Достапни линкови

Заштитата на културното наследство – приоритет на министерката за култура Стефоска


Министерката за култура Ирена Стефоска
Министерката за култура Ирена Стефоска

Заштитата на културното наследство, евроинтеграциите и младите се трите главни столба во раководењето со Министерството за култура на новата министерка во овој ресор - Ирена Стефоска. Ветуваат одговорност во работата и се надеваат на брзо донесување на новиот Закон за јавен интерес во културата.

Имам привилегија и предизвик, како член на одговорна Влада, да водам ресор кој по својата природа ги промовира креативноста, хуманистичките вредности и слободата на духот. Како што стои во моето мандатно писмо, во изворното значење на зборот „министер“ се содржи службата во интерес на граѓаните. Јас и мојот тим во оваа насока имаме благородна и одговорна мисија зашто културата и уметноста не познаваат граници и не ги делат луѓето ниту по етничка ниту по партиска ниту, пак, по родова, генерациска и која било припадност.

Вака ќе го започне своето прво обраќање до јавноста министерката за култура Ирена Стефоска. Таа, по само три недели во Министерството, забележува дека клучниот документ што ги дефинира основите на нивната мисија во културата е Националната стратегија за развој на култура за периодот 2018 – 2022 година, која беше изгласана во Парламентот без ниеден глас против. Тоа, како што вели, подразбира „обезбедување и осовременување на условите за работа на институциите, на независната сцена и на поединците“. Притоа нагласува дека врвен приоритет ќе им биде Заштитата на културното наследство.

- Заштитата на културното наследство како национална меморија е приоритет на секоја одговорна Влада, па така, во оваа пригода, како министерка, велам дека врвен приоритет на мојот министерски кабинет е суштинска грижа за недвижното, движното и нематеријaлното наследство. Зборуваме за непроценливо богатство што како амалгам од соништата на сите наши предци е живата врска со нашата современост. Одговорни сме пред предците, кон нас самите, кон идните генерации и кон светот. Впрочем, едно од клучните барања и на ЕУ кон Република Северна Македонија е токму заштитата на културното наследство, вели Стефоска.

Во овој контекст забележува дека нејзина прва задача како министерка е да овозможи воспоставување ефикасен систем за заштита на културното наследство и макотрпно да работи на раскрстување со вандалскиот однос кон него.

- Уште веднаш по моето стапување на должност, од надлежните институции побарав детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство, иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност!

Од таму, Министерката јавно се прашува зошто во последниве децении црквата „Св. Ѓорѓи“ (Ангелот од Курбиново) не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го наложува. Зошто досега истиот пристап не бил применет и за сите другите загрозени културни добра од светско и од национално значење, како манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Матејче.

Фотографија на една од фреските во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново од изложбата на Панче Велков

Стефоска и со најава дека нема да бидат заборавени и спомениците од НОБ кои се еднакво важен сегмент во нашата културна меморија, а најавува и дека во рамките на Програмата за прославување на јубилеи на историски настани и еминентни личности за периодот 2020 - 2021 година на 40-тата сесија на Генералната конференција на УНЕСКО се потврдени два јубилеја предложени од нашата држава. Така, ќе бидат чествувани 50-годинишнината од смртта на Параскеви Кирјази, која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во 1908 година во Битола, додека, пак, следната година УНЕСКО ќе се придружи кон големиот јубилеј - 100 години од раѓањето на великанот на македонскиот јазик и книжевност, Блаже Конески.

Во програмата нотирана е и ревитализација на централното градско подрачје по штетите предизвикани од проектот „Скопје 2014“, која ќе биде реализирана заедно со Град Скопје, а според програмата на Владата за оваа цел се планирано распишување меѓународен конкурс. Министерката со појаснување дека процесот на интегрирање на земјава во Европската Унија за ресорот култура е ветер во грб, па од таму и вториот столб во програмата на Владата и на овој министерски кабинет се токму евроинтеграциите каде во пристапните преговори, културата е во Поглавјето 26, а таа и нејзиниот тим напорно ќе работат успешно да го отворат и да го затворат ова поглавје.

Во своето обраќање Стефоска забележува дека во остварување на нивната „визија за модерна и автентична култура, исткаена со боите на сите етнички заедници во земјава, неопходна ни се енергијата и креативноста на младите“, па од таму и младите се третиот столб во работата на нејзиниот кабинет.

Таа и со најава дека се наближува и терминот за распишување на Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата, па така во Министерството интензивно се работи на „усовршување на критериумите за апликација и за вреднување на проектите и програмите“ и дека во оваа смисла од исклучителна важност е Собранието што побрзо да го донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу останатото се менува и моделот на финансирање во културата. Конечно, министерката Ирена Стефоска и со информација дека од денеска, според предвидените протоколи за превенција и заштита од Ковид-19, повторно се отвораат за функционирање институциите од културата и дека и натаму ќе се работи на проблемот со задоцнетите плати во културата кој се појави со примената на новиот Колективен договор во културата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG