Достапни линкови

Малку фирми добиваат многу општински тендери


Градежни работници, градилиште
Градежни работници, градилиште

За општините немаше зима во пандемиската година. За јавни набавки биле потрошени 129 милиони евра. Датабазата на Центар за граѓанска комуникација покажува дека малку фирми со години добиваат многу општински тендери.

Асфалт, струја и гориво се главните трошоци на општините во пандемиската 2020 година. Поголемиот дел од општините во земјава како да не ги почувствуваа економските последици од здравствената криза која настана со ковид-19. Од општинските каси се потрошиле 129 милиони евра што е за само еден милион помалку од претходната година кога немаше пандемија, покажуваат податоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Дата базата укажува на една од клучните забелешки а тоа е дека десетина фирми со години се лидери во добивањето на општински тендери, односно дека секој петти тендер го добиваат топ десет фирми.

Градежните компании водат на листата на фирми кои што се „офајдиле“ од општините во време на пандемија. Лидер е скопската фирма „Гранит“ која од Град Скопје инкасирала 6,6 милиони евра за втората фаза од изградбата на булеварот АСНОМ во скопски Аеродром.

На второ место е фирмата Пелагонија- Гостивар која од две општини – Град Скопје и Гостивар за 5 склучени договори наплатила 3,5 милиони евра. Таа во 2018 година била лидер по наплатени тендери од општините во вредност од 2,9 милиони евра. Брозениот медал во оваа трка го доби компанијата Ју бај 2 Амет со 2,9 милиони евра од општините Липково и Град Скопје за 3 тендери. Оваа фирма во 2019 година беше на првото место со инаскирани 4,1 милиони евра. Лани на четврто место, а трето според вредноста на тендер на локално ниво е тетовската фирма Аќуа инженеринг која за Општина Гостивар изградила фекална и атмосферска канализација во вредност од 2,3 милиони евра.

Од вкупно 20 лиценцирани снабдувачи со електрична енергија најмногу пари од општинските каси за сметка за струја наплатила фирмата Енерџи деливери Солушн вкупно 3,7 милиони евра од 20 општини. Станува збор за фирма која поранешниот сопственик Кочо Анѓушев ја продаде во 2018 година на грчка национална компанија за производство на електрична енергија. За споредба ЕВН Македонија електроснабдување наплатила 650 илјади евра од само 4 општини.

Фамилијарната компанија на актуелниот пратеник и поранешен градоначалник на Пласница Исмаил Јахоски „Пуцко Петрол“ е втора по бројот на тендери а со добиени 2,5 милиони евра општински пари од второто место во 2019-та е сега го држи 6-то место на листата компании со најголем прилив од општински јавни набавки.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека лани се забележува влошување со концентрацијата на едни исти фирми на локалните тендери, затоа што иако во 2020 година 1164 фирми добиле тендери од општините, првите десет фирми со најголема вредност на набавките имаат удел од 23 проценти.

Овие 23 проценти покажуваат дека речиси секој петти тендер го добива некоја од овие десет фирми. Концентрацијата е еден долгогодишен проблем во јавните набавки во земјава и не само на системско ниво, малку фирми добиваат многу тендери, туку и на ниво на општини, туку и на ниво на одделни институции. Има општини каде што една фирма зема 30 или 40 па и 50 насто од колачот за јавни набавки и тоа се случува неколку години по ред, истата фирма на еден начин живее од општината.

Филков објаснува дека високата концентрација на исти фирми кои ги добиваа тендерите со години треба да се испита поради ризик од корупција.

Според дата базата на Центарот за граѓански комуникации, половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки во 2020 година ги потрошиле Градот Скопје и само седум други општини. Само Градот Скопје со потрошени 31 милиони евра за јавни набавки троши колку 59 помали општини заедно.

Само две фирми кои и во 2019 година биле меѓу првите десет, успеале да останат на таа листа и во 2020 година. Тоа се тогашниот лидер Ју-Бај од село Бојане, кој во 2020 година, пак, падна на четвртата позиција и вицешампионот од 2019 година – Пуцко Петрол кој според вредноста на локалните тендери, во 2020 година е на 6-тата позиција. Во однос на бројот на склучените договори, и во 2020 година апсолутен лидер е кочанската фирма Рики-Јуниор со 82 договори, дури 15 повеќе од претходната 2019 година.

Рекордер годинава е општината Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител. Најмногу пари општина Новаци лани потрошила на градежни активности. Од вкупниот буџет на општината кој изнесува 3 милиони евра, една третина бил исплатен на градежни фирми.

Најголемиот колач од овие набавки го добила градежната фирма Стентон градба Битола на која и биле исплатени вкупно половина милион евра. Според веб страницата на оваа фирма, како тековен проект во своето портфолио го прикажува реконструкцијата на општинската зграда. Таа добила тендери и од општините Прилеп и Битола. За сите 8 набавки од трите општини за една година на нејзината сметка легнале речиси еден милион евра. Оваа сума лани била двојно помала од 2019 година кога оваа компанија од општинските каси на Новаци, Прилеп, Битола, Демир Хисар и Крушево наплатила 1,9 милиони евра.

За континуираната концентрација и доминација на главниот град зборува и податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини се трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG