Рамковните вработени кои седат дома, а земаат плата за шест месеци ќе тргнат на работа, најави лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев, по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети кога ги презентираше основите како ќе функционира коалицијата меѓу двете партии во новата Влада, а тоа го предвидува и нејзината програма. Но, нивното распоредување Владата го најави уште пред две години, а најголем дел од рамковните вработени се уште чекаат да бидат преземени од институциите.
Во програмата на новата Влада доставена до Собранието, која ќе се разгледува во наредните денови се наведува дека во согласност со Охридскиот Рамковен Договор, Владата ќе обезбеди ефикасно и квалитетно спроведување на процесот на унапредување на правичната и адекватна застапеност во јавната администрација.
„Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции, додека институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата“, се наведува во програмата на новата Влада доставена до Собранието.
Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, лани во март стана Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. На неговиот платен список се сите рамковни вработени кои треба да бидат распоредени. Во Буџетот за оваа година е наведено дека во министерството се вработени 1433 лица, а за нивните плати ќе се издвојат речиси 9 милиони евра.
Во Буџетот за претходната 2019 година на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, изготвен пред да биде изгласано новото министерство може да се види дека тогаш институцијата броела 1699 вработени. Доколку се минусираат бројките излага дека за една година министерството од својот список избришало само 266 рамковни вработени.
Додека пак во 2018 година, според податоците во Буџетот за таа година, во секретаријатот имало 1749 вработени. Што значи дека во рок од две години биле распоредени само 316 рамковни вработени.
Доколку има политичка волја, процесот на нивна распределба може лесно да се заврши, вели професорот Темелко Ристески. Но, друго прашање е дали овие кадри ќе бидат искористени согласно потребите на администрацијата, која и така е пренатрупана, додава тој.
„Не е битно само да ги распоредите, па нека земаат плата. Туку ако веќе се распоредат треба и да даваат резултати. Таквото наоѓање на работа, колку да се најде работа, не е во ред. Се коси со принципот на економичност на администрацијата и со принципот на ефикасност на администрацијата. Многу луѓе ги кочат системите и ја намалуваат ефикасноста на системите. Секое зголемување на бројот на кадарот веќе дава поинаков квалитет. Тој квалитет е полош квалитет во случајов“, вели Ристески.
Поранешниот министер за правда и дел од експертите вклучени во изготвување на Рамковниот договор, Џевдет Несуфи вели дека политичката димензија на овие вработувања има негативни ефекти и последици во општеството.
„Првата последица од ова е неправдата, што оваа категорија на таканаречени вработени остварува лични примања без реална основа, што по нашите закони и нашиот Устав е инкриминирање. Никој не смее да прима лични примања, а да не допринесува. Тоа значи газење со две нозе и на законот и дури на Уставот, бидејќи вработувањето е основно право и треба да се придонесува да се остварат примањата. Значи прво тоа е голема грешка на институциите и на одговорните во нив. Второ ние исто така цениме дека ова е во контекст на спроведување на Охридскиот рамковен договор. Но овој договор не бара вработување на ваков начин, бидејќи се нансеува неправда меѓу реално вработените и нереално вработените. Не е ова реално спроведување на Охридскиот договор во доменот на вработувања и реална застапеност и итн“, смета Несуфи.
Заев во истовреме најави и намалување на државната админстрација за 20 проценти. Според Ристески, бројот на кадрите во администрацијата треба да се намалува.
„Да прошетате по министерствата ќе видите дека е пренатрупано. Има луѓе кои што доаѓаат на работа, меѓутоа и без нив се може. Има места каде што има потреба од луѓе. Не е во сите министерства состојбата подеднаква. Во тој случај ќе бидат искористени тие луѓе, под услов да си ја знаат работата, да бидат стручни за да може ефикасно да ги завршуваат работите на работните места каде што ќе бидат распоредени“, смета Ристески.
Министерот за информатичко оштество и администрација Дамајн Манчевски во март, 2018 година соопшти дека 1600 вработени согласно Рамковниот договор ќе се распоредат во целиот јавен сектор и дека процесот ќе трае околу два месеци. Во првата фаза, според него, требаше да бидат распоредени 958 рамковни вработени.
Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки една година подоцна, односно, лани во септември, изјави дека 938 вработени, според Рамковниот договор, и натаму ќе седат дома, а ќе добиваат плата.
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во новата Влада ќе го предводи Артан Груби, а првата задача со која ќе се соочи на новото работно место, доколку се оствари ветувањето на Заев ќе биде да се справи со рамковните вработувања.
Пред деветнаесет години, на 13 август 2001 година, во претседателската резиденција на Водно во Скопје беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Подоцна беше формиран и Секетаријатот за Охридскиот рамковен договор, кој започна да функционира од јануари 2008 година. По 11 години неговото место го зазема Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.