, возачите ќе добиваат предупредувања за направените прекршоци. За целосна имплементација на системот, потребни се измени во пет закони, кои до крајот на април треба да бидат доставени до Собранието.

Дел од проектот ќе бидат и возила со паметни камери што ќе регистрираат прекршоци како неправилно паркирање.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, новите мерки веќе даваат резултати – во последните десет дена бројот на сообраќајни незгоди се намалил за 30 проценти, а незгодите со жртви за 60 проценти.

МВР објави дека од 1 до 20 февруари се изречени 18.132 казни за прекршоци во сообраќајот. Најчести прекршоци биле пречекорување на брзината (6.056), неправилно паркирање (4.213) и управување возило без возачка дозвола (1.510).

Министерството за правда работи на законски измени за забрзани прекршочни постапки, а прекршочните налози ќе се испраќаат електронски. Според УНДП, проектот е во согласност со глобалните цели за безбедност и треба да помогне во намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Упад во просториите на Независното здружение на новинари на Војводина

Илуастративна фотографија.
Илуастративна фотографија.

Непознати сторители упаднале во просториите на Независното здружение на новинари на Војводина (НДНВ) во Нови Сад ноќта кон петокот, 21 февруари, пренесува Бета.

Просториите на НДНВ се наоѓаат во Спортско деловен центар Војводина (Спенс).

Според првичните, неофицијални информации, упадот се случил околу 23 часот.

Спенс е објект којшто затвора за посетителите во 22 часот.

Во тек е полициска истрага, изјавија за Бета во НДНВ.

Новинарите и членовите на НДНВ во неколку наврати беа цел на напади и смртни закани.

Еден од последните случаи е забележан во декември 2024 година, кога Независното здружение на новинари од Војводина објави дека добиле нови смртни закани.

Како што наведоа, станува збор за истото лице кое постојано се заканувало дека ќе ја убие претседателката на НДНВ Ана Лалиќ и програмскиот директор на здружението Динко Грухоњиќ.

НДНВ тогаш соопшти дека „по правило нема реакција од надлежните органи, што ги охрабрува насилниците да продолжат со заканите“.

НДНВ ги пријави заканите до надлежните органи, преку механизмот на Постојаната работна група за безбедност на новинарите.

ОН одмерува две резолуции за третата годишнина од војната во Украина

САД - Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува за време на „Самитот на иднината“ на маргините на Генералното собрание на ОН во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, 22 септември 2024 година.
САД - Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува за време на „Самитот на иднината“ на маргините на Генералното собрание на ОН во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, 22 септември 2024 година.

Соединетите Држави предложија нацрт-резолуција во ОН што користи помалку критички јазик кон целосната инвазија на Русија врз Украина од нацрт-резолуцијата што ја предложија Европската унија и Украина.

Двата нацрти беа предложени за одбележување на третата годишнина од руската инвазија врз Украина на 24 февруари, кога Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуциите.

Нацртот на САД, предложен на 21 февруари, жали за „трагичната загуба на животи во текот на руско-украинскиот конфликт“, повикува на брз крај и повикува на траен мир. Но, не ја споменува територијата окупирана од Русија и не ја издвојува Москва како извор на конфликтот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече резолуцијата „едноставна и историска“ и ги повика членките на ОН да ја поддржат „со цел да се зацрта патот кон мирот“.

„Оваа резолуција е во согласност со ставот на претседателот Трамп дека ОН мора да се вратат на својата цел за која се основани, како што е содржана во Повелбата на ОН, за одржување на меѓународниот мир и безбедност, вклучително и преку мирно решавање на споровите“, рече Рубио во изјавата.

Спротивно на тоа, нацрт-резолуцијата од Европската унија и Украина се однесува на „целосна инвазија на Украина од страна на Руската Федерација“ и бара итно и безусловно повлекување на сите сили на Москва.

Украинско-европскиот текст ја нагласува потребата да се удвојат дипломатските напори за завршување на војната оваа година, истовремено обвинувајќи ја Русија за инвазијата и е посветена на „територијалниот интегритет“ на Киев. Во текстот, исто така, се потсетува на потребата да се имплементираат сите претходни резолуции на собранието „усвоени како одговор на агресијата врз Украина“.

Нацрт-резолуциите циркулираа во седиштето на ОН во Њујорк во услови на јаз меѓу Соединетите држави и Европа за тоа како да се преговара за крај на војната. Долгогодишната трансатлантска алијанса е потресена поради одлуката на администрацијата на Трамп да ги отвори преговорите со Русија оваа недела во Саудиска Арабија без претставници на Украина и на Европската унија на маса.

Откако Володимир Зеленски не беше поканет да учествува на разговорите во Ријад на 18 февруари, украинскиот претседател рече дека претседателот Доналд Трамп живее во „простор за дезинформации“ направен од Русија.

Трамп одговори со лажно обвинување кон Зеленски дека дозволил да започне војната и го опишува како „диктатор без избори“. Земјата не можеше да одржи претседателски избори додека беше под воена состојба.

„Тоа е добар потег“, изјави рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја за новинарите на ОН во врска со резолуцијата на САД.

Русија, исто така, предложи амандман на резолуцијата на САД за да се додаде фразата „вклучително и со решавање на нејзините основни причини“. Ова би го променило последниот ред кој би гласел „бара брз крај на конфликтот, вклучително и со решавање на неговите основни причини, и дополнително повикува на траен мир меѓу Украина и Русија“.

Генералното собрание стана најважното тело на ОН што се занимава со Украина. За разлика од Советот за безбедност на ОН, каде постојаните членки Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД имаат право на вето, ниту една земја-членка нема право на вето на Генералното собрание.

Резолуциите донесени од 193-членото тело не се правно обврзувачки, но внимателно се следат низ целиот свет.

Генералното собрание усвои шест резолуции за конфликтот во 2022 година, осудувајќи ја Москва и барајќи од Русија да ги повлече сите свои војници. Една од другите рани резолуции го осудува рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири региони на Украина. Таа доби најголема поддршка со 143 држави кои гласаа „за“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG