Трета недела од конституирањето на Собранието функционери вршат истовремено министерска и пратеничка функција, по што се отвора прашањето дали оваа ситуација во државата е овозможена поради правни недоречености.
Претседателот на техничката Влада Оливер Спасовски во моментов врши и пратеничка функција, исто како и двете вицепремиерки Радмила Шекеринска и Мила Царовска. Истовремно пратеник и министер за информатичко општество и администрација е Дамјан Манчевски, но и актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Тие денеска преку видео-конференциска врска учествуваат на владина седница, како што соопшти прес-службата на Владата.
Поранешниот претседател на Државнaта изборна комисија (ДИК) Александар Новаковски вели дека во овој случај се применува Уставот според кој, како што посочува, членовите на Владата се должни да ја извршуваат функцијата се до изборот на новиот владин состав.
Откако предлогот за новите министри официјално ќе биде доставен во Собранието, објаснува Новаковски, на оние кои ќе бидат предложени за министри ќе им престане функцијата пратеник, а ќе бидат верификувани мандатите на пратениците кои се следни на листата според извештајот на Државната изборна комисија (ДИК) и тие ќе гласаат за составот на новата Влада.
„Според мене постои правна празнина, не е регулирано, но во секој случај се применува Уставот, а Уставот е најважен во овој момент. Во прашање може да се доведе за кои прашања тие одлучуваат на Влада, може да се доведе во прашање во однос на судир на некаков интерес, доколку доставуваат предлози на закони кои ги гласа Собранието. Но, јас мислам дека нема да одлучуваат за такви работи, одлучуваат за строго технички прашања се до изборот на новата Влада. Не може да се остане без извршната власт која мора да ги обавува тие функции“, вели Новаковски.
Собранието денеска на седница расправа за предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, откако претходно лидертот на СДСМ и мандатар Зоран Заев изјави дека прво Парламентот мора да избере потпретседатели, за потоа да биде доставен до Собранието составот на новата Влада. Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети минатата недела се договорија да формираат владино мнозинство.
Нова влада со старо нов состав
Инаку претходно деновиве и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска во изјава за медиумите го отвори прашањето како е можно пратеници истовремено да бидат и министри. Таа истакна дека доколку е можно министри да бидат дел од пратеничка листа, тогаш „треба да се изрегулира кога ќе престане министерскиот мандат.“
„И не треба да примаат две плати“, рече Ивановска.
На ваквата забелешка реагираа од Владата, наведувајќи дека премиерот Спасовски и министрите кои биле избрани за пратеници ќе ја земаат единствено платата за нивниот ангажман во Владата.
„Во врска со забелешката на Државната комисија за спречување на корупцијата и конфликтот на интереси, дека членови на Владата кои се избрани за пратеници земаат две плати, Владата на Република Северна Македонија информира дека премиерот и министрите кои на последните избори беа избрани за пратеници, ја земат единствено и исклучиво платата за нивниот ангажман во Владата, до моментот на траење на нивниот ангажман во Влада, а не и од Собранието“, се вели во владиното соопштение.
Антикорупциската комисија предупреди и дека ќе има судир на интереси ако пратеникот на ДУИ Фљорим Бесими гласа за изборот на новата Влада за неговиот брат Фатмир Бесими, кој според најавите ќе биде предложен за министер за финансии, по што денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на втората собраниска седница ја констатираше оставката на пратеникот Фљорим Бесими.
Констатирана оставката на пратеникот Бесими
Именувањето на новите министри во Собранието се очекува да се случи деновиве, откако претходно лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети по неколку партиски состаноци се договорија за првите луѓе на министерствата што ќе ги водат во следните четири години.
Договорот предвидува Владата четири години да ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев, со исклучок на последните сто дена пред изборите кога премиер треба да биде именуван по предлог на ДУИ, партија која во предизборието водеше кампања за премиер Албанец.
Во новата Влада истите позиции ќе ги задржат Радмила Шекеринска во Министерството за одбрана, Венко Филипче во Министерството за здравство, техничкиот премиер Оливер Спасовски повторно се враќа во Министерството за внатрешни работи.
Насер Нуредини останува во животна средина, Крешник Бектеши во економија и Горан Милевски во локална самоуправа. Нови министри, пак, стануваат Бојан Маричиќ во Министерството за правда, Ирена Стефоска во Министерството за култура, Јагода Шахпаска во Министерството за труд и социјала, Благој Бочварски во Министерството за транспорт и врски, Артан Груби, кој ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Аријанит Хоџа во Министерството за земјоделство.