На само неколку дена пред почетокот на изборната кампања за локалните избори, владејачката коалиција најави закон со кој се предвидува повеќе пари во општинските каси на сметка на државниот буџет. Според најавата, парите од централниот буџет ќе почнат да се слеваат од следната година.
Планот на Владата е во наредните три години да се зголеми прагот на финасирање на општините од данокот на додадена вредност и персоналниот данок од 3 проценти на 6 проценти. Тоа значи дека до крајот на 2024 година за општините на годишно ниво ќе се издвојува речиси 28 милиони евра повеќе од државниот буџет.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека таа најава е за поздравување затоа што ако најавата е дел од кампањата тогаш не им оди во прилог на владејачката коалиција. Причината за тоа тој ја гледа во условно речено охрабрувањето на опозицијата со аргумент плус во независност на општинската од централната власт, но и за зголемување на одговорноста на локалната самоуправа.
„ Кога веќе јавно се изјаснија дека ќе го понудат тоа законско решение, тогаш без разлика на резултатите од изборите ќе треба да го понудат во Парламентот и да го спроведат“ вели Муслиу.
Милиони за предизборна реконструкција за улици и патишта
Општините и досега во голема мера се зависни од парите кои доаѓаат од централниот буџет. Според анализата на Фајнанс Тинк во просек 76 денари од вкупно 100 денари расположлив буџет на општините доаѓа од трансфери и донации од централниот буџет. извршната директорка на Фајнанс Тинк Благица Петрески вели дека ваквата нова измена на финансирањето на општините ќе значи поголема независност и ќе ја промени оваа структура. Но, според неа, тоа не мора да значи и долгорочна самоодржливост на општините, затоа што карактеристично за сите општини е што на расходната страна се уште развојната компонента е исклучително ниска.
„Ваквата реформа не гарантира дека овие дополнителни средства кои општините ќе ги примат ќе ги насочат кон развојна компонента, а нема да ги искористат за тековни трошоци, или вработувања или за некои непопуларни трошења како што забележавме во минатииот пат со возила, иако не сакам да ја вулгаризирам таквата форма на трошење“ изјави Петрески.
Затоа потребно е оваа реформа да оди паралелно со јакнење на развојната компонента на општините, вели таа.
Во нивната анализа на доставените општински завршни сметки се посочува дека на дното на листата на најзависни општини од централниот буџет е Арачиново со 96 проценти. Оваа општина според податоците на Центарот за граѓански комуникации за 2017, 2018 и 2019 не наплатила ниту еден денар од жителите за данок на имот. За неа Владата на 11 декември 2020, донесе одлука да и даде половина милион евра неповратна помош.
Од вкупно 80 општини 54 спаѓаат во групата на зависни општини од централниот буџет. Односно од 70 до 96 проценти од парите во 54 општински каси доаѓаат од дотации од централниот буџет. На врвот на листата на најмалку зависни се општините Пехчево со 44 проценти и скопската општина Центар со 46 проценти од парите кои доаѓаат од државниот буџет.
Според власта, целта на новото законско решение е да се изнајде системско решение за зголемување на финансиските капацитети на општините. Ова е трет пат како се уфрлат повеќе пари во општините во изминативе три години. Мнозинството од градоначалниците во земјава доаѓаат од двете владејачки партии.
Предизборен владин „ботокс“ од програмата ТАВ за општините
Претходно на 12 јули годинава со проекти од таканаречената „програма ТАВ“ беа склучени договори со единиците на локалната самоуправа во вредност од 50 милиони евра. Владата со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра им помогна на општините да сервисираат 50 отсто од својот долг.
„Целта на ваквиот чекор беше да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој со години се таложеше во долгови и блокирани сметки. Со еднократната помош, без обврска за враќање во централниот буџет ги зајакнавме капацитетите на единиците на локална самоуправа. Сега одиме со трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините за финансиска “ изјави премиерот Зоран Заев на прес конференцијата на која го промовираше новиот закон.
Но, проблемот е што и покрај милионската инфузија што ја примаат општините од Владата, и натаму голем број од општините имаат блокирани сметки, а градоначалниците не го почитуваат законот и не прогласуваат „фискална нестабилност“ или што би се рекло народски банкрот.
Една од целите на новиот закон е и фискална дисциплина, тврди власта. Досега ниту еден градоначалник не претпрел последици за недомаќинско водење на општината, покажуваат ревизорските извештаи. Ревизорот чешлајќи го ланскиот буџет утврдил дека министерството за финансии не си ја врши доволно својата работа, односно не извршил надзор врз работата на општините за проверка на причините на финансиката нестабилност.
Со новите законски измени Министерството за финансии ќе им помага на општините да излезат од тој маѓепсан круг со три инструменти. Станува збор за условен кредит, општински и структурни обврзници кои ќе ги купува министерството.
„Сите тие форми на финасирање им се расположливи на општините, но поголемото прашање за која намена ќе бидат искористени тие инструменти. Доколку тие средства бидат искористени за да се покријат стари долгови, вие и натаму не обезбедувате на општината поголем развој и потенцијал тие долгови во иднина да бидат исплаќани“ вели Петрески.
Општинските должници чекаат спас од Владата
Вкупно 11 општини со години имаат блокирани сметки. Меѓу нив е Тетово која според послендите податоците на Министерството за финансии е лидер на ранг листата на најзадолжени општини со вкупно 11,3 милиони евра заклучно со март годинава. Дополнително според податоците на Центарот за граѓански комуникации наплатата на данок на имот е на ниско ниво, односно 550 проценти.
Веднаш по Тетово според заколженост на листата се наоѓа Охрид со 7 милиони евра. Оваа општина пак, од друга страна и покрај тоа што има блокирана сметка, е 6та на ранг листата за најбогати општини според анализата на Фајнанс Тинк.
Во слична ситуација е и Струга, има блокирана сметка, иако според вкупни приходи кои се влеваат во опшинската каса спаѓа во листата на 10 најбогати општини. Овие општини според податоците на Министерството за финасии влегуваат во топ 20 најголеми должници од вкупно 1200.