Достапни линкови

Пролетните температури го стопија снегот на планините и го поплавија Битолско


Реката Драгор
Реката Драгор

Топлото време и дождот го стопија снегот на Баба Планина ги наполнија водотеците во Битолско, а на некои места дојде до излевање.

Пролетните температури во јануари забрзано го стопија снегот на Баба Планина над Битола, а обилните врнежи дожд дополнително придонесоа да надојдат планинските водотеци кои предизвика проблеми во градските и селските населби. Полноводие какво што не се памети во последните години беше забележано деновиве во планинските реки Диховска, Велушка, како и притоките на битолската река Драгор - Лак Поток и Црвена Река што доаѓаат од Пелистер. Откорнаа речни корита, поплавија земјоделски површини, па и живинарска фарма во село Породин.

„Имаше обилни врнежи и настана излевање на реката. Излевањето ни направи штети. Покрај што ни го поплави стопанскиот двор, водата ни влезе во халата, па сега треба да се чисти, дезинфицира. Цела фарма е со талог од реката. Не ни е првпат, тука работиме 40 години и имаме искуство од излевање на реката, и полошо било.“

„Сè е кал. Оштетени ни се халите. Четири пумпи ни дадоа од Дирекцијата за заштита и спасување. По наше барање дојде механизација од ЗК Пелагонија ни помогна, дојде и друга машина, отстрани дрво од реката.“

„Цела вечер мажот ми песок со лопата ставаше за да не дојде водата во куќата. Штети има, сè е под вода.“

„Овде беше чисто, почна да наидува вода, загрижени сме стока имаме, а и за луѓето сме загрижени, куќи имаме“, реагираат жители од пограничните битолски села Породин и Жабени.

Но, она што можеше да се забележи од Велушка Река беше неисчистеното речно корито. Полно е со вегетација и дрва, а наликува и на депонија од смет.

„Фрлат луѓето во реката, песокта ја копаат, фрлаат шишиња и друг смет. Потоа кога ќе надојде водата имаме проблеми и поплави“, вели Борче Јаневски, жител на Породин.

Од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување ќе достават барање до „Битолско Поле“ да се испрати градежна машина што побрзо се расчисти коритото на реката.

Во изминатиот период беа исчистени дел од коритата на други значајни реки во Битолско како што се Шемница, Црна Река, Драгор кои редовно предизвикуваа поплави. Со реката Драгор која минува низ Битола проблем настана поради надојденоста на притоките кои ја наполнија со вода и однесе дел од своето корито. Беше направен насип кој спречи излевање на реката во близина на пумпната станица на Водовод од каде Битола се снабдува со вода.

„Специфично е што во горниот тек на реката го имаме овој голем наплив на вода, а во минатото се случувало во долните делови да имаме вакви ископи и излевања. Но, никогаш не можеме да предвидиме што природата може да направи, на нас останува да амортизираме и преземаме активности да не дојде до штети“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Околу 300 километри каналска мрежа беше исчистена во Пелагонија во изминатите три години од страна на „Битолско Поле“ поради што немаше поголеми поплавувања на земјоделските површини, освен заезерувања на места кај што има високи подземни води.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG