Достапни линкови

Гир - Скопје и Софија двојно да ги зголемат напорите за договор


Гир - Да не стагнира борбата против корупцијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:50 0:00

Гир - Да не стагнира борбата против корупцијата

Патот напред е напорите двојно да се зголемат и да се направи обид да се решат тие билатерални прашања со цел потоа да се одблокира целиот процес на преговори, вели евроамбасадорот Дејвид Гир. Во меѓувреме многу е важно процесот на реформи да продолжи, вели тој во неделното интервју на РСЕ.

Амбасадоре Гир, формирањето на новата Влада во Бугарија ќе ги отфрли ли надежите дека меѓувладината конференција на Северна Македонија и ЕУ ќе се случи за време на португалското претседавање со Унијата?

Помина една година откако ЕУ ја донесе историската одлука да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. Таа одлука која беше донесена на највисоко ниво сè уште важи. Нареден чекор е да се согласиме за она што ние ја нарекуваме преговарачка рамка. Ова е некаков вид на референца за самиот процес на преговори. Се надеваме дека земјите членки ќе се согласат на ова наскоро. Што се однесува до португалското претседателство тие ја подвлекоа нивната цел да се одржат меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија и да се отвори пристапниот процес за овие земји. Но, тоа зависи од договорот на земјите членки на рамката за преговарање и како што кажав се надевам дека ќе може да се постигне таа позиција многу наскоро.

Како да се дојде до решение ако бугарските власти инсистираат земјава да ги признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик?

Треба да се осврнеме на две работи. Најнапред начинот на којшто Европскиот совет работи. Во ЕУ, Европскиот совет работи врз основа на едногласност во одлуки како оваа. Значи со цел да се постигне согласност за преговарачката рамка која ја споменав, всушност треба сите 27 земји членки да се согласат. Како што беше посочено на крајот на минатата година, тој договор не беше постигнат. Така што ова се случува во ситуации кога едногласноста е потребна за гласање во Европскиот совет. Јас можам да разберам дека одлагањето кое го гледаат луѓето е фрустрирачко. Луѓето сакаат да се оди напред во пристапниот пат. Но, да се оди напред во ситуации како оваа, да ви одговорам на прашањето, е двојно да се зголемат напорите за да се постигне договор. Така што ние многу се надеваме дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат конструктивно да се ангажираат со цел да постигнат решение врз основа на заеднички договор и на тој начин пристапните преговори ќе може да одат напред.

Отпочнувањето на преговорите постојано се одолговлекува. Зошто не може да се издвои процесот за пристапување кон ЕУ од отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија?

Мислам дека ова се навраќа на правилата кои веќе ги споменав дека во случај на пристапување во одредени области на правото, пред сè на членство, едногласноста е потребна во Европскиот совет. Како што кажав, 27 земји членки треба да се согласат со цел да се оди напред. Тие правила не може да се променат. Тие се основата и треба да се почитуваат. Треба да се почитуваат правата на суверенитет на земјите членки на ЕУ. Но, како што кажав, во ситуација како оваа, патот напред е напорите двојно да се зголемат и да се направи обид да се решат тие билатерални прашања со цел потоа да се одблокира целиот процес на преговори. Ја исто така ќе кажам дека во овој момент, дури и во ситуација кога ние чекаме да се постигне согласност за преговарачката рамка многу е важно процесот на реформи да продолжи и да оди напред без сомнеж. Тоа не е во интерес само на пристапниот процес, туку генерално и во интерес на сите граѓани.

Освен решавање на проблемите со Бугарија потребно е и спроведување на реформите. Клучно пред сè е владеење на правото, но граѓаните според анкетите, и понатаму најмалку доверба имаат во судството и обвинителството. Северна Македонија е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси интернешнл. Како вие ги оценувате состојбите?

Го споменавте индексот за корупција на Транспаренси Интернешнел, кој е важен документ врз основа на одредени типови на експертиза и инпут од бизнис оператори. Тоа е еден извор, но секако има и други. Има владини извештаи и други невладини извештаи кои помагаат да се види целосната слика. Но, од наша страна уште во октомври Европската комисија го издаде извештајот за напредокот кој ни даде увид како стојат работите во однос на напорите за зајакнување на владеење на правото и борбата со корупцијата. Тој извештај кажа дека има стабилен напредок во спроведување на реформите во областа на владеење на правото, зајакнување на судството и напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Но, исто така даде и препораки за каде е потребен дополнителен напор. Ако ги погледнеме институциите кои се најрелевантни во овој случај, пред сè канцеларијата на јавниот обвинител за организиран криминал и корупција се наведува дека е важно да се осигура дека ќе ги има ресурсите за да ја заврши работата. Второ во однос на Државната комисија за спречување на корупција секако се препозна работата која е направена. Важниот напредок кој е направен. Вклучувајќи го справувањето со непотизмот. Но, тие напори мора да бидат одржливи. Мислам дека тоа е генералната порака. Имаше напредок, но она што е навистина важно сега е дека не треба да се стагнира. Мора се да се движи напред. Моментумот мора да биде одржлив. Пред сè потребни се напори во борбата со корупцијата. Тие треба да бидат видени како дел од национален проект и настрана од сите политички поделби и да бидат вклучени сите делови на општеството. Второ решавањето на корупцијата не е само справување со погрешно постапување иако тоа е навистина важно, исто така како што и вашето прашање имплицира е за институциите, но и за промена на умот и срцата за луѓето да почнат да веруваат дека институциите може ефективно да се борат против корупцијата и дека никој не е над законот.

Сведоци сме на голема афера со лажните пасоши која ги надминува македонските граници. Како тоа ќе се одрази врз европските аспирации на земјава?

Се надевам дека разбирате истрагата е во тек. Нема да го коментирам тој специфичен случај. Но, генерално се сведува на поентата која сега ја кажав. Многу е важно кога има наводи за погрешно постапување тие да се ефективно истражени. Ако има докази спрема одредена индивидуа, судскиот процес да може да се спроведува навремено и на ефективен начин и во согласност со меѓународните стандарди. На ова прашање имаше многу шпекулации во медиумите. Јас видов разговори за безвизниот режим. Точно е дека безбедноста на документите е важен репер во набљудувањето на спроведувањето на безвизниот режим. Но, мислам дека е комплетно прерано да почне да се зборува дали ќе има или не влијание врз безвизниот режим. Ако имате наводи за безбедноста на документи важно е како државата се справува со тоа, како судскиот систем ќе управува и доколку има погрешното постапување да се справи со тоа. Ако има дупки тие да се затворени. Мислам дека тоа е случајот, а не безвизниот режим.

Значи безвизниот режим не е доведен во опасност?

Она што го кажувам е дека во случаи кога имате наводи за погрешно постапување што може на пример да влијае врз визите, важно е самиот систем, судскиот систем да спроведе темелна истрага и кога истрагата е комплетно завршена ако има докази за погрешно постапување тие да бидат спроведени преку судскиот систем.

Амбасадоре, изјавивте дека спроведувањето на пописот е од особена важност и дека не треба да се политизира. Но, пописот е одложен токму со политички договор, а некои политичари ги искористија странските посети да повикуваат попишување на дијаспората. Какви последици сето ова може да има врз процесот?

Пописот е важен процес, бидејќи она што го прави е да произведе демографски информации кои се од витално значење за носењето јавни одлуки надвор од границата и затоа ЕУ секогаш повикуваше пописот да се одржи. Бидејќи Северна Македонија е земја кандидат ние исто така кажавме дека е важно пописот да биде спроведен во согласност со стандардите на Европската Унија. Нашиот Евростат работеше одблиску со Државниот завод за статистика на тоа прашање. Одлуката за да се одложи пописот беше направена врз основа на проценката на ковид ситуацијата и заканата од пандемијата. Има и други земји кои го направија истото и тоа е крајно легитимна одлука за властите кои ја преземаат. Она што е важно е кога пописот ќе се одржи во септември, тој навистина да биде статистичка операција не политичка. Навистина ги охрабрувам сите да се вклучат конструктивно во процесот на тој начин.

ЕУ обезбеди финансиска помош за справување со пандемијата на ковид-19, но доставата на вакцините не е на посакуваното ниво, како што и самиот изјавивте. Кога ковакс механизмот соодветно ќе профункционира?

Ајде пред сè да се вратиме момент наназад и да препознаеме дека е навистина извонредно што во рок од една година беше можно да се развијат неколку ефективни вакцини. Ова секако во никој случај не ги намалуваат некои од тешкотиите во ширењето на вакцините, вклучително и во некои од земјите членки на ЕУ. Ги гледате насловите денеска околу различните вакцини и различните проблеми и предизвици кои што се во тој контекст. Во однос на ковакс механизмот да се потсетиме што тој претставува. Тој е со цел да се осигура дека има еднаков и фер пристап до вакцини за 92 земји со низок и среден приход. Значи целта е да се обезбедат вакцини за тие земји. Јас сум многу задоволен што ЕУ го поддржа толку силно ковакс механизмот. Ние обезбедивме 2,2 милијарди евра за самиот механизам. Ние сме едни од најголемите поддржувачи и преку таа поддршка беше можно за ковакс да преговара и да набави вакцини од производителите. Добрата вест е дека испораката на вакцини преку ковкас веќе започна во Северна Македонија. Северна Македонија е земја која самата плаќа за вакцините. Се надеваме дека нова серија ќе дојде наскоро. Дополнително дозволете да споменам дека ЕУ има сопствен механизам за делење на вакцини и се надеваме дека вакцините ќе станат достапни овде во Северна Македонија од тој механизам во многу скора иднина.

На 19 април во Луксембург ќе се одржи посебна дискусија за европската перспектива на регионот. Но, се губи ли перспективата поради билатерални спорови меѓу државите?

Западен Балкан никогаш не ја напуштил агендата на ЕУ. Тој е врвен приоритет и лидерите на ЕУ постојано ја потврдуваат европската перспективата на Западен Балкан. Западен Балкан е интегрален дел од Европа и неговата иднина лежи во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG