Вести
Грција и Турција со механизам за избегнување конфликти
По низата средби помеѓу воените претставници на Грција и на Турција денеска во НАТО е воспоставен билатерален миханизам за избегнување на конфликти. Како што се наведува во соопштението на НАТО механизмот има за цел да го намали ризикот од инциденти и несреќи во Источен Медитеран. Механизмот вклучува и воспоставување на „црвена линија“ помеѓу Грција и Турција, за да се олесни избегнувањето на конфликти на море или во воздух.
„Го поздравувам воспоставувањето на воен механизам за избегнување на конфликт, постигнат со конструктивниот ангажман на Грција и Турција, двете вредни сојузнички на НАТО. Овој безбедносен механизам може да помогне да се создаде простор за дипломатски напори за решавање на основниот спор и ние сме подготвени да го развиеме понатаму, истакна генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг.
Грција и Турција навестуваат намалување на тензиите во спорот за морското дно
НАТО и претходно, во 90-тите години од минатиот век воспостави сличен механизам во регионот, кој беше ефикасен за намалување на тензиите и обезбедување простор за дипломатски разговори.
види ги сите денешни вести
Јавниот превоз ќе продолжи да биде бесплатен за студентите и пензионерите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека во вторник на 31 декември на владина седница ќе биде донесена одлука за продолжување на бесплатниот превоз за студентите во главниот град, со оглед на тоа дека испитните сесии започнуваат во јануари.
„Средствата се обезбедени во рамките на Буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31 декември, ќе донесеме откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука. Да се потпише договор за да можат тие средства веднаш да бидат префрлени на Јавното сообраќајно претпријатие, бидејќи сесијата започнува во јануари, да може студентите беспрекорно да користат го јавниот превоз во градот Скопје“, изјави премиерот.
Претходно, билетарниците на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ не им ги продолжуваа годишните карти за наредната година на студентите за бесплатен јавен превоз во Скопје.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николоски, изјави дека пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, како што рече, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.
НАТО го зголемува присуството во Балтичкото Море по сомневањата за саботажа на подморските кабли
НАТО во петокот објави дека ќе го зголеми своето присуство во Балтичкото Море по сомневањата за саботажа на подморскиот кабел за напојување Естлинк 2 и четири интернет линии.
„Се договоривме со Естонија и му кажавме на генералниот секретар на НАТО Марк Руте дека наша желба е да имаме посилно присуство на НАТО“, рече финскиот претседател Александар Стуб на прес-конференција.
Руте рече дека разговарал со Стуб за финската истрага, изразувајќи ја својата поддршка.
„НАТО ќе го зголеми своето воено присуство во Балтичкото Море“, напиша Руте на социјалната платформа Х.
Претходно, вооружените сили на Естонија започнаа поморска операција за заштита на подводниот енергетски кабел Естлинк 1 во Балтичкото Море, изјави во петокот министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
„Доколку постои закана за критичната подморска инфраструктура во нашиот регион, ќе има и одговор“, напиша Цахна на социјалната мрежа Х.
Финските власти во четвртокот запленија брод што превезувал руска нафта во Балтичкото Море поради сомнение дека еден ден претходно предизвикал прекин на подморскиот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија, како и оштетување или прекинување на четири интернет линии.
Земјите на Балтичкото Море се во состојба на висока готовност за можни акти на саботажа по серијата дефекти од 2022 година на електрични и телекомуникациски кабли и гасоводи, иако опремата на подморницата е подложна на технички дефекти и несреќи.
Поправката на 170 километри долгата интерконекција Естлинк 2 ќе трае со месеци, а дефектот може да доведе до потешкотии кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија во текот на зимата, соопшти финскиот оператор Фингрид.
Кривичниот суд го отфрли предлогот за определување мерки за претпазливост за Васко Ковачевски
Судија на претходна постапка при Основниот Кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост против Васко Ковачевски од 11 декември 2024 година за истрагата за предметот од Обвинителството „Адитив“, денеска по добивање на известување од надлежното МВР за неговата достапност, донесе решение со кое го отфрли предлогот за определување мерки за претпазливост, со оглед дека осомничениот не е достапен за органите на прогон.
„Судија на претходна постапка може да постапува и да донесе решение за прифаќање на предлог на Јавен обвинител, без да биде сослушано осомниченото лице, само доколку за истото е предложена мерка притвор, но не и кога против истото лице се предложени мерки за претпазливост, како во конкретниот случај и истото лице воопшто не е лишено од слобода и спроведено во судот да се произнесе за предлогот како што налагаат одредбите од Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението од Основниот Кривичен суд Скопје.
Решението на Кривичниот суд, како што се наведува, ќе биде доставено до странките во постапката.
Основниот кривичен суд Скопје на 11 овој месец им одреди мерка притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата „Адитив“ на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6. односно Одземање на патна исправа, Обврска повремено да се јавува во судот и Забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“, велат од Судот и додаваат дека против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Министерот за внтарешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра.
Перење пари, злоупотреба на службена должност и злоупотреба на постапката за јавен повик, се кривичните дела за кои се сомничат 23 лица во акцијата именувана како „Адитив“. Обвинители, истражители и полицајци извршија 77 претреси во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
Кралот на криптовалутите До Квон ќе биде екстрадиран во САД
Црна Гора ќе го екстрадира во Соединетите Американски Држави (САД) јужнокорејскиот државјанин Хјеонг До Квон, кој беше уапсен во Подгорица пред година и девет месеци.
Ова го одлучи министерот за правда Бојан Божовиќ на 27 декември.
До Квон, таканаречениот „крал на криптовалутите“, беше баран од САД и Јужна Кореја за кривични дела измама со криптовалути „тешки“ од најмалку 40 милијарди долари, сума на која се проценува дека е причинета на инвеститорите по колапсот од неговите криптовалути Луна и Тера.
Според соопштението, Министерството за правда ги разгледало сите факти и ги оценило критериумите како тежината на кривичните дела, местото на извршување, редоследот на поднесување на барањето, државјанството на бараното лице, можноста за натамошна екстрадиција во друга земја.
„Повеќето критериуми се во прилог на барањето за екстрадиција во Соединетите Американски Држави, а министерот за правда донесе решение со кое дозволува екстрадиција во САД, а во исто време одбива екстрадиција во Република Кореја“, се наведува во соопштението.
На 23 март 2023 година, До Квон беше уапсен на аеродромот во Подгорица со неговиот деловен партнер Чанг Џун, кога со фалсификувани пасоши се обиделе да летаат за Дубаи во Обединетите Арапски Емирати.
Поради ова тие се осудени на по четири месеци затвор.
По отслужувањето на казната, До Квон бил во прифатилиштето за странци во Подгорица и чекал решение за екстрадиција, додека Чанг Јун на почетокот на февруари годинава бил екстрадиран во Јужна Кореја.
До Квон претпочиташе екстрадиција во Јужна Кореја.
Низа судски одлуки
Судовите во Црна Гора досега постојано одлучуваа по барањата на две земји за екстрадиција на До Квон.
Високиот суд прво одлучи да го екстрадира во САД. Откако таа одлука беше поништена, истиот суд одлучи да го екстрадира во Јужна Кореја, наведувајќи дека нејзиното барање за екстрадиција дошло пред американското.
Врховниот суд во август годинава утврди дека се исполнети условите за негова екстрадиција, а одлуката во која од двете земји ќе биде екстрадиран ќе донесе министерот за правда Бојан Божовиќ.
Тоа што во текот на годината и девет месеци од неговото апсење, судовите осум пати одлучуваа за екстрадиција, адвокатот на До Квон, Горан Родиќ, претходно го оцени како „судска срамота“ за Радио Слободна Европа.
Обвиненијата во Њујорк и Сеул
Судењето за До Квон веќе започна во Америка во негово отсуство.
На 5 април оваа година, поротата во Њујорк ги прогласи До Квон и неговата компанија „Тераформ Лабс“ одговорни за граѓанска измама, согласувајќи се со американската Комисија за хартии од вредност дека тие ги доведоа во заблуда инвеститорите кои изгубија околу 40 милијарди долари.
По одлуката на њујоршкиот суд, „Тераформ Лабс“ се согласи да плати околу 4,5 милијарди долари во граѓанска спогодба со Комисијата.
И покрај фактот дека компанијата на До Квон постигна договор, САД останаа на барањето Црна Гора да го екстрадира јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“.
Јужнокорејските власти го обвинија и за измама и кршење на законот за пазарот на капитал, поради што се најде на црвената потерница на Интерпол.
До Квон и врски со црногорски политичари
А престојот на До Квон во Црна Гора стана дел од политичката борба во која премиерот Милојко Спајиќ беше обвинет дека примил донации од него за неговото движење „Европа сега“.
Специјалното државно обвинителство по тој повод отвори предмет, а премиерот се огласи во својство на граѓанин.
Обвинувањата кулминираа во пресрет на изборите во јуни 2023 година, кога за ова прашање расправаше Советот за безбедност, кој објави дека Спајиќ и До Квон се сретнале во Белград, во време кога јужнокорејскиот државјанин веќе бил по црвена потерница на Интерпол.
Адвокатот на До Квон, Горан Родиќ, претходно изјави дека тој е „увезен во Црна Гора“ за да биде злоупотребен за внатрешно-политички борби пред изборите.
Доаѓањето на До Квон од Србија во Црна Гора сè уште е обвиткано во тајност.
Документите на Комисијата за хартии од вредност покажаа дека црногорскиот премиер бил еден од првите инвеститори во компанијата на До Квон Термаформ лабс.
Документите покажуваат дека Спајиќ како физичко лице во таа компанија во 2018 година инвестирал 75.000 долари.
Во документот Спајиќ под број 16 е наведен како еден од првите инвеститори.
Азербејџанските власти велат дека постои „силна“ можност Русија да го соборила патничкиот авион
Азербејџанскиот пратеник Хикмат Бабаоглу за РСЕ вели дека објаснувањето дека Русија го соборила патничкиот авион во кој загинаа 38 лица е „многу силна“ можност и најверојатно „најблиску до вистината“.
Авион на Азербејџан ерлајнс кој летал за рускиот бањски град Минерални Води полетал од Баку, но потоа нагло се вратил назад откако бил известен дека рускиот воздушен простор низ кој требало да лета е затворен.
Инцидентот на 27 декември го подвлече фактот дека воздушниот сообраќај за Русија од Кавказ е неизвесен, откако два дена претходно се урна авион на Азербејџан ерлајнс на лет за руски Грозни, Казахстан, при што загинаа 38 од 67 патници и членови на екипажот.
Азербејџан ерлајнс подоцна објави дека ги суспендира летовите до седум руски градови, вклучувајќи ги Минерални Води, Сочи, Волгоград, Уфа, Самара, Грозни и Махачкала.
Казахстанските експерти треба да пристигнат на 27 декември за да го испитаат местото на несреќата и црната кутија на соборениот патнички авион на Азербејџан ерлајнс, поради шпекулациите дека руски противавионски проектил можеби ненамерно го погодил леталото, што не е официјално потврдено.
Како што истрагата се интензивира, земјите чии државјани беа меѓу жртвите на авионот - Азербејџан, Казахстан, Русија и Киргистан, продолжуваат да жалат за загинатите и да се грижат за повредените во несреќата на Ембраер 190.
Авионот бил на редовен лет од главниот град на Азербејџан, Баку, за Грозни во руската област Чеченија, бидејќи бил пренасочен и се обидел принудно да слета во близина на градот Актау во западен Казахстан.
Постојано се шпекулира околу трагедијата, при што некои експерти укажуваат на дупките видливи во опашката на авионот како можен знак дека можеби бил под оган од руските системи за противвоздушна одбрана вклучени во спречувањето напади со украински беспилотни летала.
Американски функционер, кој сакаше да остане анонимен, изјави за новинските агенции дека има знаци дека руски противвоздушен систем можеби го погодил авионот, иако официјалниот претставник не даде детали.
Некои од доказите, кои допрва треба да бидат потврдени од властите, вклучуваат снимки од внатрешноста на авионот пред да се урне, слики од опашката со дупка на авионот по падот, коментари од преживеаните и извештаи кои укажуваат на напад со беспилотно летало кога се случил авионот очигледно се обидел да слета во Грозни.
Ројтерс цитираше извор од Азербејџан запознаен со истрагата дека резултатите покажале дека авионот бил погоден од системот за воздушна одбрана Pancir-S (Панцир-С), самоодни противвоздушни пиштоли и ракетен систем дизајниран од Русија.
Коментирајќи ги овие извештаи за азербејџанската новинска агенција Туран, пратеникот Расим Мусабјов се чини дека ги поддржува сомнежите, велејќи дека е невозможно да се негира дека авионот бил соборен на руска територија.
„Поединците кои го сторија ова мора да бидат обвинети кривично, мора да се плати компензација. Ако тоа не се случи, се разбира, односите ќе се префрлат на друго ниво“, рече тој.
Веднаш не беше јасно каде ќе се испитува црната кутија. Процесот може да биде многу технички и не сите земји имаат ресурси да преземат таква работа.
Гулаг Асланли, лидер на азербејџанското опозициско движење Мусават, за РСЕ изјави дека е потребна меѓународна комисија да го истражи инцидентот.
Официјалните лица рекоа дека обично се потребни околу две недели за целосно да се оцени црната кутија, иако различните услови можат да ја променат таа временска рамка.
Коментирајќи ги непотврдените извештаи дека авионот можеби бил соборен со проектил, претседателот на казахстанскиот Сенат Маулен Ашимбаев рече дека „не е можно“ да се каже што би можело да го оштети леталото додека не заврши истрагата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, даде сличен коментар, велејќи: „Мораме да го почекаме заклучокот од истрагата“, додаде Песков.
Руската новинска агенција Интерфакс ги цитира официјалните претставници дека авионот, кој стапил во употреба во 2013 година, бил подложен на проверка на одржување во октомври и дека пилотот имал „огромно искуство“, со повеќе од 15.000 часови летање.
Претседателот на Азербејџан Ерлајнс, Самир Рзаев, исто така, на новинарите им изјави дека авионот бил целосно сервисиран во октомври и дека нема знаци на технички дефект.
Но, тој рече дека е премногу рано да се утврди причината.
„Авионот е пронајден со црна кутија. По детална истрага, сите аспекти ќе бидат јасни“, рече тој.
Авиокомпанијата ги прекина летовите долж трасата на несреќата во очекување на завршување на истрагата.
Канцеларијата на главниот обвинител на Азербејџан соопшти дека „се испитуваат сите можни сценарија“.
Додека првите седум преживеани се вратија во земјата на 26 декември, Азербејџан одбележа национален ден на жалост. Погребите на четворицата загинати беа извршени во текот на денот, а во наредните часови и денови се очекуваат дополнителни погреби.
Националните знамиња беа спуштени на половина копје низ Азербејџан и се слушаа сигнали од возила, бродови и возови додека нацијата им оддаваше почит на жртвите од авионската несреќа напладне.
Официјални лица во Баку соопштија дека повредените пристигнале со специјален лет организиран од Министерството за вонредни ситуации на Азербејџан и биле придружувани од медицински професионалци.
Засега нема информации за состојбата на повредените, кои се меѓу 29-те преживеани во несреќата, од кои голем дел се здобиле со тешки изгореници.
Ајхан Соломон, генералниот конзул на Азербејџан во Актау, за новинарите изјави дека 26 од убиените се азербејџански државјани.
Надзорниот одбор на Азербејџан ерлајнс на 26 декември објави дека семејствата на загинатите ќе бидат обештетени со 40.000 мани (23.460 американски долари), додека повредените ќе добијат 20.000 мани (11.730 долари).
Покрај 42-те азербејџански државјани, на летот Ј2-8243 имало и 16 руски државјани, шест од Казахстан и тројца од Киргистан, соопштија официјални лица.
Меѓу преживеаните има и девет руски државјани, кои руското Министерство за вонредни ситуации на 26 декември ги превезе во Москва. Според руските здравствени власти, тројцата преживеани Руси се во критична состојба.
Иранскиот претседател ќе ја посети Москва во јануари
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан треба да отпатува за Русија на 17 јануари, објавија државните медиуми во Иран и Русија на 26 декември.
Цитирајќи го иранскиот амбасадор во Москва Казем Џалали, иранската новинска агенција Тасним рече дека „претседателот ќе ја посети Русија на 17 јануари и за време на посетата ќе биде потпишан договор за соработка меѓу двете земји.“
Русија и Иран се под строги финансиски санкции наметнати од западните земји и во последно време ја зајакнаа билатералната соработка на многу фронтови.
Западот го обвини Иран дека и обезбедува оружје на Русија за употреба против Украина, Техеран ги отфрли обвинувањата и покрај широката употреба на беспилотни летала од Иран во војната.
Мицкоски го повика, Обвинителството оформи предмет по изјавата дека бил следен
Премиерот Христијан Мицкоски очекува од Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите кои ги изнесе на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека претходната власт физички го следела него како лидер на најголемата опозициска партија и оти наводно бил лидер на паравоена формација.
„Овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше г. Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент – ВМРО-ДПМНЕ. Останатото еве оставам до обвинителството, да видиме дали овој глас ќе допре до нив и дали тие ќе преземат некакви мерки, рече Мицкоски.
Прашан до каде е со реализација најавеното спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност и дали има некаков предлог закон за спојување на агенциите, Мицкоски посочи дека се во подготовка реформи за кои ќе биде потребно време.
„Таа процедура нема да биде брза и се разбира нема да биде јавна. Кога ќе биде се’ завршено, а за тоа треба време, ќе има јавна дебата, ќе можат експертите да ги дадат своите мислења. Но, ние се подготвуваме на оваа реформа бидејќи оваа реформа најголемиот дел од НАТО земји ја имаат направено, од соседството таква е во Словенија, во Хрватска. Така што, да бидеме трпеливи затоа што сепак станува збор за системот за разузнавање и контраразузнавање на државата, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски вчера од собраниската говорница укажа на незаконско работење на дел од агенциите и службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите.
Одговарајќи на прашање на пратеникот Јован Јаулески за нови моменти од спроведените истраги внатре во рамки на безбедносните структури, премиерот посочи дека претходната власт физички го следела него како лидер на најголемата тогаш опозициска партија, но и членови на неговото потесно семејство, неговата сопруга и синовите.
Од обвинителството денеска соопштија дека веќе има оформен предмет по изјавата на Мицкоски.
„Јавното обвинителство веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ, за што Јавниот обвинител на РСМ на денешната средба веќе го информираше и премиерот. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите, информираат од ОЈО.
Нема простор за паника од мајмунски сипаници, велат од Инфективна клиника
Директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана вели дека во Северна Македонија нема простор за паника околу мајмунските сипаници и нагласи дека е запознат е со случајот во Косово.
Цана потсетува дека во државата досега нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а доколку се појави, вели дека се подготвени за справување со болеста.
„Запознат сум со случајот, имав долг разговор со директорот на Инфективната клиника во Приштина. Пациентот е стабилен, сѐ е под контрола во моментов, нагласува Цана.
Директорот појаснува дека станува збор за изолиран случај на граѓанин на Косово, кој работел подолго време во странство.
„Не е автохтон, туку е импортиран случај. Граѓаните кај нас може да бидат мирни. Нема простор за паника. Апсолутно сме подготвени во случај и кај нас да се појави лице со мајмунски сипаници. Може да се справиме со такви случаи. Имаме експерти, тоа е поле на Инфективна клиника, така што, болеста како болест ни е позната и се што може да се преземе околу тоа, вели директорот на Инфективната клиника.“, вели Цана.
Преносот на мајмунски сипаници од човек на човек може да се случи преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и полова дејност. Може да се распространува и преку воздушен-капен пат при зборување, кашлање или кивање.
Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.
Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.
Италијанска новинарка уапсена во Техеран поради „новинарски активности“
Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека полициските власти во Техеран ја уапсиле новинарката Сесилија Сала, која била во Иран поради „новинарски активности“.
Министерството во соопштението на 27 декември рече дека Сала, која има подкаст наречен „Приказни“ кој го покрива животот на различни места низ светот, била приведен на 19 декември.
Причината за приведувањето не е наведена, но во соопштението се наведува дека амбасадорот од италијанската амбасада во Техеран бил во конзуларна посета „за да ги провери условите и состојбата на приведената Сала“.
„Семејството беше информирано за резултатите од конзуларната посета. Сала претходно имаше можност да оствари два телефонски разговори со своите роднини“, се вели во соопштението.
На 17 декември, Сала објави подкаст од Техеран за патријархатот во иранската престолнина.
Иран е рутински обвинет за апсење на двојни државјани и западни државјани под лажни обвиненија со цел да ги искористи за притисок врз западните земји.
Претходно овој месец, Реза Вализаде, двоен иранско-американски државјанин и поранешен новинар на Радио Фард (иранскиот сервис на РСЕ), беше осуден на 10 години затвор од Револуционерниот суд во Техеран под обвинение за „соработка со непријателска влада“.
Вализаде престана да работи за Радио Фарда во ноември 2022 година по една деценија служба. Тој се вратил во Иран на почетокот на 2024 година за да го посети своето семејство, но бил уапсен на 22 септември.
На неговите две судски рочишта, одржани на 20 ноември и 7 декември, претставникот на обвинителството наводно бил отсутен, а таа улога ја презел судијата.
Извори блиски до новинарот тврдат дека тој паднал во „безбедносна замка“ и покрај тоа што добил неофицијални гаранции од иранските безбедносни службеници дека нема да се соочи со правни проблеми по неговото враќање во Иран.
Иран е меѓу најрепресивните земји кога станува збор за слободата на печатот. Репортери без граници го рангираа Иран на 176-то место од 180 земји во својот Светски индекс за слобода на печатот за 2024 година.
Медиумски надзорник со седиште во Париз вели дека Иран сега е исто така еден од најголемите светски затворачи на новинари.
Вселенската сонда на НАСА „безбедна“ по најблиското приближување до Сонцето во историјата
Меѓупланетарната сонда Паркер Солар успешно го направи најблиското прелетување до Сонцето во историјата и испрати сигнал до Земјата, објави во петокот НАСА.
Леталото помина на само 6,1 милиони километри од површината на Сонцето на 24 декември, летајќи низ надворешната атмосфера на Сонцето, позната како корона, во мисија што треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за ѕвездата најблиску до Земјата.
Патувајќи со брзина до 692.000 км на час, леталото издржа температури до 982 Целзиусови степени, се вели во соопштението на НАСА.
НАСА соопшти дека оперативниот тим во лабораторијата за применета физика Џон Хопкинс во Мериленд добил сигнал од сондата непосредно пред полноќ во четвртокот.
Се очекува леталото да испрати детални телеметриски податоци за неговиот статус на 1 јануари, додаде НАСА.
„Оваа студија одблиску на Сонцето и овозможува на Соларната сонда Паркер да направи мерења кои им помагаат на научниците подобро да разберат како материјалот во овој регион се загрева до милиони степени, од кое потекло е сончевиот ветер и како енергетските честички се забрзуваат до брзини блиску до брзината на светлината“, додава агенцијата.
Соларната сонда Паркер беше лансирана во 2018 година и постепено влегува во сè потесни орбити околу Сонцето, користејќи ја гравитацијата на Венера за време на прелетувањето.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете