Господине Зибери, на ланските избори бевте кандидат за премиер на ДУИ. Премиер не станавте, но ве избраа за Народен правобранител. Ова ли беше цената за да прифатите да учествувате во кампањата на ДУИ на изборите?
Не, не, апсолутно не се работи за никаква компензација во смисла на мојот ангажман. Јас доброволно прифатив да бидам номиниран за можен кандидат за премиер, но изборните резултати дадоа таква конфигурација и резултатот е тој што е, се знае кој е премиер. Јас на огласот објавен од страна на Собранието се пријавив да учествувам за можната позиција Народен правобранител, Собранието ме избра и од формално - правна гледна точка целата работа се заврши согласно прописите.
Ќе можете ли да ги одбраните граѓаните од власта, со оглед на тоа што опозицијата ве обвини дека сте правобранител на ДУИ, а не на народот?
Не, Уставот и законот не познаваат таква институција. Народниот правобранител е орган на државата Република Северна Македонија, кој ги штити слободите и правата на граѓаните гарантирани со Устав и со закон, и во таа функција ќе биде мојот ангажман. Впрочем законот во ниту една одредба не забранува кандидат кој бил номиниран за можен премиер да нема право да се кандидира за функцијата Народен правобранител. Тоа е прво и второ, Законот за Народен правобранител вели дека Народниот правобранител во вршењето на својата функција, должност и овластување е самостоен и како таков јас ќе бидам во извршувањето на моите надлежности.
Но опозицијата не го спори вашиот професионален, туку вашиот етички кредибилитет.
Овие забелешки кои се упатуваат од страна на Алијансата се само нивни претпоставки дека Народниот правобранител нема да биде независен во вршењето на својата функција. Тие претпоставки често пати имаат алузии и не се основани од причина што Народниот правобранител сега стапува на должност. Треба да се даде простор и јас сум убеден дека со мојот ангажман ќе ги демантирам сите скептици и дека ќе ја оправдам довербата што ни ја даде и законодавната власт, но и даночните обврзници кои впрочем издвојуваат средства, за да ние бидеме чувар на слободите и на правата на граѓаните кога тие се доведени во прашање од страна на институциите кои постапуваат.
Ве прашувам ова и во контекст на тоа што најголем дел од претставките до Народниот правобранител во изминатите години се во областите правосудство и работни односи, при што граѓаните најмногу се жалат на нарушување на работничките права од политички причини. Ќе може ли да заштитите граѓанин, чии права, на пример, се нарушени од функционер на ДУИ?
На секој граѓани кој ќе се обрати до Народниот правобранител или Народниот правобранител по допрен глас ќе има сознанија дека во управна постапка од орган на управа се загрозени или повредени правата Народниот правобранител ќе постапува, ќе отвори постапка и соодветно ќе реагира во рамките на надлежностите што ги има, без пардон кон кој било носител на јавна функција или вработен во орган на управа или единица на локална самоуправа или друго органи и организации кои вршат овластување, значи народниот правобранител нема да има амнестија кон ниту еден припадник на орган на управа или носител на јавна функција, напротив наша должност е да ги штитиме правата и должностите на граѓаните.
Целото интервју со Народниот правобранител, Насер Зибери може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.