Владата најави „широк фронт за конечно средување на земјата“ со дигитализација, инвестиции во делот на инспекторатите, транспарентност на институциите, особено општините, реформи во администрација, во јавните набавки. Во најавата посочија дека планот го правеле со помош на невладиниот сектор.
Имено, Северна Македонија годинава е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.
Но, институциите кои што се борат со коруцијата извесно време алармираат дека им се потребни повеќе пари, опрема, нови простории за опремата која веќе ја имаат, повеќе обучен кадар. Буџетот за 2021 година тоа не го предвидува во целост. Во него има одвоено малку повеќе пари од лани за борба против корупцијата, кои не се доволни за потребите на институциите.
На пример, во буџетот за Управата за финансиска полиција се одвоени 912 илјади евра, што е за илјада евра помалку од лани. Директорот на Управата Арафат Муареми вели дека како институција го даваат својот максимум, но работат со ограничени капацитети, односно со недоволно пари, кадар и простор. Неодамна, пред снимањето на интервјуто со него, екипата на Радио Слободна Европа беше сведок на кофи поставени во ходници поради поплава која настанала од клима уредите при малку посилен дожд. Дополнително канцелариите на последниот кат имаа прозорци чија основа е на ниво на подот и завршува во висина на колено.
„Знаете и самите дека имаме проблем моментално со просториите. И од ЕУ и од Владата ни дадоа неколку насоки за да имплементираме некои реформи кои што се предвидени во правосудството. Тоа ние не можеме да го имплементираме бидејќи не ги исполнуваме одредени безбедносни стандарди со овие простории, за да ги имплементираме тие реформи. За таа работа е известена и Владата неколку пати од наша страна и очекуваме да ни излезе пресрет и со нови простории, но и со буџетски средства за да се поддржат институциите кои се во прва линија во борбата против корупцијата“, изјави Муареми неодамна во интервју за Радио Слободна Европа.
За Управата за финансиско разузнавање годинава во буџетот се одвоени половина милион евра за борба против криминалот. Од нив речиси 380 илјади евра се наменети за плати. Според правилникот за работа, објавен на нивната веб стран, а од потребните по систематизација 50 вработени, располагаат само со 33 вработени.
Годинава повеќе пари во буџетот се предвидени за Антикорупицската комисија, но речиси половина од нив се однесуваат на плати и надоместоци. Во ланскиот буџет им биде определени 600 илјади евра, додека годинава им се предвидени речиси милион евра. Парите потребни за работа се само еден дел од проблемот со кој се соочува Комисијата. Во моментов таа располага со една третина од предвидениот кадар за работа. Според систематизацијата за работа на ДКСК, но и според овластувањата и обемот на работата, на Антикорупција и се потребни 60 вработени.
Неодамна претседателката на комисијата Билјана Ивановска изјави дека „рамковно вработените“ кои беа распределени на работни позиции во Комсијата не одговараат во целост со реалните потреби на институцијата.
„Додека ние не најдеме начин што да правиме, ќе ни биде товар. И сега тоа дополнително ќе ни одзема време, понатаму треба да размислуваме дали ќе ни дозволат да ја зголемиме систематизацијата, оти претходно ни кажаа никако, до тука и толку. Ние на пример сакаме 100 луѓе да имаме, ама ни кажаа не може, по закон за административни ни рекоа максимум до 60. И ние застанавме кај 60“, вели Ивановска.
Таа додава дека тоа е исто со оние вработувања кои ги откриваше Антикорупциска комисија за непотизам кога наменски се менуваа систематизации.
„Истиот случај е, политички одлуки кои што не тргнуваат од потребите на институциите туку од желбата некој да се вработи некаде. Тоа е далеку од фер конкуренција и од јавни огласи на кои може да се искристализира најдобриот квалитет“, објаснува Ивановска.
Недостаток од кадар има и Државниот завод за ревизија кој според систематизацијата треба да има 168 вработени, но засега има околу 100. Овогодишниот буџет на оваа институција изнесува 1.8 милиони евра, што е за 160 илјади евра повеќе од лани. За плати и надоместои државниот ревизор годинава треба да одвои 1,4 милиони евра, што значи дека му остануваат само 400 илјади евра за други трошоци. На пример годинава се предвидени 32 илјади евра за нова опрема. Останатите пари кои изнесуваат околу 30 илјади евра месечно се наменети за комунални услуги, редовни поправки и оддржување на новата зграда која има многу проблеми и неправилности во изведбата и изградбата.
За Јавното обвинителство под чија капа се сите обвинителства во земјава годинава се определени 9,2 милиони евра што е за 172 илјади евра повеќе од лани. Но, и годинава од тие пари 6,3 милиони евра се наменети за плати и надоместоци. Од вкупниот обвинителски буџет за Основното јавно обвинителство се предвидени 2,9 милиони евра, а за Обвинителството кое има задача да гони организиран криминал се определени 1,3 милиони евра.
За споредба во 2015 година кога се формираше Специјалното јавно обвинителство неговиот буџет изнесуваше 10 пати повеќе од тој на Обвинителството за организиран криминал во тој период. За опрема и ресурси за работа обвинителите во СЈО кои во тој период додека функционираше покренаа речиси 20 обвиненија за поранешни високи функционери, располагаше со 3,7 милиони евра годишно. Додека функционираше СЈО броеше 90 вработени, од кои само 13 обвинители. Новинарското истражување кое е дел од проект на УСАИД за јакнење на капацитетите во борба против корупција покажува дека е лоша состојбата во сите Обвинителства во земјава. Според истражувањето, во Македонија има околку 170 јавни обвинители, додека по систематизацијата треба да бидат најмалку 220. Дополнително во Обвинителството недостасуваат и истражните центри кои треба да преземат дополнителен кадар со полициски овластувања кои ќе им помагаат на обвинителите околу истрагите.
„Но, во изминативе 10-тина години откако е донесен овој закон, овие центри никако да профункционираат“, се вели во истражувањето.
Во националната стратегија за борба против корупцијата 2021-2025 се нотирани многу недостатоци во системот кој што треба да се променат. Квалификувани и обучени кадри, механизми за контрола на институциите, повеќе инспектори и обвинители, но и повеќе пари за квалитетни истраги, ревизии и вештачења се клучните приоритети за вистинска борба против корупцијата е заклучокот од стратегијата. Но, тоа е ставено на чекање веќе неколку месеци, затоа што за да воопшто дојде на ред нејзиното спроведување, пратениците во Собранието треба да ја изгласаат.