Достапни линкови

Мирко Попов: Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството


 Мирко Попов, ди-џеј, радио-водител, уредник, издавач, пејач и гласноговорник на ПМГ
Мирко Попов, ди-џеј, радио-водител, уредник, издавач, пејач и гласноговорник на ПМГ

Ако идејата беше да се испише некоја нова и добра приказна Мирко Попов и „браќата“ по емоција и акција од ПМГ тоа деновиве го живеат. Потпишуваат три концерти во три недели во МКЦ, а деветтиот нивни албум „Fraternite“, најсериозното издание досега, полека го освојува и соседството.

Со над 200 изданија за издавачката етикета ПМГ и безброј концерти и настапи, 22 сериозни џез објави за ПМГЏЕЗ, фестивалот „Крај Вардарот Џез“ како нивни годишен манифест, девет албуми на своите ПМГ КОЛЕКТИВ од кои штотуку промовираниот „Fraternite“ одлично минува во регионот... Мирко Попов, ди-џејот, радио-водителот, своевремено еден од препознатливите гласови на Канал 103 и идејниот творец и соничниот двигател на оваа (суб)културна мисија, едноставно поодамна е во првите борбени редови на македонската урбана револуција. Брз на мисла, решителен и смел во одлуката на вистината да и се погледне во очи колку таа понекогаш и да боли, или некого да „навредува“, тој со искуството собрано през годините ја продолжува битката за Скопје како метропола, а не како балканска паланка што конечно би се задушила во сопствената смрдеа, политиканство и без идејност.

Дискографската куќа ПМГ ЏЕЗ во наредниве три недели ќе реализира серија од три промотивни концерти во МКЦ. Најнапред Јордан Костов Квинтет ќе го промовира актуелниот албум „Come Back”, потем пијанистот Дино Имери својот „Reflections“ и конечно својот првенец ќе го претстави триото на џез гитаристот Филип Букршлиев. На што се должи ваквата засилена активност?

- Нашата издавачка дејност се одвива непречено, пред се поради стабилниот доток на квалитетни албуми кои ги испорачуваат нашите соработници. Мислам дека со сериозна работа, успеавме конструктивно да предизвикаме една мошне креативна група луѓе, засилено да создава музика, со нескриена желба таа музика да биде издадена и достојно промовирана. Таков ефект има активноста на ПМГЏЕЗ и особено сум задоволен дека тоа е така. Се работи за некои од најквалитетните и најталентирани музичари со кои соработуваме и секако уживаме во таа соработка. Концертната активност претрпе силен удар и речиси замре, долж пандемијата која беснее наоколу. Чувството е како да сме десеткувани, како да не ја вршиме достојно својата работа. Се јави една чудна празнина. Оттаму решивме да се активираме, без разлика на потешкотиите и откажувањата кои мораме да ги поднесеме за да организираме концерт. Сите овие три концерти, на респектабилните Јордан Костов Квинтет, Дино Имери и Филип Букршлиев Трио, се промотивни настани за рецентни изданија за ПМГЏЕЗ. Се работи за сосем нови, свежи парчиња музика. Е сега не можеме да бидеме домаќини на повеќе од 70 посетители, мораме да почнеме рано, во 20 часот и да не траеме предолго... но еј! Ќе имаме неколку концерти. Звучи помалку неверојатно, но мораме да имаме концерти. Мораме да се бориме за секој милиметар на нормалноста. Пред се психички ни е неопходна таа борба. А и музиката. Музиката ни е неопходна.

Со дваесеттина одлични изданија во својот каталог и бендови и артисти како СЕТСТАТ, СВЕТЛОСТ, Александар Пејовски, ЈОРДАН КОСТОВ КВИНТЕТ, Дино Имери ... згора една несомнено историска компилација на винил, ПМГ ЏЕЗ за релативно кратко време не само што ја оправда својата мисија туку и се избори за свое посебно место во скоро до вчера релативно скромната домашна понуда на импровизирана музика. Тоа ли беше основната идеја со која се влезе во ваквата авантура?

- Ние сме извонредни познавачи на музичката и секако на џез сцената кај нас и веднаш знаевме дека таа има многу што да понуди. Во исто време, јасно ни беше дека и покрај бучавата која редовно се дига околу џез музиката кај нас, речиси никој сериозно не се занимава со пронаоѓање, издавање и промовирање на домашните артисти. Бевме свесни дека земјава располага со извонредно талентирани млади (и не само млади) артисти, кои за жал се главно потценети и маргинализирани. Во Македонија, секогаш се е подредено на некаква еуфорија и парадирање на скапи странци. Слабо го цениме своето, уште помалку вложуваме во него. Моето искуство со ПМГ Рекордингс (200 изданија и не знам колку концерти/фестивали/промоции) и љубовта вложена во домашната сцена, беше повеќе од солидна основа за решителен почеток на авантурата наречена ПМГЏЕЗ. Експертизата и авторитетот на господинот Дробицки беа од непроценливо значење, а нашата заедничка, искрена и длабока посветеност на квалитетната музика е пресудна за успехот, кој сметам дека несомнено го постигнавме за релативно кратко време. Идејата беше секако да направиме нешто квалитетно, кое пред се ќе ни се допаѓа нам. Да поттикнеме движење, комуникација, соработка и конечно производ, сцена... некоја добра приказна. Се разбира не спиеме на попатните успеси. Сакаме да траеме и да создаваме квалитетни производи во континуитет. Тоа е добро за сите.

