Со еден месец задоцнување поради пандемијата на коронавирус, новата учебна година започна за сите, но не сите ученици седнаа во училишните клупи. Таа можност ја имаат само учениците од прво до трето одделение кои настава ќе следат на традиционалниот начин со физичко присуство.
Но, и тие се соочија со еден поинаков образовен процес бидејќи согласно протоколите мораат да носат маски на лицето и да одржуваат дистанца. Учебната година за првачињата од основно училиште Владо Тасевски започна во школскиот двор. Тие беа 106 на број, а една од нив е и Ева која вели дека добро и поминал првиот ден и се радува што ќе оди на училиште.
„Повеќе сакам на училиште да доаѓам, зошто дома не можам да вежбам физичко“, вели таа.
Нејзината мајка Ана Билинска Камчијаш вели дека донела одлука Ева да посетува настава со физичко присуство и дека и покрај тоа што првиот училишен ден е поинаков во услови на пандемија им донел радост.
„Весело, како и секој прв училишен ден, во посебни услови, но сепак за нас е голема радост. Родителот секогаш се грижи за детето без оглед на состојбата, нормално мерките ќе си се испочитуваат од почеток до крај, како биде така“, вели таа.
Директорката на основното училиште, Елка Даскалова посочува дека од прво до трето одделение ќе има 100 деца кои ќе посетуваат настава со физичко присуство во прва смена и 97 во втора смена. Останатите ќе се приклучат преку онлајн настава, а според неа, училиштето е подготвено.
„Да подготвени сме благодарејќи на општината што ни обезбеди кабинет во секоја училница да има компјутер и лаптоп, имаме интернет. Подготвени се наставниците со обука, меѓутоа нема да биде лесно. Веќе почнуваме да се приклучуваме, почнуваат да се приклучуваат. Денеска наставниците од четврто до деветто одделение имаат само одделенски час, се уште се логираат. Сè додека условите се добри продолжуваме со таков вид на настава со физичко присуство на наставниците во своите училници, доколку ситуацијата наложи поинаку подготвени се и оние со физичко присуство од прво до трето одделение да си продолжат со онлајн настава. Ќе биде тешко овие две-три седмици додека се навикнат, затоа што тука сепак се задржува оној триаголник родител-ученик-наставник, сите заеднички ќе си помагаат, сите заеднички ќе учат и мислам дека ќе успееме“, смета Даскалова.
Околу 800 училишта поднесоа барање за одвивање на наставата со физичко присуство, а одобрение добија околу 600 училишта. Со физичко присуство се следи и настава во општините или региони каде што има мал број на деца и каде училиштата претходно добиле дозвола. Оние ученици кои настава ќе следат од дома со нивните наставници ќе комуницираат преку единствената национална платформа за онлајн-учење.
Поради пандемијата не само што учебната година започна со еден месец задоцнување, туку го промени и образовниот процес кој во краток период мораше да се дигитализира. Околу 260 илјади ученици и околу 25 илјади наставници од основните и средните училишта во државата ќе ја користат националната платформа.
Незадоволство од учење на далечина пред првиот школски дена изразија средношколците кои се заканија и со бојкот на наставата. Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци порача дека средношколците ќе почнат со онлајн настава, но доколку се подобри епидемиолошката слика ќе бараат настава со физичко присуство.
„Ниту еден ученик не смее да биде лишен од ова основно право на образование. Ќе почнеме онјалн, но ако се подобри состојбата, сакаме комбинирана настава. Доколку тоа не се случи во ноември, ние ќе ја бојкотираме наставата. Ова не треба да се сфати како компромис со Владата, туку јасно барање на средношколците“, истакна Ходаи.
Децата кои немаат можност настава да следат онлајн, тоа ќе мора да го прават преку телевизија. Станува збор за околу 40 илјади деца. За нив наставни содржини ќе се емитуваат на МТВ.
Владата пред некој ден одобри и организација на продолжен престој на учениците во основните училишта каде има настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.
Минатата учебна година заврши со онлајн настава, бидејќи по прогласувањето на пандемијата на 10 март со одлука на владата без затворени градинките, училиштата и факултетите.