Оваа година само шест студенти се запишале на насоката новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Рекордно најмалку откако е отворена катедрата во 1977, кога имало 125 .
Тенденција на намалување на бројот на студенти има години наназад, но не само овде. Неодамнешната анализа на невладината Центар за граѓански комуникации, покажа дека на македонските факултети студираат 7043 студенти помалку, споредено со периодот пред 10 години.
Но, освен демографските тенденции и миграцијата, има и други, специфични фактори кои ги одвраќаат младите од одредена насока, смета професорката од насоката по новинарство, Јасна Бачовска-Недиќ, со која разговаравме за причините зошто се намалил бројот на студенти, конкретно на оваа катедра.
Мултифакторско уништување на новинарството
Во меѓувреме, се случило нешто во медиумскиот систем, смета професорката и додава дека новинарството се уништува мултифакторски, па така младите се оддалечуваат од овие студии.
„Ние може замерки на студиите да правиме, дали има можности, какви се, но јас мислам дека она што младиот човек го одбива од студирање новинарство пред сѐ се состојбите во медиумскиот систем во општеството. Каков е притисокот на новинарите? Натаму, имиџот на некои новинари во општеството? Платите на новинарите какви се? Какво беше синдикалното организирање на новинарството? Одредени криминални имиња во светот на новинарството...“, вели Бачовска-Недиќ.
Последни во регионот
Група професори од областа на новинарството од регионот, меѓу кои и Бачовска- Недиќ, неодамна се собрале на заеднички проект во Албанија, каде разменувале мислења и околу бројките на запишани студенти.
„На последно место сме во регионот. Апроксимативно, бројката во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна, Војводина, Србија општо, е од 60 до 100. Сите имаат поголема бројка на студенти по новинарство. Ние едвај запишуваме по 10. Така е последниве четири, пет години“, истакна професорката.
Оваа ситуација, според неа, е загрижувачка за општеството на кое му е потребно јадро на образовани новинари.
„Ние знаеме, секаде во светот оваа професија е нерегулирана, луѓе и без диплома од новинарство, економисти, правници можат да бидат новинари. Но, на секое демократско општество му се потребни професионални и специфично образовани новинари со диплома од новинарство“, децидна е Бачовска-Недиќ.
Ново медиумско студио – поттик за новите генерации
За првпат во историјата на факултетот, на 8 октомври, се отвори медиумско студио каде студентите би можеле во пракса да искусат што значи да се биде новинар.
Направено е во соработка со државниот универзитет на Аризона „Волтер Кронкајт“, а проектот е инициран и поддржан од Американската амбасада во Скопје. Ова студио професорката го гледа како поттик повеќе за потенцијалните студенти по новинарство.
„Мислам дека со овој тип на можности ќе бидеме многу попривлечни. Ова се нови генерации и многу сакаат и во текот на студирањето да работат, да бидат повеќе испрофесионализирани отколку интелектуализирани, односно повеќе се заинтересирани за вештини“, вели професорката.
Најавува соработка и со новинарските клубови во средните и основните училишта каде, вели, има деца со критички ум и со талент за пишување кои му се потребни на општеството.
Тие треба да знаат дека новинарската професија никогаш нема да умре и дека младите се авангарда на едно општество и дека тие можат да градат кариера во овој правец и да си овозможат егзистенција утре, порачува Бачовска-Недиќ.