Достапни линкови

Во Битола натегања околу помошта за Глобал место за Копанки


Копанки, Пелистер.
Копанки, Пелистер.

Општина Битола има пари да донира за изгорениот „Глобал“ во Струмица, а нема за изгорениот „Копанки“ на Пелистер, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на Советот да додели 150 илјади денари како помош за санирање на штетите во трговскиот центар. Градоначалничката Наташа Петровска возврати дека Општината во повеќе наврати ја докажала својата хуманост, а за обнова на Копанки не им требаат донации зашто ќе го подигнат целосно со општински пари.


Методија Илиевски, координатор на советниците од СДСМ вели дека помошта на „Глобал“ е хуман чин. „Од ставката ререрви Општина Битола ќе издвои 150 000 денари кои ќе бидат испратени како помош за трговскиот центар Глобал. Тоа е знак на солидарност и треба да помагаме онаму каде што можеме“, рече Илиевски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека за локалната власт кога е „Копанки“ во прашање тогаш е спорно што тој е на здружение граѓани, а кога станува збор за струмички „Глобал" тогаш не е спорно што истиот е приватна сопственост.

„Наместо финансиски да го изградат и поддржат планинарскиот дом Копанки, тие бесрамно донесоа одлука финансиски да го поддржат трговскиот центар Глобал кој е во приватна сопственост“, вели Александар Ивановски на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ возвратија дека ВМРО – ДПМНЕ се грижи за „Копанки“ само кога е во опозиција. Потсетуваат дека домот изгоре во 2013 година, а тогашната локална власт предводена од Владимир Талески тврдеше дека ќе го реконструира, но пред се треба да се легализираа процесот траеше со години. Во меѓувреме беше најавено дека се собираат донации, но не го обновија.

Изгаснат пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица
Изгаснат пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека карактерот на хуманост на Општина Битола е покажан во повеќе наврати, давале донации при поплавите во Албанија и други несреќи кои се случувале, па овој пат одлучиле да им помогнат на граѓаните од Струмица.

„Никогаш не сме кажале дека пари за Копанки нема, меѓутоа за мене е смешно да говориме за донација за наш објект, објект на битолчани кој што бил изграден врз државно земјиште. „Копанки“ Општина Битола ќе го изгради со сопствени средства како сопствен објект, а не по пат на донација, особено имајќи ги сите докази на сите злоупотреби кои што биле направени во минатото и за кои што треба судските истанци да ја дадат својата разрешница“, рече Петровска.

Претходната локална власт го легализираше домот, а сопственоста ја даде на планинарското здружение. Општината уште пред две години соопшти дека ќе обезбеди средства за обнова на домот, но ако Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ кој се води како сопственик им го отстапи, зашто не можат да инвестираат на туѓ имот. Планинарите соопштија дека нема да го дадат имотот и започнаа со одредени активности за реконструкција, но не успеаја да го обноват. Општина Битола ја одзеде сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ на планинарскиот клуб и ја пренесе на државата, со образложение дека поранешниот градоначалник Владимир Талески со ваквата легализација ја злоупотребил службената положба и донел правно неиздржан акт. На ова следуваа жалби, а Управниот суд одлучи дека неоснована е тужбата на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“. Сега „Пелистер“ има право на жалба до Вишиот управен суд.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG