Властите треба да бидат потранспарентни при најавите за инвестиции во Попова Шапка, а треба да се почитуваат и правните процедури, да се распише тендер и да се одбере најдобрата понуда, се коментарите по најавите за давање под концесија на Шапка на 99 години и инвестиции од 100 милиони евра. Експертите по туризам посочуваат дека Попова Шапка може да се стане атрактивен ски-центар, но дека се потребни доста инвестиции во патишта, нови хотели, жичници, да се среди проблемот со паркинг и да се решат дивоградбите.
Најавите за инвестиции во Попова Шапка се случуваат пред секои избори, вели економскиот аналитичар Арбен Халили, кој живее близу Шапка. Тој вели дека при инвестиции треба да се почитува редоследот на правните процедури.
„Не може да се знае потенцијалниот инвеститор ако претходно немало меѓународен тендер каде заинтересираните страни ќе аплицираат, ќе се евалуираат нивните понуди и на крај ќе се избере кој ќе ја добие. А вака оставено и кажано само дека инвестицијата ќе биде 100 милиони евра остава простор само за празни ветувања, а не и за нормални процедури“, вели Халили.
Тој живее на 15 километри од Попова Шапка и вели дека и со мали чекори, како што беше пуштањето на шестосед жицарницата, може да се направи ски центарот да биде функционален, но Халили не е за јавно-приватно партнерство, оти како што вели, досега во таквите проекти државата не се покажала како партнер, туку како конкурент.
Властите најавија инвестиции во Попова Шапка, како дел од инвестицискиот план за следните шест години. И додека премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши велат дека инвеститорот на Попова Шапка е познат, но името засега не го кажуваат, министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека допрва ќе се види која фирма ќе биде, но дека тоа ќе биде фирма што исполнува услови и се ќе биде транспарентно.
Според премиерот, станува збор за сериозна фирма која стопанисува со ски-центри во ЕУ. Заев најави дека со јавно приватно партнерство и инвестиции од 100 милиони ера Попова Шапка ќе се даде под концесија на 99 години. Премиерот изјави дека оваа инвестиција ќе даде нова димензија пред сè на зимскиот туризам и ќе биде нешто што ќе го смени имиџот на државата.
Османи вели дека при посетите во странство ги презентира Тетово и Попова Шапка како можна дестинација, а тоа го сторил и во Абу Даби. Според Османи, Попова Шапка преку зима ќе биде ски-центар, а преку лето ќе има голф терени. Тој вели дека Попова Шапка ја претставувал како регионален центар, заедно со Косово, оти како што вели, бидејќи очигледно големите инвеститори бараат поголеми регионални пазари и можноста за регионално претставување е секогаш поатрактивна.
Инвестицискиот план за следните шест години, според Владата, ќе чини осум милијарди евра. Половина од тие пари треба да дојдат од приватни инвестиции или грант донации од ЕУ, концесии, јавни-приватни партнерства.
Главната забелешка по најавите дека Шапка ќе се дава на концесионери е што Владата не е транспарентна за овој проект, вели професорот по менаџмент на Тетовскиот универзитет, Мислим Зендели.
„Физибилити студиите не се јавни, никој не знае што всушност се најавува и сите оние најави дека ќе се инвестира од непознат инвеститор во непознати околности мислам дека многу влијае врз сите нас кои сме заинтересирани ски-центарот Попова Шапка да биде како што треба“, вели професор Зендели.
Раководителот на ски- центарот Попова Шапка, Живко Алексовски наведува што, според него, му недостасува на ски-центарот.
„Што се однесува до зимскиот туризам потребни се инвестиции во вештачко заснежување за да има повеќе скијачки денови во сезона, треба да се размислува за паркинг и за новата гондолска жичара Тетово-Попова Шапка, за да се олесни пристапот. Нормално треба да се инвестира и во нови хотели, во нови ски лифтови, стази за да се добијат поефикасни скијачки денови“, вели Алексовски.
Старата гондолска жичара која ги поврзува Тетово со Попова Шапка е уништена во конфликтот во 2001, а со инвестиции во нова превозот на патници ќе биде многу побрз и ќе го олесни транспортот на посетители, а со тоа и ќе се надмине и проблемот со паркирањето, вели Алексовски. Тој додава дека треба да се размислува и во насока Шапка да привлекува гости и во летниот период.
„Попова Шапка е почетна точка, тука е и Лешница, Јелак, тука се сите убавини кои ги нуди Шар Планина. Сметам дека летната сезона во ски центарот исто така може да биде интересна за планинарите и за другите спортови кои може да ги пружи Попова Шапка“, вели Алексовски.
Како Шапка да стане актрактивна на светската туристичката мапа?
И покрај исклучителните природни потенцијали за планински туризам во Македонија, земјата и натаму живее во сенка на ски-центрите во опкружувањето како Копаоник и Златибор во Србија и Боровец и Банско во Бугарија. Македонија сè уште не е интересна дестинација за странски туристи со исклучок на блиското соседство меѓу кои најчести се гостите од Косово и Албанија.
Со добри инвестиции Попова Шапка може да се стане атрактивно место на меѓународната туристичка мапа вели професор Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид. И тој вели дека се потребни инвестиции во патната инфраструктура и дека треба да се обнови жичарницата од Тетово до Шапка.
„Внатре во комплексот за да може да се може да се актуализира оваа прашање на обнова на капитетите нeпходно е инвестициите да се насочат кон ексклузивни комплекси. А тоа значи прво да се сопре дивата градба, да се издвојат малите капацитети од оние кои би овозможиле пореномиран развој на Попова Шапка. Исто така е битно Попова Шапка да се поврзе со Брезовица од косовската страна, на тој начин би се добила една структура која ќе може подобро да котира на меѓународниот туристички пазар“, вели професор Мариноски.
По владината презентацијата за инвестицискиот план, Бранимир Јовановиќ, кој беше дел од администрацијата на Заев во времето на министерот за економија Драган Тевдоски, на својот Фејсбук профил забележува дека со тоа што најголем дел од проектите ќе се спроведат со јавно-приватни партнерства и се даваат на концесии, во случајов со Попова Шапка на 99 години, практично се приватизираат реки, планини и други природни богатства. Според него тоа наликува на периодот од 1990-тите, кога се спроведе приватизацијата и целото општествено богатство, кое заеднички беше градено со децении, преку ноќ заврши во раце на малкумина моќници, вели Јовановиќ, кој додава дека можеби нема простор за грижи, оти проектите се најавуваат со децении и никако да се реализираат.
Најавите за инвестиции ништо ново
Инвестиции во Попова Шапка во 2012 најави тогашниот премиер Никола Груевски, како дел од неговиот мастер план за инвестиции. Се предвидуваше инвестирање на 30 милиони евра, во неколку фази, а за дел од нив беше предвидено да се распише меѓународен оглас за концесионер. Следната година инвестиции на Шапка од катарски бизнисмени најавија тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов и тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини по нивната посета на Катар. На крајот на минатата година премиерот Зоран Заев при посета на Тетово рече дека за ски-центарот Попова Шапка во игра се потенцијални инвеститори од Катар, Швајцарија, Италија, Германија и Австрија. Тој рече дека во преговорите заедно со Шапка има намера да се нуди ски-центарот Брезовица од Косово.