Вести
Бугарското МНР: Нашата позиција кон Северна Македонија нема да се промени

Бугарија нема да ја промени својата позиција кон Северна Македонија во следните месеци, велат од бугарското МНР за софискиот дневен весник Труд.
На прашањето на „Труд.бг“, какви активности ќе преземе Софија во следните 6 месеци за да се најде решение за Северна Македонија, од министерството велат дека би било неразумно да се очекува промена на бугарската позиција.
„Оваа позиција е предмет на надпартиски консензус и со 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, наведуваат од бугарското министерство.
Заев: Бараме решение на проблемот за кој „не знеме што е проблемот“
Од МНР на Бугарија додаваат дека со одложувањето на усвојувањето на преговарачката рамка, Бугарија ги бранела својот национален интерес и националната позиција, а дека евентуално потпишувањето на анекс кон договорот за добрососедство не може само по себе да ги реши отворените прашања во односите со Македонија.
„Веќе постои Договор за добрососедство кој во 2017 година е ратификуван од обете страни и доставен до ООН, што Република Северна Македонија не го спроведува. Ништо не дава причина да веруваме дека друг потпишан документ ќе ја промени оваа практика на неисполнување на меѓународните обврски“, се наведува во одговорот.
Пендаровски: Очигледно Бугарија ја научи лекцијата од Грција
Од бугарското МНР, сепак, тврдат дека интересот на Бугарија не е да го одложи процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, туку конечно да се решат отворените прашања во односите и успешно да се продолжи со процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан.
„Ние не добиваме никакво задоволство од позицијата што Скопје нѐ принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија ја обезбеди сета можна поддршка за нашите браќа од другата страна на границата. Со ставот што го зазеде Бугарија во рамките на Советот на ЕУ, нашата земја го одложи усвојувањето на рамката за преговори за Република Северна Македонија со цел да се вклучи јасно и обврзувачко барање за Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Со оглед на сегашното неисполнување на Договорот од страна на Република Северна Македонија, Бугарија нема да може да ја донесе преговарачката рамка без овие гаранции“, наведува бугарското МНР.
види ги сите денешни вести
Од скопските болници денеска ќе бидат отпуштени 12 пациенти

Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека денеска (25 март) од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 пациенти од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во земјава по трагичниот настан во Кочани.
Од оние кои се лекуваат во странство, денеска се очекува едниот пациент да се врати од Белград и да продолжи неговото лекување во Скопје. Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.
„За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период“, рече Таравари на прес-конференција.
Од болниците во земјава, како што посочи, на Детска хирургија нема да има пациенти, а остануваат пациенти на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ ќе останат на лекување шест пациенти.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.
Аплауз за младиот Јован кој спаси 21 живот во пожарот во Кочани

Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов, кој спаси 21 лице во пожарот во дискотеката во Кочани, беше пречекан со аплауз во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница.
Веста ја објави и министерот за здравство Арбен Таравари на својата Фејсбук страница.
„Денеска, со длабока емоција и бескрајна гордост, ви ја споделувам веста дека Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани, конечно се врати дома. Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите?“, напиша Таравари на Фејсбук.
Министерот додава дека иако има само 19 години постапил како вистински херој и влегол над 20 пати во дискотеката за да им помогне на оние кои биле заробени во пламенот.
„Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добредојде дома, Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име. Во име на сите граѓани, јас ќе кажам едно нешто, јасно и гласно: Никогаш нема да заборавиме“, напиша Таравари.
Младиот човек денеска во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница беше пречекан со аплауз, а видео од пречекот беше споделено на Фејсбук.
Турската полиција уапсила уште 43 демонстранти на протестите во Истанбул

Полицијата уапси 43 демонстранти во центарот на Истанбул, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи.
Синоќа (24 март) повторно се одржа митинг на опозицијата на плоштадот Сарачане во близина на градското собрание, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.
Помали групи демонстранти се обидоа да одржат демонстрации и во други делови на Истанбул.
Голем број демонстранти синоќа ги блокираа улиците на Истанбул, во рамки на шестата ноќ од протестите во Турција, јавуваат агенциите.
Демонстрациите започнаа во Истанбул минатата среда кога градоначалникот Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, беше приведен под обвинение за корупција.
Судирите со безбедносните сили ескалираа во неделата вечерта, додека полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз демонстрантите, според британскиот јавен сервис.
Судот во неделата одлучи дека Имамоглу треба да остане во притвор до почетокот на неговото судење за наводна корупција и тероризам. Имамоглу ги негира обвинувањата.
Разговорите меѓу САД и Русија за Украина беа „интензивни“, но корисни, вели руски преговарач

Разговорите меѓу Соединетите Држави и Русија за делумен прекин на огнот во Украина беа „интензивни“, но продуктивни, изјави член на рускиот преговарачки тим.
„Разговаравме за сè, тоа беше интензивен дијалог, не беше лесен, но беше многу корисен за нас и за Американците. Се разговараше за многу проблеми“, изјави Григориј Карасин за државната новинска агенција ТАСС на 25 март.
Карасин, долгогодишен поранешен заменик-министер за надворешни работи, рече дека разговорите меѓу САД и Русија ќе продолжат и дека Обединетите Нации и други земји ќе бидат вклучени, без да даде детали.
Неговите коментари уследија по 12-часовни преговори во Саудиска Арабија, местото на разговорите. Додека преговорите беа во тек, руски ракетен напад го погоди украинскиот град Суми, при што беа повредени повеќе од 90 луѓе, меѓу кои 23 деца.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како последен пример на „загуба, болка и уништување, нешто што Украина никогаш не го сакаше“.
Зеленски рече дека Русија е „единствениот ентитет што ја продолжува оваа војна и го мачи нашиот народ и целиот свет“.
„За да се принуди Русија на мир, потребни се силни мерки и решителни акции. Подготвени сме да поддржиме секоја силна иницијатива што ја прави дипломатијата поефикасна“, рече тој во своето ноќно видео обраќање.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на Х напиша дека нападот на Суми на 24 март покажува дека мировните преговори на Москва се „празни“ изјави.
„Москва зборува за мир додека извршува брутални напади врз густо населените станбени области во големите украински градови“, напиша тој.
За нападот извести и руската страна. Окупациски функционер во украинската област Луганск изјави дека украинското гранатирање таму убило шест лица, меѓу кои и еден новинар на рускиот весник „Известија“.
Еден про-Кремљ весник го идентификуваше новинарот како Александар Федорчак, велејќи дека тој бил убиен „во регионот Харкив“. Рускиот канал Звијезда, кој е спонзориран од Министерството за одбрана, објави дека неговиот снимател и возач биле убиени додека снимале репортажа со Федорчак.
Разговорите во Саудиска Арабија се дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина. Средбата на 24 март меѓу САД и Русија дојде еден ден по одделните разговори меѓу САД и Украина - исто така во Саудиска Арабија - кои Киев ги нарече „продуктивни“.
Серхи Лешченко, советник на украинското претседателство, изјави дека украинската делегација престојува во Ријад и очекува повторно да се сретне со Американците. Зеленски во своето ноќно обраќање рече дека претставниците на Украина и на САД повторно ќе се сретнат, но не прецизираше кога.
ТАСС цитира неидентификуван извор од руската делегација кој рекол дека Кремљ и Белата куќа ќе дадат заедничка изјава на 25 март. Ројтерс цитира руски извор кој вели дека нацрт-заедничката изјава е испратена до Москва и Вашингтон на одобрување и дека двете страни планираат да ја издадат на 25 март.
Трамп на новинарите во Белата куќа им изјави дека територијалните линии и потенцијалот за американска сопственост на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина се дел од преговорите.
Тој минатата недела ја претстави идејата САД да ја преземат контролата врз електраната, која Русија ја зазеде на почетокот на војната.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека разговорите меѓу Москва и Вашингтон биле фокусирани на технички прашања, вклучително и безбедноста на комерцијалниот брод во регионот на Црното Море.
Американскиот преговарачки тим, наводно, бил предводен од Ендрју Пик, висок директор во Советот за национална безбедност на Белата куќа и Мајкл Антон, висок функционер на Стејт департментот.
Русија ја претставуваа Григориј Карасин, долгогодишен заменик министер за надворешни работи, кој раководи со Комитетот за надворешни работи во Горниот дом на рускиот парламент и Сергеј Беседа, советник на директорот на Федералната служба за безбедност, јавуваат руските државни медиуми.
Разговорите во Саудиска Арабија означија пресвртница во напорите предводени од САД да се постигне прекин на огнот во војната во Украина, но позициите на Киев и Москва беа реални.
„Максималниот резултат е пауза. Но, тоа сè уште не е познато, бидејќи преговорите би можеле да траат месец или два. Мислам дека најмногу што може да се замисли е дека можеби ќе се разработат некои технички детали за прекинот на огнот. И тие потоа ќе се вратат во Киев, Москва и Вашингтон во форма на предлози“, изјави политичкиот аналитичар Серхи Таран за украинскиот сервис на РСЕ.
Сијарто: Ако Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ако претседателот на Соединетите држави Доналд Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може.
„Унгарија многу ја цени посветеноста на новиот американски претседател за мир. Ако Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може. Целосно ги поддржуваме иницијативите на Трамп“, рече Сијарто синоќа по средбата со вршителот на должноста на американската амбасада во Будимпешта, Роберт Паладин.
Како што наведе, „безобразно е тоа што Брисел го попречува успехот на овие потфати“.
Сијарто исто така рече дека разговорот со Паладин бил одличен и додаде дека односите меѓу Унгарија и САД се проткаени со взаемно почитување.
Малку вести се објавени за деталите од американско-руските разговори, на кои се очекуваше да се решат деталите за потенцијалната пауза на долготрајните напади и од Русија и од Украина врз енергетските објекти и цивилната инфраструктура, како и за запирање на нападите во Црното Море.
Руската државна новинска агенција ТАСС цитираше неименуван извор од руската делегација дека Кремљ и Белата куќа ќе издадат заедничко соопштение денеска (25 март). По разговорот немаше информации од американските официјални лица.
Лукашенко по седми пат ќе ја преземе функцијата претседател на Белорусија

Александар Лукашенко денеска ќе ја преземе функцијата по седми мандат како претседател на Белорусија, јавија руските медиуми.
Претседателските избори во Белорусија се одржаа на 26 јануари.
Церемонијата на инаугурација на Лукашенко ќе се одржи во Палатата на независноста во Минск и ќе започне во 12 часот по локално време.
На церемонијата претседателот на белоруската Централна изборна комисија Игор Карпенко ќе ги објави официјалните резултати од претседателските избори, а Лукашенко ќе положи заклетва врз Уставот на Белорусија.
Со церемонијата на инаугурација ќе започне и новиот петгодишен мандат на белорускиот лидер.
Заврши протестот во Скопје: Свеќи за жртвите во Кочани, свирежи за системот

Од плоштадот Македонија, во центарот на Скопје, до зградата на Владата, вечерва се одржа граѓански протестен марш под мотото „Системот е следен“, на кој беше побарана одговорност за трагедијата во Кочани.
Во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, ноќта меѓу 15 и 16 март, загинаа 59 млади луѓе, а над 190 беа повредени. Дел од повредените се лекуваат во Клиничкиот центар во Скопје, а дел се во болниците во десетина држави во соседството и во Европа. По пожарот беше отворена истрага во која беа приведени десетина осомничени за случајот, меќу кои и актуелниот и двајца поранешни градоначалници на Кочани.
Протестот беше во организација на граѓанското движење „Кој е следен?“, кое тврди дека „нема никаква поврзаност со политички партии ниту собира политички поени“.
Протестниот марш почна од плоштадот Македонија, со палење свеќи и положување цвеќе за 59-те загинатите во пожарот во дискотека Пулс во Кочани. Оттаму големиот број граѓани продолжија пред Собранието на Северна Македонија, а потоа и пред болницата Св. Наум Охридски, каде имаа 5-минутен аплауз за докторите, со скандирање: Вие сте херои!.
Оттаму маршот продолжи преку булеварот „Гоце Делчев“, до Владата, каде имаше скандирања: „Правда“, „Уа профитери“, „Ние сме системот“, „Не се плашиме“, „Цела влада-оставка“, „Убијци, убијци“…, а потоа и шестнаесетминутен молк за жртвите од трагедијата во Кочани.
На собирот од движењето поставија и конкретни барања: Транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот „Пулс“ од неговото отворање до несреќата, да се објави документацијата од Државниот пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државнниот радежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државниот инспекторат за урбанизам, локална самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јави приходи.
Граѓаните побараа и одговорност за сите поврзани во случаите со изгорената модуларна болница во Тетово, со случајот Онкологија, „Дурмо турс“ и „Беса транс“. Движењето бара Комората на угостители да почне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.
„Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улици сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран“, соопштија од „Кој е следен?“.
Тие пред маршот објавија дека на овој собир се забранети партиски обележја, затоа што е граѓански собир, а препораките беа да се избегнуваат провокации и да не се носи се што може да послужи како оружје, притоа да се одржува чистота и да не се уништуваат јавен и приватен имот.
Трамп најави царини за автомобили, алуминиум и фармацевтски производи

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот (24 март 2025) објави дека наскоро ќе објави царини за автомобили, алуминиум и фармацевтски производи, истовремено воведувајќи секундарни давачки од 25 отсто за секоја земја што купува нафта или гас од Венецуела.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека ќе воведе царини за автомобили, фармацевтски производи и алуминиум во „многу блиска иднина“, тврдејќи дека на САД ќе им требаат сите овие производи во случај на војни или други проблеми.
Тарифите за автомобилите ќе дојдат во следните неколку дена, изјави денеска Трамп, додавајќи дека ќе следат царини за граѓа и полупроводнички чипови.
Трамп предвидува дека секторските царини и реципрочните тарифи, што се очекуваат на 2 април, ќе соберат „прилично астрономски“ суми на пари за американскиот буџет, што ќе овозможи даночните стапки да останат ниски или да се намалат.
Трамп, кој рече дека земјите сè уште можат да ги избегнат царините ако ги намалат сопствените тарифи или го префрлат производството во Соединетите држави, исто така најави инвестиција од 21 милијарда долари во САД од страна на јужнокорејската групација Hyundai Motor Group во Белата куќа во понеделникот.
Зборувајќи заедно со претседателот на Хјундаи, Еуисун Чунг и гувернерот на Луизијана, Џеф Лаундри, тој рече дека инвестицијата ќе опфати нова фабрика за челик во Луизијана од 5,8 милијарди долари.
Трамп рече дека нема да бидат објавени сите нови царини на 2 април и посочи дека можеби „многу земји“ би можеле да бидат поштедени од тарифи, но не наведе детали.
Преговарачите на САД и Русија се сретнаа во Ријад по „значајни“ преговори со Украина

Официјални лица од САД и Русија водат разговори во Саудиска Арабија за да се постигне договор за прекин на огнот во Украина. Разговорите во понеделникот дојдоа еден ден по одделните разговори меѓу САД и Украина, кои Киев ги нарече „продуктивни“.
Се очекува САД и Русија да разговараат за деталите за пауза во долготрајните напади и од Русија и од Украина врз енергетските објекти и цивилната инфраструктура, како и за запирање на нападите во Црното Море.
Претставниците на САД и Русија се состанаа вечерта на разговори кои се очекува да разговараат за деталите за пауза во нападите на долг дострел и од Русија и од Украина врз енергетските објекти и цивилната инфраструктура, како и за запирање на нападите во Црното Море.
„Беше толку гласно што прозорците на луѓето беа издувани од експлозијата“, вели Наталија, која исто така живее во селото Родинск во близина на украинскиот град Покровск, за нападот со дрон.
Нема план за директна средба меѓу руските и украинските дипломати. Наместо тоа, се очекува тој да се сретне одделно со американскиот тим, што ќе биде, како што рече еден американски функционер, „шатл дипломатија“.
Американскиот тим наводно е предводен од Ендрју Пик, висок директор во Советот за национална безбедност на Белата куќа и Мајкл Антон, висок функционер во Стејт департментот.
Како што јавија руските државни медиуми, рускиот тим го сочинуваат Григориј Карасин, претседател на Комитетот за надворешни работи на руската Дума и Сергеј Беседа, советник на директорот на Федералната служба за безбедност.
Како показател за тоа колку се тешки условите на преговорите, руски воздушен напад на 24 март оштети училиште и болница во градот Суми во североисточна Украина, при што беа повредени најмалку 74 лица, меѓу кои и повеќе од десетина деца.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека разговорите меѓу Москва и Вашингтон биле фокусирани на технички прашања, вклучително и безбедноста на комерцијалните бродови во регионот на Црното Море.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за новинарите во Вашингтон дека разговорите во Саудиска Арабија ги допреле прашањата поврзани со територијата во Украина, каде Русија окупира околу една петтина од земјата, и можноста САД да ги контролираат електраните во Украина.
„Во моментов зборуваме за територија. Зборуваме за линии за разграничување. Зборуваме за сопственост на електраната. Некои луѓе велат дека САД треба да ја поседуваат електраната... затоа што имаме експертиза“, рече Трамп.
Тој, исто така, рече дека САД и Украина „наскоро“ ќе потпишат договор за заеднички развој на украинските минерали со ретки земји и други ресурси.
Американските власти веднаш не ги коментираа разговорите со Украина на 23 март. Сепак, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров рече дека средбата била „конструктивна и значајна“.
„Разговорот беше продуктивен и фокусиран – разговаравме за клучните точки, вклучително и енергијата“, напиша Умеров во објавата на Фејсбук.
„Целта на претседателот Володимир Зеленски е да обезбеди праведен и траен мир за нашата земја и нашиот народ – а со тоа и за цела Европа. Ние работиме да ја направиме таа цел реалност“, додаде тој.
Разговорите во Саудиска Арабија претставуваат пресвртница во напорите предводени од САД да се постигне прекин на огнот во војната во Украина. Претходно имаше паузи од еден или повеќе дена помеѓу различни рунди билатерални преговори. Соединувањето на сите страни на исто место може да го забрза процесот.
Сепак, иако руските и украинските преговарачи ќе бидат во иста земја за да разговараат со американската делегација, малкумина очекуваат голем напредок.
Зеленски во неделата во телевизиско обраќање рече дека „нашиот тим работи на целосно конструктивен начин“.
„Разговорот е доста корисен - работата на делегациите продолжува. Но, без оглед на тоа што ќе им кажеме на нашите партнери денес, мораме да го принудиме [рускиот претседател Владимир] Путин да издаде вистинска наредба за запирање на нападите. Кој и да ја донесе оваа војна мора и да ја повлече“, додаде Зеленски.
„Мислам дека ќе видите вистински напредок во Саудиска Арабија во понеделник“, изјави американскиот пратеник Стив Виткоф за Фокс њуз во саботата.
Притворениот градоначалник на Истанбул номиниран за претседател на Турција

Турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го номинираше градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, за кандидат на претседателските избори во 2028 година, и покрај неговото апсење, соопшти во денеска (24 март 2025) партијата на која припаѓа Имамоглу.
ЦХП, главната опозициска сила во Турција, одржа партиски избори во неделата за да номинира претседателски кандидат.
Имамоглу, главниот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше единствениот кандидат на партијата.
Градоначалникот беше одведен во затворот Силиври, западно од Истанбул, во неделата, заедно со неколку други обвинети под обвинение за корупција.
Неодамнешното апсење на Имамоглу предизвика протести во Турција, каде неколку стотици луѓе беа уапсени во девет градови.
Поддржувачите на опозицијата порачаа дека протестите ќе продолжат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете