Достапни линкови

И по изборите во Бугарија декларацијата на бугарскиот парламент останува


Избирачки списоци за парламентарните избори во Бугарија кои ќе се одржат на 4 април
Избирачки списоци за парламентарните избори во Бугарија кои ќе се одржат на 4 април

Во недела вкупно 6,732,316 регистрирани избирачи ќе можат да гласаат на парламентарните избори во Бугарија. Бугарите во Македонија, пак, ќе може да го искористат своето право на глас во Скопје, Штип, Охрид, Битола и Струмица.

За гласање на македонска територија се пријавиле 328 луѓе. Според податоците на бугарската Централна изборна комисија, најмногу од пријавените за гласање се од Охрид 99, потоа од Струмица и Штип , во Скопје има 52 пријавени и во Битола 51 регистриран гласач.

Другите Македонци кои имаат право на глас поради поседувањето на бугарски пасош може да гласаат на избирачките места во Бугарија каде што се водат. Според податоците на бугарското Министерство за правда околу 66 000 Македонци во последниве десет години добиле бугарски пасош, а според бугарските закони имаат право на глас.

Но, тамошните избори овој пат не се само интересни за македонската јавност само од аспект на внатрешните политички случувања во таа земја, или пак поради илјадниците македонски државјани кои имаат право на глас и кај источниот сосед, туку и поради тоа што македонската евроинтеграција зависи од идните политики на официјална Софија.

Кои партии ќе влезат?

Откако Бугарија ја блокираше Македонија на патот во Европската унија поради нерешените прашања меѓу двете земји, пред се поврзани со историјата, од македонската влада често сугерират дека ќе ги почека изборите таму за да го види исходот, а дека по нив очекуваат порелаксирана атмосфера.

Според последното истражување на агенциите за испитување на јавното мислење, во тамошниот парламент ќе влезат меѓу четири и седум политички сили, а сите анкети им даваат предност на сега владејачката партија на Бојко Борисов ГЕРБ, а втора е Бугарската социјалистичка партија БСП која ја предводи Корнерлија Нинова.

Досега актуелниот премиер Борисов во односите со Македонија даваше повоздржани изјави, а носители на поострата реторика за спорот беа министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, која е исто од неговата партија ГЕРБ и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, лидер на ВМРО-БНД.

Втората партија според анкетите БСП има став дека Македонија не може да стане членка на Европската унија за сметка на како што рече, бугарските национални интереси. Лидерката Нинова вели дека тие треба да ги заштитат категорично националните интереси.

Нема големи разлики

Всушност сите бугарски партии на прашањето за земјава во предизборните дебати се повикуваат дека нема да има промена на позицијата земајќи предвид дека таа е утврдена во бугарскиот парламент кој во 2019 година усвои декларација со 129 гласа за, четворица против и еден воздржан. На тоа укажува и Симонида Кацарска од Центарот за Европски политики ЕПИ.

„Нема гаранција во однос на тоа дека позициите на новата влада би биле поразлични. Секако би било многу по опортуно ако во новата бугарска влада нема екстремни гласови и ставови во однос на спорот со Македонија меѓутоа мислам дека е рано да ја прејудицираме самата структура на владата“, вели Кацарска за РСЕ.

Екстремниот глас за кој зборува Кацарска, Красимир Каракачанов засега не се знае дали ќе влезе во новиот бугарски парламент. Неговата партија ВМРО-БНД во предизборните спотови често го користи македонското прашање, како на пример европратеникот и негов партиски заменик Ангел Џамбазки кој снимаше спот со пораката Македонија е бугарска, а Бугарија е над се, често зборуваат и дека сегашната владина позиција е нивна заслуга, а дека тие се гарантор дека нема да има попуштање во позициите.

Според испитувањето на јавното мислење на Агенцијата „Маркет линкс“ спроведено од 18 до 25 март ВМРО-БНД останува под цензусот за влез во новиот бугарски Парламент со 3,3 отсто доверба кај гласачите. Според бугарскиот закон за да влезе во Собранието кое има 240 места мора да го исполни цензусот од четири отсто добиени гласови.

И БСП со исти ставови

Според истата анкета по ГЕРБ која би освоила 22,8 отсто од гласовите и БСП која би добила 18, 1 отсто, трета е партијата , „Има таков народ“ на познатиот бугарски шоумен Слави Трифонов, четврта е Движењето за права и слободи и петта Демократска Бугарија. Трифонов неодамна јасно кажа дека неговата партија нема да коалицира со ГЕРБ, БСП и ДПС, а дека можно да е коалицира со Демократска Бугарија и со коалицијата околу платформата на Маја Манолова „Исправи се“.

Партијата на Трифонов пак има доста остри позиции кон македонското прашање. Неговиот личен предлог кон Македонците кои подоцна ги нарече, северномакедонци беше Македонија да ги признае историските бугарски корени, а тие да ја признаат сегашноста- македонскиот јазик и нацијата. Ова е најдобриот предлог кој може да го добијат, наведе Трифунов кој нагласи дека ако земјава не се соочи со историските бугарски корени ќе постои надвор од Европската унија.

ДПС не ја поддржува позицијата на бугарската влада. Според нив Бугарија не требаше да го блокира почетокот на преговорите на земјава со ЕУ, Договорот за пријателство од 2017 година не треба да се изедначува со Договорот од Преспа, а решението на проблемот е во подготовка на патоказ со кој би се решиле спорните прашања меѓу двете држави.

Последната партија која според оваа анкета има можност да влезе во бугарскиот парламент, Демократска Бугарија има поумерен став. Од таму сметаат дека не треба да се потценува прашањето за минатото, но дека во позицијата на власта има проблеми поради тоа што постои голем ризик поради бугарската позиција да се затвори прозорецот за евроинтеграциите на Македонија и Балканот на долг рок и со тоа, сметаат од таму, би се дало огромен историски бонус на оние сили кои иднината ја замислуваат во орбитата на Белград, Москва и Пекинг.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG