Вечерта на 27 април 2017 година речиси никој не беше рамнодушен на случувањата во Собранието, па реагираа политичари, странци, граѓани.... По нападот, актуелниот премиер Зоран Заев, тогаш како опозиционер најави дека секој ќе оди на суд и ќе си понесе одговорност. И тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерта ги повика институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците, да обезбедат докази и да ги изведат пред суд.
Четири години подоцна правдата изгледа вака- 16 луѓе се осудени на затворски казни од над десет години или вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”.
Дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.
Во тек е уште еден судски случај поврзан со 27 април, за неговите организатори. Во него се обвинети поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.
Нема правда со амнестија
Натали Петровска, директорка на невладината организација „Сите за правично судење“, на прашањето на РСЕ дали со ова правдата е задоволена, вели, искрено не знам колку може да се зборува за тоа ако се земе превид амнестијата на дел од обвинетите.
„Во контекст на гарантирање на правната сигурност за ова прашање би можела само да констатирам кај нас на некој начин е извесен исходот од кривичните постапки во државава кога станува збор за „обични смртници“ а ако предмет на кривичен прогон на функционери секогаш останува да лебди прашањето дали и во која мера истите ќе сносат одговорност“, вели Петровска.
Во меѓувреме, по години пасивност за оваа тема, ВМРО-ДПМНЕ викендов одлучи да го поддржи и да излезе на протест за ослободување на обвинетите нарекувајќи ги уставобранители. Од протестот се прати пораката дека обвиненијата за тероризам на затворените се политички монтирани, а досудените казни драконски.
Неправичниот систем во кој едни се осудени во затвор, а други преку амнестија се на слобода, според директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС Александар Кржаловски е една од причините поради која и се остава простор за протести и незадоволства.
Кржаловски не е оптимист дека политичарите ја научија лекцијата, па потсетува и зошто дојде до случувањата во Собранието, односно дека крвавите настани се случија по двомесечно блокирање на изборот на ново парламентарно мнозинство. Тој додава дека сегашниот однос во Собранието, повторно со блокади не покажува дека политичарите извлекле поука. Според Кржаловски, политичарите не прават многу за надминување на таквиот антагонизам, а кризата само се продлабочува.
„Мислам дека веќе сме влезени во маѓепсан круг и дека нема ниту капацитет во самите партии да се смени тој начин на работа“, вели Кржаловски.
Како се случи „27 април“?
Крвавите настани на 27 април се случија откако изборите во декември 2016 година не донесоа јасен резултат за формирање влада, па ВМРО-ДПМНЕ освои две пратенички места повеќе од СДСМ. Тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов го додели мандатот за формирање на владата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но по уставните 20 дена тој не успеа да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, а Иванов и покрај тврдењата на второпласираниот Заев дека има мнозинство не му го даде мандатот.
Во февруари почнаа и протестите на За заедничка Македонија, организација која инсистираше на нови избори и бараше да не му се даде мандатот на Заев затоа што, како што тврдеа ќе ја исполнел таканаречената Тиранска платформа. Во Собранието долго со месеци траеше конститутивната седница, додека пред зградата протестираа поддржувачите на За заедничка Македонија. На 27 април пратениците од тогаш опозициската СДСМ заедно со ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса го формираа парламентарното мнозинство и го избраа Талат Џафери за собраниски спикер, по што следеше упадот во Собранието.