Кој е принципот на кој ги одбирате артистите и бендовите со кои соработувате и чии изданија ги потпишувате како издавачи. Што е притоа основниот императив за соработка оти овде „комерцијалните ефекти“ отсекогаш се само мисловна именка?

- Императивот е квалитетна музика. За така мала средина, со толку малку финансиски потенцијал, располагаме со неверојатен талент, но и љубопитност за креација на музика. Просто е неверојатно колку се луѓето инспирирани, позитивно музички на електризирани и имаат потреба да се изразат. Изобилство на разноликост и сосем неочекувани сонични правци и задоволства. Човечкиот потенцијал знае да биде пресуден. Не само потенцијалот за создавање музика интересна за поддршка, туку и потенцијалот за меѓусебна соработка. Гледаме во перспектива. Посакуваме, па и се дрзнуваме да планираме развој. Се обидуваме да се опкружиме со луѓе кои размислуваат на ваков начин. Фразата „комерцијални ефекти” звучи како научна фантастика тука. Дискографска индустрија не постои, постојат ентузијасти и визионери и само од нив денес зависи постењето на современата автентична македонска култура. Ни се живее поубаво, по секоја цена.

Владан Дробицки

Целата приказна е заокружена со одличното прво издание на КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ. Со минатогодишното „пандемиско“ искуство зад себе како натаму со овој Фестивал? Кон што се стремите со ова манифестација?

- „Крај Вардарот Џез“ е нашиот годишен манифест. Демонстрација на сработеното и квалитетот со кој располагаме во моментот. Фестивал на кој ја изнесуваме највозбудливата музика која не опкружува во моментот. Најубавото лице на домашната џез сцена. Минатата пандемиска година, нашиот фестивал, без претерување, беше еден од најубавите и нај позитивни настани што воопшто се случија. Тоа дефинитивно не е само мое мислење. Планираме да градиме врз прекрасната атмосфера од првото издание. Сонуваме да ги поставиме македонските артисти на што поквалитетна сцена и да бидат видени од што е можно поголема публика. Можеби и да донесеме некои од највозбудливите нови светски џез имиња, како би можеле да ги видиме рамо до рамо со нашите. „Крај Вардарот Џез“ го гледам како едно од волшебните музички катчиња на овој град, со потенцијал да остави траен белег на музичкото живеење кај нас. Најтешкиот дел секако се финансиите кои треба да ни обезбедат опстанок и развој, а штотуку бевме одбиени од нашето Министерство за култура, кое евидентно смета дека нашата работа не е вредна за поддршка. Во година кога се виси на конец, а никако не можете да сметате на наплаќање билети, тоа е рамно на убиство. Но секој ден е нова борба. Голема борба ќе биде оваа година, не само за нас.

Во сето ова еден човек со габарит и искуство како Владан Дробицки, тромбонистот и лидерот на СЕТСТАТ, е особено значаен. Претпоставувам дека вашата заедничка сторија почна со „Се плашам од Македонци“ и дека потем разбирливо прогресираше до ПМГ ЏЕЗ, оние 22 сериозни џез објави, фестивалот„ Крај Вардарот џез“, истоимената компилација ...и сега до член на братството ПМГ КОЛЕКТИВ кое го потпишува „Fraternite“ Станува збор за творечко препознавање или за креативен спој на немирни духови кој почива исклучиво на ентузијазам?

- Мислам дека се препознавме и најдовме заеднички именител во чистата љубов кон музиката. Ретко се среќава некој кој толку многу и продлабочено го интересира самата суштина на оваа работа. Освен што е извонреден професионалец, господинот Дробицки има неверојатно чесен пристап кон музиката, што мене ме воодушевува. Покрај здравиот професионален и приватен однос, патем развивме и неверојатно висок степен на креативна размена. Неговото влијание врз мојата (нашата) работа е суштинско за мојот музички развој во последниве години, а ќе се осмелам да кажам дека и тој самиот трпи повратно влијание. Доаѓаме од навидум различни музички агли, но припаѓаме на македонската музичка сцена, искусни сме и можеме многу да дадеме. Сето тоа не обединува и дава очигледни резултати. Освен соработката во заедничката дискографска куќа ПМГЏЕЗ, тука е и работата на повеќе заеднички проекти. Веќе не се знае кој во чиј бенд е, секој свири и работи во сечиј проект, а постојано смислуваме и нови. Работиме заедно и создаваме квалитет и тоа се гледа. Искрено не би можел да посакам повеќе од еден соработник.

А, кога го споменуваме деветтиот албум „Fraternite“ чија промоција се одвива паралелно со сето набројано, материјалот за него настана во едно чудно за сите нас досега непознато време, „пандемиско“ време. Време кога неминовно бевме приморани да се свртиме кон себе? Колку притоа еволуираше ПМГ КОЛЕКТИВ, Мирко Попов, Синиша Ефтимов и другарите ... а да не изгубат од бележаната препознатливост?

- „Fraternite“, деветтиот ПМГ Колектив албум, на кој започнавме да работиме уште во 2019-та, со намера звучно да ја спакуваме љубовта и топлината на пријателството кое не држи заедно сите овие децении, наспроти општата, глобална и непосредна закана. Во 2020-та таа закана доби и мошне конкретно лице, па промислувањето на албумот стана позгуснато и попродлабочено. Со оглед на тоа дека бевме подготвени за промена на звукот на бендот (отсекогаш сме биле за промена и авантура), не брзавме со реализацијата, решени да ги истераме музичкиот и продукцискиот дел до некаков најсофистициран можен крај. На „Fraternite“ в компониравме модерен хип/хоп/трап/електро бит со џез пристап и дувачи. Згора на тоа, секако и редовната ПМГК реторика, овој пат украсена со речиси шлагерски рефрени. Владан Дробицки, во бравурозен манир, ги сработе брас аранжманите и го мина со нас буквално секој милиметар од развојот на плочата. Ми се чини дека толку внимание, преработување и доработување не е вложено во ниеден наш албум досега, што се забележува. Ова е најзрелиот, ако не и најдобриот ПМГК албум досега, што воопшто не е случајно. Мислам дека отидовме неколку нивоа погоре како музичари и професионалци. Среќен сум што еден потесен дел на култивирана публика го препознава тоа. Албумот минатата сабота го промовиравме и сега може да се слуша преку реномираната светска музичка платформа Бенд кемп. Потоа следи и винил издание и секако концерт, за кој подготвуваме малку проширен состав на бендот, можеби еден мал ПМГ КОЛЕКТИВ ОРКЕСТАР. Ќе видиме.

Како вие лично сега кога ја заокруживте „Fraternite“ ја доживувате сторијата за него. Колку сте подготвени за еден исчекор погоре иако несомнено е дека сте задоволни од досега стореното и велите дека ова е „најзрелото остварување досега“?

- Сосем задоволни, успеваме да украдеме понекој слободен миг дури и да уживаме во резултатот. Неверојатно е чувството кога слушате ваша музика, ја споредувате со врвните светски остварувања (како и секогаш) и не само што не ве нервира, туку и ви годи. Од друга страна, во мигот кога ќе завршите нешто, веднаш испливуваат „слабите страни”, одредени недостатоци, или можеби не совршености. Токму тоа се случува во моментов: ги регистрираме тие критични точки и размислуваме за развој на звукот на следната ПМГК плоча, за која базично песните се веќе напишани, а основните идејни параметри веќе поставени. Квалитетот до кој стигнавме, сега е само основа за подигање на амбициите за следниот период на бендот. Размислуваме за проширување на свирачкиот потенцијал, особено за живите настапи. Сонуваме, планираме. Со насмевка на лицето и верба во поволната поставеност на ѕвездите, одиме на следното, 10-то ниво.

Со што или со кои други изданија ќе биде следена оваа плоча? Ова не случајно го прашувам знаејќи дека во вашиот табор се и АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ, феноменалниот Мухамед Ибрахими... Пари знаеме нема и веројатно нема да ги има, но инаетот е голем, нели?

- Александар Велики го издаде својот втор албум пред само неколку месеци, но веќе работи на нов сингл, или можеби ЕП. Со Мухамед Ибрахими размислуваме за поголем концерт, но сето тоа моментално е во „чекална„ со оглед на околностите. Винил издание „Ние сме Скопје“ со комплетно нови видувања на легендарната песна, седи дома и очекува промоција, која се надевам еден убав сончев ден и ќе се случи. Планираме албум со еден од најинтересните бендови на нашата сцена во моментов, ИСКРА. Блекстејт, т.е. Фиц од НОВИОТ ПОЧЕТОК подготвува ново издание. Владан Дробицки заедно со Марија Каева ќе изненадат наскоро со електро-поп албумче. Подготвуваме компилација со музика за деца, која ќе излезе заедно со книгата „Розевата планета“, каде јас се јавувам како автор, заедно со нашата уметница Нита Муча. Тоа е што се однесува до ПМГ Рекордингс. ПМГ ЏЕЗ ќе биде не помалку „хектична“. Следат изданија на еден куп џез состави и комбинации, а тука е и новиот албум на КАНТОН 6 ТРИО, збунувачки интересна, аудио-книжевна експедиција во техно-џез. Покрај ова, развивам и сопствен електронски клупски проект за настап во живо, но се искристализираа и неколку композиции, можеби и албум. Веројатно треба да застанам тука со набројување. Има доволно работа, нели?

Во кој стадиум од својот развој е Македонската современа музичка сцена? Колку таа ја има посебноста во регионални, па и пошироки рамки? Имаме ли сили за поширок пробив овде имајќи ги на ум убавите зборови што беа изречени за едни СВЕТЛОСТ на пример?

- Македонската музичка сцена, како и секогаш, зависи од ентузијазмот на поединците. Кој колку ќе направи за себе и за другите, толку и ќе има во реалноста. Отсуството на музички пазар, музичка индустрија, или било каков концепт за развој на културата од страна на државата, оди во прилог на мојата констатација. Македонија не е ниту дел од мапата на која циркулира светската концертна музичка понуда, а особено не од аспект на нашите бендови и нивната инволвираност. Ние сме толку мала средина, што никој нема интерес да не внесе во било каков бизнис ток. Од друга страна, поголемите наши промотери се однесуваат крајно потценувачки кон домашните автори и буквално им го гушат развојот. Ако сакаме да бидеме инволвирани барем од уметнички аспект, повеќе од потребна е државна стратегија, која за жал ја нема. Од време на време, сведоци сме на парцијални излети, кои повеќе одразуваат желба на култивирани поединци во државниот врв за напредок, но организиран настап сепак отсуствува. Така повторно се враќаме на ентузијазмот на поединци. Но тој ентузијазам за мене е најпрекрасното нешто на светот. Можеби токму тајната состојка која го одржува пламенот на автентичната потреба на Македонецот да се занимава со музика. Не е се во бизнисот, напротив, но би сакал да ги видам нашите автори како живеат квалитетно од сопствениот труд.

Во земјава во која културата е десно сметало во играта на политичките профитери, колку има простор за развој на поинаквите идеи и современото доживување на реалноста, ако сакаш - за „авангардата“?

- Поинаквите идеи секаде имаат сериозен проблем. Колку и да нашата цивилизација концептуално се базира на постојана промена, промените речиси секаде се најмалку добредојден гостин. А инаквите идеи подразбираат и предизвикуваат промени. Општеството кое на време ќе сфати дека промената е благослов, е општество кое не само што ќе опстане, туку и ќе се издигне по сите параметри. Од тој ракурс, ние сме загрижувачки конзервативна средина. Носителите на промените кај нас, без разлика дали се работи за авангарден музичар, или напреден политичар, плаќаат тешка цена за сопствената способност да погледнат во иднината. Но за мене токму во тоа лежи и предизвикот, па ако сакате и смислата на животот на поединецот: да креира подобри услови за живот за себе и за другите, да го унапреди општеството. Цената е небитна. Борбата е вечна. You got to fight for your right to party, што би рекле генијалните БИСТИ БОЈС.

Дали ваквиот начин на делување на ПМГ генерално е непримерен во оваа зачмаена средина во која честопати на урбаната современа култура се гледа како на вирус кој треба да се поништи и да го снема од реалноста? До кога како ПМГ ќе стоите исправено на барикадите додека околу нас трештат завивањата на турбогласниците на моќ и безумие?

- Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството. Порано мислев дека ако дадам се од себе, во еден момент ќе се разбереме и ќе заживееме среќно и весело до крајот на животот. Тоа кога бев млад. Сега кога сум поискусен, кога можам да ги согледам дури и резултатите од сопствените залагања, јасно ми е дека никогаш нема да се разбереме со мнозинството. Се задоволувам со влијанието кое го имаме, без да очекувам некој тоа да ми го потврди, или признае. Признанието го гледам во привилегијата да продолжам со својата работа, опкружен со квалитетни луѓе, со кои остварувам високо ниво на комуникација. Не ги сакам миговите кога со болка констатирам дека нашава средина е скиселена од зачмаеност и буквално едвај чека да паднат таквите како мене, но мора да се живее во реалноста. Јас имам работа за завршување. Имам песни за правење, имам албуми за издавање, имам идеи за буткање под носот на оние кои имаат потенцијал да ги прифатат и да продолжат да ги развиваат. Должен сум му на животот кој ми е подарен и се додека сум тука, ќе го правам она што сум го одбрал и изградил за себе. Нема да се ослободите толку лесно од ПМГ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG