Достапни линкови

Мерките или ги нема или не се почитуваат, британскиот сој во полн замав


Ковид-19 центар во Скопје
Ковид-19 центар во Скопје

Кафулињата треба да се затворат, смета професорот Никола Пановски. Според него, тоа би било обид да се спасат болничките капацитети, а кога ќе почне масовната вакцинација, тогаш со затворањата ќе се спасуваат животи. Според матичната лекарка Лилјана Којиќ, овој бран е поинаков од претходните два.

Носење маска на јавни места од отворен и затворен тип, забрана за собирање на повеќе од четворица, полициски час од 22 до пет часот наутро и вкупно 76 протоколи за оние кои работат во време на пандемија- од игротеки, базени, јавен превоз, ресторани, кафулиња итн. Ова се мерките кои ги спроведува државата додека е во третиот бран на ширењето на Ковид 19. Мислењата дали се доволни и каде е проблемот дали во мерките или во нивното спроведување остануваат поделени.

Според професорот, микробиологот Никола Пановски во оваа ситуација треба да се преземат дополнителни мерки особено за угостителскиот сектор, оти како очевидец вели дека забележува оти не се почитуваат- на масите има и повеќе од четворица како што дозволено, а дистанца меѓу масите нема. Па од тука вели докторот и смешни изгледаат другите мерки, ако веќе се дозволува во затворен простор да се собираат повеќе од 50 луѓе во период во кој британскиот сој на Ковид 19 многу брзо се шири.

„Да сум јас во комисијата за заразни болести би го предложил тоа, а владата нека си ја чука главата. Не може доктори да предлагаат дека не треба мерки. Здравствената комисија нека предлага научни епидемиолошки податоци. Владата нека ги одбие, нека каже дека затворањето на тие објекти ќе донесе економска штета, дека ќе има протести и така натаму. Комисијата не предлага ништо без да има согласност од владата. Дали еднаш или два пати во оваа една година предложила нешто, а владата да не го прифати“, вели Пановски.

Полицискиот час од 22 часот почна да се спроведува од 10 март, а Комисијата за заразни болести оваа недела одлучи да не воведува нови мерки туку да ги чека ефектите од оваа забрана за движење.

Поголем проблем непочитување на мерките

Истовремено, две соседни земји, Србија и Бугарија одлучија да затворат се, освен неопходните дејности. Од понеделник, во следните десет дена во соседна нема да работат трговските центри, кафулињата, рестораните, градинките, универзитетите, фитнес салите, базените, спортските сали, кината, музеите и театрите. Во затворените трговски центри ќе работат само продавниците за храна, аптеките, банките и продавниците на мобилните оператори. Сместените во хотелите ќе добиваат храна во соби, а забрането е собирање на повеќе од 15 луѓе на домашни прослави на затворено и секакво организирање на настани.

И во Србија се слични мерките. Од 16 март во следните пет дена работат само продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи. По истекот на тие пет дена ќе се види дали мерките дале резултат.

Лилјана Којиќ е матична лекарка во Скопје, град кој во последниве денови има околу 600 новозаразени дневно. Нејзе овој бран и изгледа посериозно од претходните два, а додава и дека има доста заразени деца.

„Локдауните и карантините се непопуларни мерки, а и се со ограничени ефекти. Во Србија има резон да се направи тоа бидејќи се спроведува масовна вакцинација и локдаунот е за да се засили ефектот од вакцинацијата. Бугарија исто, повеќе вакцинира од кај нас, така што таа мерка има логика кај тие што вакцинираат. Истото беше и во Британија и во Израел. Мерките кај нас сами по себе не се лошо осмислени меѓутоа прашање е колку се придржуваме до нив и колку има контрола врз придржувањето“, вели доктор Којиќ.

Доктор Којиќ- овој Ковид бран изгледа посериозно од претходните
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:48 0:00
Директен линк

Затворање за спасување на болници, не на животи

Според професорот Пановски затворањето на угостителските објекти во Македонија воо услови кога е почната вакцинацијата само за здравствените работници ќе има ефект врз намалување на притисокот врз болниците.

„Според мене, би требало да има затворање на објектите, а луѓето да се пуштат да шетаат, нормално без да се групираат и краткорочно, за викенди, за да се спасат болниците од наплив, а после кога ќе дојде вакцината да се спасат и животи, бидејќи ова би било само одложување, но одложување со цел напливот во болниците да биде намален“, вели Пановски.

Во меѓувреме, и Лекарската комора побара од Комисијата за заразни болести да воведе дополнителни рестриктивни мерки и протоколи поради брзото ширење на ковид-19, иако, како што наведоа, се свесни за фактот дека тие мерки се непопуларни, но сепак потребни. Од таму наведоа дека во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје сметаат дека нивното воведување е повеќе од потребно.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG