Достапни линкови

Учениците на Инстаграм и ТикТок, наставниците и родителите на Фејсбук


Учениците имаат потреба наставниот процес да се доближи до нивниот начин на живот - кој во голема мера се одвива онлајн, на социјални медиуми, на интернет страници. Возрасните, наставниците и родителите, се обидуваат да им се доближат, но колку се успешни тие обиди?

Цел ден со мобилните в рака, комуникација преку Инстаграм, ТикТок, Снепчет или некоја друга мрежа, иако другарот живее во иста зграда, играње игрици мрежно, гледање познати јутјубери... Ова се содржините кои им пополнуваат голем дел од денот на младите луѓе денес, во време на социјални мрежи и достапен интернет преку кој со еден клик им е достапен и светот.

Социјалните медиуми - предност или опасност за повозрасните?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:24 0:00

Наспроти ова што го прават секој момент во кој можат, имаат и обрвска да одат на училиште. Таму, во училишните згради, во голем дел од дел ги чекаат непроменети нешта како од минатото - час што трае по 45 минути, наставници кои инистираат на знаењето од учебник, комуникација во живо во која возрасните инститираат да ги нема познатите интернет кратенки кои ги користат. Веројатно голем број возрасни и нема да ги разберат ако им зборуваат онака како на своите другарки и другари, на пример ако за не знам им речат IDK (I don't know).

Но, тие два света, на возрасните и на младите, несомнено мора да се „судрат“, во училница со наставниците, дома со родителите. Сите работи кои ги нуди онлајн современиот начин на живеење не треба да се отфрлат, особено ако се корисни во проширувањето на знаењата, туку напротив може да биде од помош во образовниот процес.

„За жал кај нас се уште се дебатира дали е добро или лошо да се користи технологијата наместо да се дебатира на кој начин да ја користиме технологијата за добро или за позитивни примери“, вели специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов.

Дека технологијата може да се користи и за добро пред повеќе од една декада сфатила професорката Елизабета Секирарска. Со свој канал на Jутјуб на кој ги закачува лекциите, затворени фесјбук групи со секој клас одделно кои служат како огласна табла за наставата таа ги поминува последните две години од својот работен стаж по што и следува пензија. Професорката вели дека нејзините ученици, „живеат на социјалните медиуми“, па затоа и таа е таму да им го пренесе знаењата.

„За секој наставник важи дека независно од периодот во кој почнува и учителствува низ годините и го завршува работниот век секогаш треба да држиме чекор со учениците“, вели Секирарска.

Професорката објаснува и каква комуникација има со своите ученици на социјалните мрежи.

„Правиме Фејсбук група која што на некој начин е огласна табла. Таму се сите сооштенија, таму се иформациите, таму може да ми се обратат за помош, за домашна работа, проектни активности, за се што правиме во наставата, за студиите на случај кои јас многу ги практикувам, а кој нив ги ставаат во ситуација да размислуваат a не само просто репродуцирање на научената лекција и тука им треба помош за која знаат дека може да ми се обратат“, вели Секирираска.

Ова е пример на професорката од Куманово и нејзиното искуство со приближувањето до онлајн светот на учениците. Седумнаесет годишната Јана Попова, средношколка од Скопје, пак има поинакво искуство, не толку директно во комуникацијата со професорите.

„Во моето училиште нашата комуникација оди преку еден ученик, тој пренесува на целиот клас, меѓутоа имам другари и другарки кои имаат посебни групи со професорите и на Фејсбук и на Инстаграм во кои комунициират“, вели Попова.

Во Русија курс за дигитални вештини за лица над 50 години

Пандемијата со ковид19 поради која многу земји во светот минатата година одлучија да ги затворат училиштата, а наставата се одвиваше онлајн, се чини најмногу ги примора возрасните кои се и наставници да ги усоврушваат своите начини за дигитална комуникација. Тоа бил предизвик и за наставничка од Русија која го посетувала курсот за луѓе над 50 години за усовршување на дигититалните вештини.

Љупчо Наќев

64 - годишната Валентина Јонова немала поим за социјалните медиуми.
Администрирањето и комуницирањето на Фејсбук, Твитер или Инстаграм, за младите луѓе во светот е сосема едноставна и нормална активност.

Социјалните мрежи се веќе редовен начин за комуникација, но не за секого е тоа едноставно. Валентина го посетува курсот за луѓе над 50 години, кој функционира во Русија од 2019-та година.

„Има широк спектар на посетители на курсот, секој со свои мотиви. Некои само сакаат да ги гледаат фотографиите од внуците и да бидат на иста „бранова должина“ со внуците или децата. Некои пак, сакаат да се промовираат како стручњаци за нешто на платформата“, вели Екатерина Усанина, предавач на курот за постари.

Пред посетувањето на курсот, Валентина Јонова постирала само неколку фотографии на социјалните мрежи, а нејзиниот профил немала речиси ништо. Таа е наставничка по професија, а способноста дигитално да комуницира со учениците и станало многу важно, особено во услови на пандемија.

„На Инстаграм би сакала да им ја презентирам мојата работа, цртањето, на учениците. Би сакала да имам своја публика, како што велат, таргет следбеници. Да бидам интерактивна со мојата публика, да држам часови, но и да најдам други заинтересирани ученици преку овој социјален медиум“, вели Јонова.

Таа е на почетокот на курсот, а по само неколку лекции го средила својот профил, ја закачила својата прва приказна на Инстаграм и научила како да ги синхронизира своите профили на Инстаграм и на Фејсбук.

Целта на курсот не е да се мотивираат старите да бидат цело време на социјални мрежи, да претеруваат, навика која се поврзува со лошо ментално здравје и проблеми со спиењето. Целта е нивно олеснување на приватниот и професионален живот.

Особено е битно за оние повозрасни лица кои работат со деца и млади. Доближувањето до нив, комуникацијата, едукацијата, па дури и надминување на некои психолошки проблеми на младите, многу полесно оди преку нивниот стил на комуникација, а тоа најчесто се социјалните мрежи.

Каде се наоѓаат возрасните и младите?

И додека професорите и родителите се обидуваат да им се доближат на младите претежно на Фејсбук, тие бегаат од таму. Таквата тенденција ја напоменува и скопската средношколка Попова.

„Мислам дека младите се тргнаа од Фејсбук кога таму дојдоа сите - професори, мајки, татковци, баби, дедовци сега се на Фејсбук. Младите си се тргнаа настрана од тие генерации“, вели Попова.

Попова додава дека нејзината генерација сега е најмногу на Инстаграм и на ТикТок. И професорката Секирарска забележала дека младите се повеќе се таму, таа вели не е, а нејзиниот впечаток е дека тоа се мрежи што имаат поинаква конотација од образовна. Но каде се среќаваат родителите, наставниците и учениците?

„Се чини дека сите сме заглавени во различни балони, а единствено што не врзува е заглавеноста, реално гледано, затоа што тоа е некаков заеднички именител за сите“, вели Секирарска.

Преселбата на младите на други социјални медиуми ја покажуваат и податоците на порталот datareportal.com кој нуди извештаи за однесувањето на луѓето онлајн. Според последното нивно истражување од јули 2021 година на сите социјални мрежи е 57 отсто од вкупната светска популација и од сите возрасти. За младите фаворит е социјалната мрежа Инстаграм 33,4 отсто, а 10,7 отсто од 16 до 24 години се изјасниле дека се на Фејсбук. Ситуацијата е обратна кај возрасната група од 45 до 54 години.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов вели дека тоа што различни генерации се на различни мрежи е многу нормална работа, споредувајќи со детството пред интернетот кога од малаата младите бегаа кога ќе дојдеше повозрасна генерација.

„Она што е многу важно е да се разбере дека и младите и повозрасните, секој си има свој начин на комуникација, на поведение и на однесување во интернет просторот и така треба да биде. Меѓутоа она што не спојува е што возрасните е дека треба да разберат е дека особено првите години мора да бидат десеткратно пообразовани во дигиталната сфера, а не да даваат отпор во дигитализацијата, бидејќи за нивните деца се работи“, вели Кордалов.

Доминира ли виртуелниот над реалниот свет?

Губење од реалноста која не е виртуелниот свет, се одговорите и на професорката Секирарска и на средношколката Јана за тоа кои се опасностите од социјалните мрежи.

„Има разлика меѓу социјалните мрежи и вистинскиот живот“, вели Попова.

По три децении работаа со ученици, Секирарска забележува промени меѓу генерациите растени со и без социјални медиуми. Вели денешниве не се дружат на ист начин како порано, туку и дружбите, иако живеат блиску, им се онлајн, имаат судир на виртуелниот со реалниот свет, а и начинот на изразување им е сменет.

„Ако треба да се каже споделуваме тие викаат шернуваме, ако треба да се каже ми се допаѓа, тие викаат лајкни. Младиве се повеќе, а особено последниве години е тоа актуелно, се затвораат во виртуелен свет во кој се на некој друг терен од кој кога ќе излезат надвор и ќе се сретнат со реалните околности нештата им изгледаат поинаку. Лично сметам дека социјалните мрежи сами по себе се добри, ако правилно се користат или кој било извор кон кој се насочуваат кога се на интернет. Ако правилно се користат, може многу да помогнат. Но, за жал тој виртуелен начин на живот ги дефокусира од реалните ситуации“, вели Секирарска.

Документи што протекоа во јавноста покажуваат дека Фејсбук најмалку две години во тајност чувал внатрешната студија за штетното влијание на нивната апликација Инстаграм врз тинејџерите, додека раководителите на Фејсбук постојано го намалувале и избегнувале овој проблем во јавноста, пишуваат светските медиуми. Инстаграм, социјалната платформа за споделување фотографии и видеа, која е во сопственост на Фејсбук од 2012 година, е одговорен за предизвикување самоубиствени мисли кај младите корисници, пишува лондонски „Тајмс“, додавајќи дека истражувачите тврдат дека британските тинејџери ја користат апликацијата двапати почесто од американски врсници.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG