Достапни линкови

Добра наука, лош маркетинг? Погрешните чекори околу руската вакцина


Кремљ ја пофали вакцината Спутник V како триумф кога беше одобрена за употреба во Русија во август, прва во светот. Но, дистрибуцијата е опфатена со погрешни чекори во маркетингот и проблеми со производството. Или зошто руската вакцина Спутник V не се користи повеќе? Мајк Екел.

Во јануари, 67 годишниот Василиј Власов се разболел од ковид-19. Тој вели дека имал среќа. Неговите симптоми не беа лоши и немаше долготрајни последици. Власов вели дека може да се вакцинира со руската вакцина Спутник V, првата вакцина против коронавирус во светот, одобрена за употреба од една национална влада. Но, тој не планира да го стори тоа. Зошто? Тој не верува во вакцината.

„Сакам подобро разбирање за ефикасноста и безбедноста на вакцината. За жал, како што одминува времето, имам помала верба во квалитетот на вакцината“, вели Власов, медицински лекар, епидемиолог и истражувач на јавно здравје на Вишото економско училиште во Москва.

Кремљ го поздрави одобрувањето на Спутник во август како триумф. Но, и покрај подоцнежниот позитивен извештај во научното списание „Лансет“, успехот беше замаглен од загриженоста дали не бил избрзан целиот процес од политички причини.

Самата вакцинација во Русија сериозно заостанува во споредба со другите големи индустриски земји. Проблемите со производството исто така ја отежнуваа нејзината употреба внатре и надвор од Русија и го нарушија она што можеше да биде нов успех за рускиот научен потенцијал.

„Ако она што Русија го сакаше беше заслуга за развивањето на една од првите вакцини, подобра стратегија ќе беше транспарентноста од самиот почеток “, рече Џуди Твиг, професор по политички науки на Универзитетот во Вирџинија и експерт за глобални здравствени теми во Русија и Евроазија. „Овде се застрелаа во ногата, а потоа ја протегаа приказната за оваа вакцина во јавноста од самиот почеток“, рече таа за РСЕ.

Рани сомнежи

Објавувајќи го одобрувањето на Спутник V од неговата влада на 11 август, Путин го нарече „прв и многу важен чекор за нашата земја и генерално за целиот свет“. Тој им се заблагодари на научниците вклучени во напорите.

Чешкиот министер за здравство сменет по противењето на руската вакцина

Самата вакцина Спутник V е развиена од еден од најреномираните и најценетите научни институти во Русија: Националниот центар за епидемиологија и микробиологија Гамалеја, во Москва.

Минатата пролет, кога пандемијата се почна да се шири како пожар низ целиот свет, Гамалеја објави дека развила ефикасна вакцина „вектор“, користејќи аденовирус - семејство на вируси кои се познати по тоа што предизвикуваат обична настинка - да ја заврши својата работа.

Аденовирусните вакцини се сметаат за постабилни и не треба да се чуваат на супер-ниски температури. Тоа се споредува со другите големи вакцини што сега се користат низ целиот свет, како што се вакцините на Фајзер-БионТек и Модерна, кои користат малку генетско кодирање за да генерираат одговор на антитела во организмот.

САД препорачуваат „пауза“ за вакцината на „Џонсон и Џонсон“

Другата американска вакцина, развиена од Џонсон и Џонсон, ја користи истата технологија на аденовирус, но бара само една доза. Спротивно на тоа, вакцината на Гамалеја бара две дози, користејќи два одделни аденовируса за да се постигне она што, според некои научници, може да биде супериорен исход, со подобри и подолгорочни резултати.

Но, руската вакцина беше под интензивна контрола од самиот почеток, поради фактот што нејзините промотори го најавуваа како успех, иако не поминала низ типичниот процес со три фрази на клинички тестови и потпирајќи се врз помал број волонтери воен персонал. Русија, исто така, првично не објави целосни групи на податоци од испитувањата, нешто што е стандардна практика.

Во февруари, шест месеци по првичното соопштение, во британското медицинско списание „Лансет“ се појави првата рецензирана студија за Спутник V, во која учествуваа околу 20.000 луѓе во Русија. Студијата откри 91% процент на ефективност, што е споредливо со другите големи вакцини.

Но, странски истражувачи и научници ги доведоа во прашање основните податоци користени во објавените трудови за Спутник V, вклучувајќи ги и, според нив, недоследностите во податоците дадени од фазата I и II на руското клиничко испитување.

„Нашата грижа не е поврзана со начинот на работа во лабораториите, туку како комуницираат што прават: колку се транспарентни, како објавуваат податоци“, вели Енрико Бучи, италијански биохемичар кој предава на Универзитетот Темпл во САД и кој објавувал писма во Лансет во кои се наведуваат недостатоците во руската методологија.

„Ова е навистина важна точка: никој не ја доведува во прашање вештината и интегритетот на руските научници кои беа вклучени и на руските научни институции кои беа вклучени. Никој не ја доведува во прашање научната вештина и интегритет на Гамалеја. Тоа е политика и односи со јавноста, луѓето на повисоки нивоа на организациската шема им прават лошо на оние научници и на тие научни институции со претерување на случајот предвреме“, рече Бучи.

„Најголемо достигнување“

Русија оттогаш одобри уште две вакцини; EpiVacCorona беше одобрена со многу помалку фанфари во октомври. Но, Спутник V освои огромен дел на вниманието на јавноста, главно заради маркетингот и промоцијата на рускиот фонд за директни инвестиции.

Зошто е тешко да се споредат вакцините против КОВИД-19?

Рускиот Фонд за директни инвестиции сними видео што ја постави директната линија меѓу вакцината и советскиот пионерскиот сателит кој прв орбитираше околу Земјата во 1957 година.

Фондот, исто така, користеше профил на Твитер за да ја промовира вакцината и да ги пофали земјите што ја одобрија неговата употреба - но исто така и да им се потсмева на другите вакцини и да потенцираат несакани компликации, како што е паузата на АстраЗенека во Европа поради загриженост за згрутчување на крвта. Подоцна ова беше расчистено од европските регулатори.

Се верува дека извршниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев има блиски врски со Кремљ, а неговата сопруга, наводно, имала блиски односи со една од ќерките на Путин.

На состанокот со Путин на 2 април, Дмитриев повторно ја возвиши вакцината, нарекувајќи ја „навистина најголемото достигнување на руската наука“ и рече дека тоа е „признаено од целиот свет“.

Надвор од Русија, околу 40 земји ја користат или планираат да започнат да ја користат оваа вакцина. Во Европската унија, каде регулаторите побараа од Русија повеќе податоци за клиничките испитувања, само Унгарија отиде напред и започна да ги користи.

Другите земји, вклучувајќи ги Чешката Република и Словачка, фрустрирани од бавното темпо на вакцинација на ЕУ, исто така најавија набавка на Спутник. Слично направи германската сојузна држава Баварија.

Но, тоа беше заматено од прашања на европски официјални лица, вклучително и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој минатиот месец се сомневаше во мотивите на Русија за промовирање на Спутник V, велејќи дека Москва ги организирала обидите за широко рекламирање за набавка на вакцината во странство.

Договорот на Словачка за набавка на вакцината се сметаше за уште едно одобрување за Спутник. Но, подоцна се покажа дека станува збор за таен договор потпишан од тогашниот премиер Игор Матович, кој подоцна беше принуден да се повлече по барање на владините коалициски партнери загрижени за руското влијание.

Словачка и Русија во спор околу Спутник V

Неколку недели подоцна, словачкиот регулатор на лекови јавно ја доведе во прашање руската вакцина и посочи дека може да има сериозни проблеми со квалитетот при нејзиното производство. Агенцијата исто така рече дека нејзините дози на руски вакцини кои биле доставени се чини дека се различни од оние што ги прегледал Лансет.

Тоа предизвика низа објави на Твитер, управуван од Рускиот фонд за директни инвестиции. „Договорите за вакцини честопати се заштитени од очите на јавноста, рече Бучи; Словачка со Спутник не беше исклучок. Проблемот беше што беше потпишан пред некој да се согласи за тоа“, рече Бучи.

Производствени проблеми

Другото прашање што ги замаглува успесите на Спутник V е производството. Експертите велат дека Русија нема способност да го зголеми производството, да ги исполни и националните барања за вакцинирање на руското население, но и да ги исполни странските нарачки, а тоа резултираше со недостиг во снабдувањето.

Тоа резултираше и со невообичаена ситуација Русија да мора да ја увезува својата вакцина од странски производители, кои ги вклучуваат Индија и Јужна Кореја. Всушност, Русија не е лидер во стапките на вакцинација. И покрај четиримесечниот скок на напорите за вакцинација на другите земји, Русија од првата недела во април даде барем една доза на вакцина на само околу 6 проценти од нејзината популација.

За споредба, повеќе од 48 проценти од населението во Британија добиле барем една доза; во САД, бројката е 37 проценти; во Германија и Франција, процентот е околу 15 проценти.

„Главниот фактор е производството: очајно им е потребно да го зголемат производството и за мене и за другите е нејасно дали можат да го поправат ова“, рече Бучи.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Русите се длабоко скептични кон вакцините воопшто; дури 60 проценти од населението.

Исто така, за разлика од агресивниот маркетинг на рускиот Фонд за директни инвестиции надвор од Русија, има малку знаци на масовен маркетинг во Русија; се појавија неколку билборди во некои руски градови, на кои има фотографии од лекари кои ги охрабруваат Русите да се вакцинираат.

Со оглед на контролата на Кремљ врз доминантните ТВ-канали и неговото влијание врз големите национални публикации, недостатокот на концентрирана национална рекламна кампања ги збуни набљудувачите.

Исто како и неподготвеноста на Путин да ја добие вакцината јавно што е лесен начин за промовирање на вакцинацијата. Власов додава дека дури и да имаше концентрирана маркетинг кампања во Русија, веројатно тешко ќе имаше поголема вакцинација.

„Општо, Русите не ѝ веруваат на владата, не им веруваат на државните институции. Според мене, тоа е главната причина за неприфаќање на вакцините“, заклучува Власов.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG