Вести
Прв случај на мајмунски сипаници во Косово

Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.
Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.
„Пациентот е во стабилна здравствена состојба. Институтот ги следеше сите пријавени контакти на заразеното лице и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за мерки за превенција и контрола на инфекцијата“, се вели во соопштението.
Институтот повика на претпазливост, додавајќи дека луѓето со мајмунски сипаници обично имаат благи или умерени симптоми, кои траат две до четири недели.
Мајмунските сипаници се пренесуваат со близок контакт.
Тие обично се придружени со благи симптоми, но во некои случаи вирусот може да биде фатален за луѓето.
Вирусот е придружен со симптоми слични на грип, како и гнојни плускавци по целото тело.
Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје.
Прогласувањето на болеста за глобална вонредна здравствена состојба значи дека може да се распределат повеќе ресурси и да се преземат активности на глобално ниво за да се спречи ширењето на вирусот.
види ги сите денешни вести
Ердоган: Нашите односи се цврсти како и Камениот мост во Скопје

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска (28 февруари) во Истанбул, Турција, потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво помеѓу Турција и Северна Македонија.
На заедничката прес-конференција, Ердоган изјави дека ова е многу значаен чекор со кој „можеме да ги подигнеме на уште повисоко ниво односите меѓу нашите две земји во трговијата и економијата“.
„Минатата година ние имавме околу една милијарда долари трговска размена и мислам дека во првата прилика мораме да ја донесеме двострано. Помеѓу двете земји постои Спогодба за слободна трговија која треба повторно да се ревидира. Денеска посебно се осврнавме и на односите кои што ги имаме во воената област и во сферата на одбранбената индустрија. Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Северна Македонија. Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, рече Ердоган.
Македонскиот премиер рече дека целта на Советот е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво.
„Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар“, додаде македонскиот премиер.
Тој образложи дека основите на декларацијата се содржани во темелниот документ „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година.
На средбата станало збор и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството, а размениле мислења и за регионалните и глобалните геостратешки прашања како што е конфликтот во Украина и во Газа.
Ова е прва официјална посета на Мицкоски во Турција.
Руските сили од областа Курск го нападнаа регионот Суми, соопшти Киев

Украинските власти објавија дека руските сили го нападнале пограничниот украински регион Суми од соседната руски регион Курск, чиј дел беше заробен од украинската армија минатото лето.
„Русите се обидуваат да ја нападнат границата со пешадиски групи, без возила. Засега нема пробиви, борбите продолжуваат“, соопшти Украинскиот центар за борба против дезинформации.
Борбите се водат во близина на украинското село Новенка во близина на Судја, руски град кој го држи украинската армија во областа Курск, пренесе АФП.
Украинската армија влезе во Курск во август 2024 година и држи неколку стотици квадратни километри, што Киев се надева дека ќе ги искористи за можна размена во случај на преговори со Москва.
Русија, која окупираше околу 20 отсто од територијата на Украина, ја отфрли можноста за територијална размена.
Руската војска со месеци води контраофанзива за од областа Курск да ги истера украинските сили, кои се помалубројни од руските сили и во голема мера се повлекоа.
Украинските власти кон средината на февруари објавија дека контролираат 500 квадратни километри во тој регион на Русија, додека на почетокот на офанзивата во август окупираа 1.400 квадратни километри.
Киев и неговите сојузници тврдат дека Русија испратила илјадници севернокорејски војници во регионот да и помогнат на руската војска, но Москва не го потврди тоа.
Договор со САД за минералите
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (28 февруари) имаат средба во Вашингтон, во услови на нови американски разговори за можен крај на војната меѓу Украина и Русија што Кремљ ја започна во февруари 2022 година.
Трамп оцени дека напорите за постигнување мир се одвиваат доста брзо.
Неговата администрација претходно ги одржа првите разговори со Москва во февруари откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од три години.
Зеленски најави дека ќе се обиде да добие одредени безбедносни гаранции за Украина од Белата куќа кои треба да го поддржат потенцијалниот мировен договор.
Најавено е дека Зеленски и Трамп ќе потпишат договор со кој на САД ќе им се овозможи пристап до украинските ресурси на ретки метали. Трамп посочи дека присуството на американски рударски компании во Украина би можело да дејствува како пречка за идни руски напади.
Москва го анектира украинскиот полуостров Крим на Црното Море во 2014 година и ги поддржа проруските сепаратисти во борбите во источна Украина. Конфликтот ескалираше во отворена војна кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.
Димитриеска Кочоска: Темата со пратеничката Петровска за мене е завршена

Темата за инцидентот со пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска е затворена за Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска. Таа на денешната (28 февруари) прес-конференција во Владата рече дека веќе изразила жалење за целиот контекст и дека се фокусира на својата работа.
Оваа изјава уследи по вчерашниот конфликт меѓу пратеничката и министерката кои за време на пратеничките прашања во Собранието имаа вербален судир.
Пратеничката Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината млеко што треба да ја конзумира едно семејство.
Во одговор на тоа Димитриеска-Кочоска ја праша Петровска „врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши“.
„Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“, рече Министерката.
Таа денеска потенцираше дека народот има поважни теми како и дека немала никогаш намера да навреди никого, напротив, како што рече „таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва“.
Според министерката, реакциите во јавноста следуваат, откако, „се координирале да прават тема од ова“, како и дека нема да возвраќа со навреди.
Од Социјалдемократскиот сојуз денеска побараа оставка од министерката за финансии поради изречени навреди кон пратеничката Петровска.
На прес-конференцијата пред Министерството за финансии, пратеничката Јованка Тренчевска истакна дека искажаните зборови од министерката не биле навреда само кон Петровска, туку кон секоја жена и човек што некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден.
„Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас, тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност. Наместо извинување и признание на грешката, Кочоска и ДПМНЕ продолжија со нападите врз Славјанка Петровска. Наместо да покажат барем трошка почит и човечки да се извинат, тие одлучија да ја нападнат Славјанка уште повеќе, ја обвинија дека глуми жртва“, истакна Тренчевска.
Од СДСМ Најавија дека ќе побараат итна седница на Комисијата за дискриминација на која ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и за поширокиот проблем на дискриминација во институции врз основа на полова припадност.
„Исто така, ќе иницираат законски измени или кодекс што ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено од високи функционери“, посочија оттаму.
За вчерашното обраќање на министерката за финансии кон пратеничката на СДСМ денеска коментираше и претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите, порачувајќи дека тој е на страна на пратениците, а Владата треба да биде внимателна како се однесува кон нив.
„Кога се случуваат пратенички прашања треба да знаат министрите и владата дека доаѓаат да одговараат на пратенички прашања и треба да знаеме да се почитуваме и какви ингеренции има секоја институција. Собранието има надзорна функција над Владата, пратеничките прашања се алатка за постигнување на тој ефект и затоа мислам дека особено Владата треба да биде внимателна во Собрание како се однесува кон пратениците“, рече Гаши.
Тој вчера не ја водеше седницата со пратенички прашања туку со неа претседаваше потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, од партијата ЗНАМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ. Во разговор со новинарите, Гаши не го коментираше директно тоа што вчера немаше реакција од Бендевска туку рече дека „кој и да ја води седницата, кога има перцепција дека некој навредува некого, треба да реагира“.
Зборувајќи општо за политичката култура, претседателот на Собранието порача дека тој секогаш повикува таа да се подигне на повисоко ниво и да се почитува етичкиот кодекс меѓу пратениците.
Mинистерката се огласи и на социјалните мрежи каде кажа дека немала намера да ја навреди Петровска, но оти „почитта мора да се заслужи“. Димитриеска-Кочоска изрази жалење што нејзините зборови биле погрешно разбрани.
Најмалку четворица загинати во експлозија во верско училиште во Пакистан

Најмалку четири лица загинаа во силна експлозија во проталибанско верско училиште во северозападниот дел на Пакистан, меѓу кои и еден висок имам, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик (РСЕ).
Локалните власти објавија дека меѓу загинатите е и Хамид ул-Хак Хакани, пакистански политичар и заменик-шеф на верското училиште во џамијата Хаканија во областа Акора Катак во провинцијата Хајбер Пахтунхва.
Шефот на провинциската полиција Зулфикар Хамид изјави за новинарите дека првичните докази сугерираат дека експлозијата била предизвикана од бомбаш самоубиец кој конкретно го таргетирал Хакани.
Билал Фаизи, портпарол на локалната служба за вонредни состојби, изјави дека најмалку 20 лица се повредени во експлозијата.
Талибанците, кои се вратија на власт во Авганистан во 2021 година, во соопштение рекоа дека „остро го осудуваат“ нападот врз верското училиште. Ниту една група не презеде одговорност за инцидентот.
Масовни демонстрации во Грција на втората годишнина од железничката несреќа во која загинаа 57 лица

Судири меѓу демонстрантите и полицијата се случија за време на 24-часовните демонстрации низ Грција, каде некои граѓани бараат кривично гонење на одговорните за железничката несреќа во земјата која се случи во февруари пред две години.
На втората годишнина од трагедијата, во која загинаа 57 лица, денеска (28 февруари) во Атина избувнаа немири откако демонстрантите им оддадоа почит на жртвите додека маскирани лица фрлаа камења и молотови коктели и упаднаа на барикадите пред зградата на Парламентот, на што полицијата одговори со употреба на солзавец, објави Ројтерс.
Меѓународните и домашните летови беа прекинати со штрајк на контролорите на летање кои им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во еднодневниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Фирмите и културните институции се затворени.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, повика на штрајк за, како што рече, да се спроведе владеењето на правото.
На 28 февруари 2023 година, патнички воз се судри со товарен воз во близина на клисурата Темпи во централна Грција, а неодамна објавените аудио снимки покажаа дека околу 30 патници кои го преживеале судирот потоа починале од задушување или изгореници.
Како што пренесува Ројтерс, две години подоцна, судската истрага не е завршена и никој не е осуден за несреќата.
Резултатите од истрагата, објавени на 27 февруари, покажаа дека седум лица загинале во пожар што избувна по сударот на возот.
Десничарската влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која беше реизбрана по катастрофата во 2023 година, се соочува со критики од роднините на жртвите кои бараат парламентарна истрага за политичка одговорност.
Грчката влада ги негира нејзините неуспеси и наведува дека на судството е да ја истражи несреќата.
На денешните протести, многу ученици отидоа на училиште облечени во црно, како симбол на жалост, додека некои носеа црни балони.
Демонстрантите во Атина во црвено ги напишаа имињата на убиените пред зградата на Парламентот.
„Секојдневно чудовиштето на корумпираната моќ се појавува пред нас“, изјави пред насобраните во Атина Марија Каристијану, чија ќерка загина во железничката несреќа.
На еден од транспарентите што ги држеа демонстрантите во Атина пишуваше „Грција ги убива своите деца“.
Премиерот Мицотакис на 28 февруари најави дека владата ќе работи на модернизирање на железничката мрежа и ќе ја направи побезбедна.
Опозициските партии ја обвинија владата дека прикрива докази и ја повикаа да поднесе оставка.
Анкетата на Пулс покажа дека 66 отсто од грчките граѓани се незадоволни од истрагата за несреќата.
Ројтерс јавува дека парламентот се очекува следната недела да расправа за можното формирање комисија која ќе ја испита можната политичка одговорност за железничката несреќа.
Гаши: Брисел и пратениците се желни да помогнат во евроинтеграциите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се надева и посакува со новата влада на Бугарија да има поинтензивна комуникација за одблокирање на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ). Желба, тврди тој, има и во Брисел.
„Исто така и Брисел и сите пратеници се желни да ни помогнат во тој процес и многу се надевам и посакувам што побргу да го затвориме ова прашање, да ги започнеме преговорите и што побргу да станеме членка на ЕУ“, изјави Гаши на брифинг со новинарите.
Неговата изјава следува откако од вчера (27 февруари) во земјава се присутни европратеници кои се дел од Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Тие овие два дена одржуваат состанок со пратениците во македонското Собрание, а Гаши вели дека главно прашање е членството на земјава во ЕУ.
„Знаете дека последната препрека ни се уставните измени односно да се најде еден вид гаранција односно да се сочува процесот како да пристапиме кон уставни измени, а во иднина да немаме покренување идентитетски прашања за кои сите се сложуваме дека се тешко решливи и се вон доменот на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ“, вели Гаши.
Северна Македонија и Албанија во јули 2022 ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ во пристапните процеси за членство во ЕУ, но за Скопје да ја одржи и втората, односно да отвори поглавја, треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се залага за одложено дејство на уставните измени односно за гаранции дека во иднина ќе нема нови условувања.
Бугарија, пак, по политичката криза и седумте изборни процеси во изминатите четири години, во јануари доби Влада, а новиот шеф на дипломатија Георг Георгиев по средба со министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски во Минхен месецов порача дека не е можно повторно преговарање на договореното.
Средба Шојгу-Си: Соработката меѓу Русија и Кина е пример за односи меѓу две светски сили

Соработката меѓу Русија и Кина не е насочена против други земји и претставува модел на односи меѓу двете големи светски сили, изјави денеска (28 февруари) секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу во разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Тој рече дека односите меѓу двете земји се на исклучително високо ниво и дека рускиот претседател го надгледува спроведувањето на договорите со Кина за широк спектар прашања.
„Русија високо ги цени постигнатите договори со Кина и има за цел да ги продлабочи“, изјави Шојгу.
Тој му ги пренесе на Си поздравите на рускиот претседател, кој, како што истакна, „високо ги цени доверливите, пријателските и работните односи што се развија и го следи спроведувањето на договорите постигнати со вас за широк спектар на прашања“.
Шојгу в петок пристигна во посета на Пекинг, каде што претходно се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
Вулин: Западните служби се обидуваат да направат обоена револуција во Србија и да ја дестабилизираат

Српскиот вицепремиер Александар Вулин му рекол на директорот на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин во Москва дека „во Србија е во тек обид за обоена револуција и дестабилизација од страна на западните разузнавачки служби“.
Во текот на разговорот, Вулин оценил и дека пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на босанскиот ентитет на Република Српска, Милорад Додик, за непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, како и санкциите на САД за нафтената индустрија на Србија (НИС) се дел од „хибридната војна против Србија“.
Во соопштението на српската влада се наведува дека Вулин рече дека крајната цел на ова е „соборување на претседателот Александар Вучиќ и легално избраната влада во Србија“.
Според соопштението на српската влада, Наришкин одговорил дека српскиот народ секогаш може да смета на поддршката од Русија.
Во Србија во тек се повеќемесечни протести на студенти и граѓани на кои се бара кривична и политичка одговорност за уривањето на бетонската настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а двајца беа повредени.
Највисоките функционери на Србија, меѓу кои и претседателот Александар Вучиќ, оценија дека ова е обид за „обоена револуција“, не наведувајќи докази за тоа.
Србија е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина, а официјалните лица продолжија да одржуваат контакти со Москва.
На 10 јануари, САД воведоа санкции за НИС поради руска сопственост, а Вулин е исто така под американски санкции поради наводна корупција и вмешаност во трговија со дрога, како и врски со Русија.
Киев регистрирал над 200 напади со беспилотни летала од Москва

Русија изврши 208 напади со беспилотни летала врз Украина во својот најнов напад врз соседната земја, објавија денеска (28 февруари) украинските власти.
Од нив, 107 биле соборени, додека 97 се изгубиле, објави украинската противвоздушна одбрана на Телеграм.
Воениот гувернер на регионот Харкив, Олех Синиехубов, на Телеграм напиша дека се случил масовен напад на електричната мрежа во регионот, при што две лица биле повредени, а околу 20 згради биле оштетени.
Според локалните власти, во регионот Суми, двајца биле повредени во нападите, додека четири станбени згради, 10 приватни домови и помошни згради биле оштетени. Официјалните извештаи од областа Запорожје, исто така, посочија дека едно лице е повредено, а неколку пожари биле предизвикани од руските напади.
Зеленски треба да дојде во Вашингтон подоцна во петок. Американскиот претседател Доналд Трамп треба да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, каде што според најавите треба да се потпише договорот со кој на САД им се дава пристап до минералните ресурси во Украина. Договорот се преговара со недели, со клучни спорни точки, вклучително и прашањето дали ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина.
Во меѓувреме, Украина изврши контранапади со свои беспилотни летала на руска територија. Руската авијација, Росавијација, ги ограничи операциите на московскиот аеродром Шереметјево од безбедносни причини. Околу два часа во текот на ноќта не беа дозволени полетувања или слетувања.
Украинските напади со беспилотни летала постојано предизвикуваат прекини на руските аеродроми.
Руското Министерство за одбрана на Телеграм напиша дека во текот на ноќта над руска територија биле соборени 22 украински беспилотни летала. Погодените региони ги опфаќаат Ориол, Курск, Брјанск, Смоленск и Краснодар.
Најмалку 47 луѓе заробени откако се урна глечер во Индија

Се стравува дека најмалку 47 луѓе се заробени откако се урнал глечер во индиската хималајска држава Утаракханд, објавија денеска (28 февруари) локалните медиуми.
Инцидентот се случил во близина на автопат во регионот Чамоли, на помалку од пет километри од популарниот хинду храм Бадринат, кој секоја година го посетуваат стотици илјади верници.
„Најмалку 57 работници кои граделе пат во областа што граничи со Тибет се заробени. Од нив 10 се спасени и испратени во воен камп кај Мана (село) во критична состојба“, изјави полицискиот припадник Нилеш Ананд Барне.
Друг висок претставник изјави дека спасувачите се соочуваат со предизвик да стигнат до местото каде што 47-те работници се заробени поради обилните снежни врнежи.
Меторолозите очекуваат повремено намалување на видливоста поради обилните врнежи, зголемено време на патување поради прекин на сообраќајот и помали оштетувања на неасфалтираните патишта.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете