Достапни линкови

Антикорупциска: Обвинителство ни ги отфрла пријавите за сомнежи за корупција


Отфрлањето на кривичните пријави на Антикорупциската комисија за основано сомнение за корупција од страна на Обвинителството е честа појава, вели претседателската на ДКСК Билјана Ивановска. Според неа, точките и запирките кои ги гледаат Обвинителите влијае негативно на поголемата слика.

Кривична пријава против градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски кој си го вработил внукот во општината, Кривична пријава за ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски дека не го ставил во мирување работното место на Клиниката за дигестивна хирургија. Кривична пријава против градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети поради злоупотреба на службена должност и несовесно работење кое се однесува на дивите платформи на Матка. Ова се само дел од кривичните пријави за кои Антикорупциската комисија тврди дека има сомнеж за корупција и кривично дело.

Но, Јавното обвинителство не се согласува со тоа, и ги отфрлиле. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска во интервју за Радио Слободна Евроопа кое в целост ќе биде објавено в недела вели дека ова е честа ситуација.

„Ни ја отфрлија и иницијативата за Матка со образложение дека наводно градоначалникот постапил по насоките на управниот инспекторат и дал насока за неприфаќање на барањата за легализација. Добро ако е така, зошто платформите се уште стојат. Ние иницијативата ја поднесовме поради тоа што градоначалникот со своето неодговарање му овозможил на лицето обезбедување на материјална корист и се уште му овозможува. Меѓутоа, тоа за обвинителството е пријава која треба да се отфрли,“ вели Ивановска.

Обвинителството во соопштението објавено во јуни минатата година наведе дека ги отфрла иницијативите затоа што општината Сарај распишала тендер за уривање на овие објекти но никој не се пријавил, па побарала и помош од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

„Во случајот, градоначалникот во рамките на своите надлежности, спровел процедури согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти и донел негативни решенија по барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка. Постапката, согласно закон, продолжува во Министерството за транспорт и врски, а потоа и пред Управен суд. Со своето постапување пријавениот не прибавил противправна имотна корист за себе или за друг, ниту причинил штета за кој било субјект,“ се вели во соопштението.

Но, само четири месеци подоцна Обвинителството покренало обвинение против двајца жители на Глумово за узурпација на недвижности во врска со дивите платформи на кањонот Матка, за што можната казна е парична или до максимални три години казна затвор.

Во меѓувреме, дивите платформи и натаму постојат во Кањонот Матка.

Ивановска вели дека случајот со дивите платформи на кањонот Матка е класичен пример за системските слабости во земјава.

„Мислам дека кога се сака се се може, таму се повеќе институциии кои може да настапат во Матка. Имаме чамци што пловат, каде е министерството за транспорт за врски, дали им издал одобренија, ако не издал зошто дозволува да пловат. Не е дека не може. Каде е министерството за животна средина кое требаше да има направено закон за споменици на природата уште во јуни 2019 година. Сега сме март 2021 година. Каде е законот да се уредат работите за тоа подрачје конректно. Значи не е дека не може, работата е се сака или не се сака“ вели таа.

Како причина зошто тоа се случува, Ивановска вели дека од Обвинителите добиле објаснување дека нема место за јавнообвинителска одлука затоа што може и точката и запираката да променат многу, што за неа е штетно во контекст на поголемата слика.

Поранешниот прв обвинител Јово Трпеновски вели дека е неопходна подобра и почеста комуникација меѓу Обвинителството и Антикорупцуската комисија, особено во делот на тоа кои се критериумите за тоа што се третира како кривично дело. Тој вели дека не може генерално да се каже дека Обвинителството има одбивност кон Антокорупциската комисија.

„Но, можам да забележам за еден период од изминативе 20 години, дека веднаш кога има откритие за незаконитост се класифицира како корупција, како тежок криминал. Но, мора да се види која е последицата од делото, се бара причинаска врска на дејствието кое го презел како злоупотреба на службена должнос до последицата од на пример непостапување по одредено дело“ вели Трпеновски.

Обвинителството не е единствено во отфрлањето на иницијативите на Антикорупциската комисија. Според минатогодишната статистика на Комисијата, властите прифатиле помалку од една третина од нивните иницијативи. Антикорупционерите поднесувале иницијативи за разрешување на директори или други именувани функционери поради непрописно работење, но властите или ги отфрлаат нивните иницијативи и им одговараат дека нивните наводи не се точни, или не им одговараат на барањата.

Имено, Северна Македонија годинава е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG