Достапни линкови

Единаесеттиот „Македокс“ со фокус на дизајнот на звук


Плакат за единаесетиот фестивал за креативен документарен филм „МакеДокс“
Плакат за единаесетиот фестивал за креативен документарен филм „МакеДокс“

Под мотото „Слеј се со тишината“, во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотека на РСМ во Скопје, од 19 до 26 август, ќе се одржи 11-то и прво хибридно издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ својата втора декада ја почнува соглсно на условите на времето во кое живееме - хибридно. Со програма и дополнителни активности планирани уште од завршувањето на минатогодишното издание, но во услови на светска пандемија. Така во случајов планирани се проекции и настани во живо на отворен простор и настани што ќе се одржат он-лајн на интернет. Ова подразбира дека филмските проекции што ќе се одвиваат во на платното паралелно ќе може да се следат и на интернет-платформа, што овозможува програмата да биде достапна низ целата држава. Поради пандемијата и мерките за заштита и превенција од Ковид-19 годинава во Скопје нема да дојдат гости од странство, но голем дел од авторите на филмовите на Фестивалот на ова случување ќе присуствуваат виртуелно. Планирано е он-лајн да се одвиваат дискусиите по филмовите, разговорите под смоква, како и мастеркласовите и работилниците.

Инаку, наместо како досега во Куршумли ан единаесетото издание на „МакеДокс“ е планирано да биде од 19 до 26 август во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотеката во Скопје, а како што велат организаторите ќе биде посветено на звукот и тишината. На слушање на наједноставното и најтешкото, и на поглед кон невидливото. Фокусот се става на поезијата во филмот - дизајнот на звук. Мото на фестивалот е „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на големиот македонски поет Ацо Шопов од 1955 година.

- Фокус на Фестивалот е дизајнот на звук. Токму затоа влегуваме во внатрешноста на кромидот. Пред нас се плакатите кои се изработени од Самир Карахасан со подршка на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ кадешто влегуваме микроскопски во невидливото на кромидот. Целта ни е да го видиме сите тоа што не може да се види со голо око и затоа фестивалската програма ќе биде отворена на 19 август со проекција на документарните филмови „Спиењето на Макс Рихтер“ за најактуелниот композитор на современа сериозна музика Макс Рихтер и вториот „Зборувај за да те видам“, односно портретот за Втората програма на белградското радио, вели Дарко Набаков од екипата „МакеДокс“.

Инаку, Петра Селишкар, селекторка на Главната програма и на категоријата „Нови автори“, во пресрет на 11-от „МакеДокс“ истакнува дека специфика на годинашново издание е тоа што на манифестацијата условно речено се враќаат автори како Џон Апел, Хуберт Саупер, Томас Балмес и Младен Ковачевиќ. Така во рамките на носечката програма публиката ќе има можност да проследи дела како „Епицентар“, „Испеј ми песна“, „Кога прашината ќе слегне“, „Колектив“, „Нашата временска машина“, „Само ѓаволот живее без надеж“, „Светиот татко“, „Спиењето на Макс Рихтер“, „Среќен Божиќ Јиву“ и „Фатени во мрежа“. Од друга страна, категоријата „Нови автори“ опфаќа десет остварувања, а што е важно е што во нејзини рамки ќе се одржи и премиерата и на македонскиот документарец „Професорот“ на Јордан Дуков. Тука е и Програмата на кратки документарци која содржи 15 наслови, а според организаторите радува фактот што годинава пристигнале голем број остварувања на автори од регионот. Во рамките на оваа програма премиерно ќе бидат прикажани два македонски филмови „Нејзиното семејство“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски. Конечно, Студентската програма, пак, содржи 14 наслови, а Детската програма ќе се одржи он-лајн, а се реализира во соработка со филмските фестивали „Ајс докс“ од Исланд, „Синедок Тбилиси“ од Грузија и фестивалот за анимирани филмови „Аниматека“ од Словенија.

Инаку, Земја во фокусот на 11-от „МакеДокс“ е Кралството Холандија и токму затоа на програмата ќе се најдат шест нови документарни остварувања од тамошната продукција. Холандските филмски документаристи не обработуваат само теми од „Ниската земја“. Напротив – своите филмски „бисери“ ги откриваат низ целиот свет како номади во потрага по скриени богатства. Со исклучителен документаристички сензибилитет, при што визуелните глетки на неверојатно функционален начин се надополнуваат со звучниот фон (музиката, природните звуци, говорот, тишината), овие автори го создадоа и го создаваат еден од најзначајните документаристички филмски опуси за човековата цивилизација – појаснува селекторката Петрула Вељановска. Таа и со дополна дека оваа Програма е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, а интересно е и тоа што по премиерата на документарниот филм „Кога прашината ќе слегне“, холандскиот режисер Џон Апел на 22 август он-лајн ќе одржи и мастер клас, што ќе може да се проследи преку платформата „Зум“.

И, кога сме веќе тука, да кажеме и тоа дека во тек е работилницата за дизајн на звукот „Звукот го обликува филмот, филмот го обликува звукот“ со Владимир Ракиќ (1974, Нови Сад), композитор и дизајнер на звук кој, по потекло е од Србија, а веќе 20-ина години живее и работи во Амстердам. Оваа работилницата ќе биде презентирана он-лајн на 20 август.

Конечно, во рамките на 11.МакеДокс се одржува и второто издание на форумот МакеКоПроДокс, кое се реализира со поддршка од програмата Креативна Европа - МЕДИА Деск МК.

- Форумот целосно се одржува он-лајн. На 5 и 6 август имаше состаноци помеѓу регионалните филмски фондови. На 6 август се одржа и работилница за пичинг за 10-те проекти што се одбрани да бидат дел од форумот. Вториот дел од форумот ќе се одржи за време на фестивалот. На 20 август ќе има презентација на резултатите од работилницата за звук, додека на 24 и 25 август ќе продолжат он-лајн активностите на форумот – информира Сара Ферро.

Да не заборавиме и тоа дека на Фестивалот ќе има и две дебати – за сексуална злоупотреба базирана на чешкиот филм „Фатени во мрежа“ од Вит Клушак и Барбора Чалупова која ќе се одржи на 23 август, како и дебата за детската програма на документарни филмови која е планирана да се одвива на 26 август. На втората дебата ќе биде презентирана и мрежата „ФестДоксНетворк“ составена од фестивалите ДОК.фест Минхен (Минхен, Германија), ДоксБарселона (Шпанија), МакеДокс (Скопје, Северна Македонија) и ФИПАДОК (Биариц, Франција).

Годинава Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија, но „сеуште“ ја нема добиено поддршка од Агенцијата за филм на РСМ. Станува збор, како што појаснуваат организаторите, “за проблем од административна природа што се провлекува неколку месеци наназад“. Според нив „поради виша сила Фестивалот задоцнил четири работни дена со својата апликација за поддршка од Агенцијата“. Правното решение се чека веќе седум месеци, а без поддршката „МакеДокс“ морал да се откаже од своето „фестивалско гнездо“ – објектот на Куршумли ан, како и од платото пред Музеј на Северна Македонија. Инаку, тие дополнуваат дека имаат одобрување за користење на двата простори од институтот „Јунус Емре“, Музеј на Северна Македонија и Археолошки музеј на РСМ.

- Причината е наш административен пропуст, кој во изминатите седум месеци и покрај заложбите на директорот, администрацијата и членови на Управниот одбор на Агенцијата, дел од Управниот одбор одбива да го разгледа и да изнајде решение. Овој деградирачки пристап кон работата и значењето на фестивалот, кој е оставен без финансии во време на пандемија во која успеа да ја подготви својата програма во целост, придонесе истата да не може да биде реализирана според првичните планови. Токму затоа, оваа година принудени сме да го оставиме Куршумли ан во тишина, со надеж дека ќе се вратиме од следната година со третман и поддршка каква што „Македокс“ заслужува – нагласува Дарко Набаков.

Конечно 11-от „Македокс“ нема да има свое официјално отворање, а на 18 август ќе се одржи едночасовно „слевање со тишината“ во Куршумли ан без филмска проекција, а според фестивалското мото „Слеј се со тишината“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG