Достапни линкови

Владимир Ангелов: Во Кинотеката лошите години никогаш не можеле да се скријат


Со претстојната промоција на Отворено кино, бројните зафати на архивирање и заштита на македонскиот филм, на „Кинопис“, иницираната соработка со Синесквер... Кинотека и нејзиниот прв човек Владимир Ангелов докажуваат дека и во вакви услови постои можност за сериозен видлив исчекор напред.

Владимир Ангелов веќе три години е на чело на Кинотека на Република Северна Македонија. Од 2017 како вршител на должност, а потем од наредната година до денес како директор на оваа институција. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1992 година, Ангелов кратко време работел како продуцент во Вардар филм, за да три години подоцна стане дел од тимот во Кинотеката и започне да се занимава со рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во период од 1948 до 1953 година.

Во декадата пред да биде назначен на одговорната функција ( периодот 2006 – 2017) бил одговорен за реализација на месечната филмска програма во киното на Кинотеката на Македонија и за тоа време реализирал и соработува на голем број проекти што се однесуваат на прикажување на филмски циклуси од разни национални кинематографии, ретроспективи на автори, како и презентација на програми посветени на филмската класика, но и на современата кинематографија како на пример: „Американската литература на филм“, „Американскиот вестерн“, „Американското новинарство на филм“, „Современ холандски игран филм“ ... ретроспективи на автори како Фасбиндер, Фатих Акин, Вим Вендерс, Јиржи Трнка, Иштван Сабо, Ингмар Бергман...

Конечно, преку разни селекции и на разни нивоа соработува со Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ (ја уредувал програмата Европски перспективи) и Скопскиот филмски фестивал. Во 2016 година бил член на жирито на фестивалот на краткометражен филм Watch Out во Тетово, член на жири на СИНЕДЕЈС 2019... а како претставник на ГЕТЕ ИНСТИТУТОТ бил ангажиран во комисијата за првата селекција на проектот „Прво првиот филм“ (FIRST FILMS FIRST), проект чија цел е поддршка на филмови на млади автори.

Ангелов, Кинотека деновиве ќе ја стори промоцијата на своето, уште повеќе наше Кино на отворено. Проектот како идеја беше развиван уште во летото минатата година, но се чини дека дури сега ќе ја доживее својата реализација. Колку урбано скопје, љубителите на филмот кај нас добиваат со него? Каква програма планирате да тече во Отворено кино?

- Кај постарите скопјани сè уште се живи спомените на летното кино Парк што работеше во скопскиот луна парк. И јас како дете добар дел од летниот одмор го поминував таму. Прво „на кино“, а во тинејџерската возраст и на концерти. Интересно беше тоа што со возење на Панорамското тркало можевме и да ѕирнеме малку од филмот што е на тековниот репертоар и да избереме дали ќе го гледаме. А филмовите што беа само за возрасни можевме да ги гледаме само преку возење на панорамата. Нејсе. Кино тераса имаше и Домот на градежниците. Сакам да кажам дека киното на отворено е дел од урбаното Скопје. Последниве неколку години МКЦ имаа проекции на отворено во Градскиот Парк, а лани и Кинотеката направи една проекција на отворено. Да не заборавиме дека и Скопско лето секоја година во нивното кафг-кино нуди богата филмска програма под отворено небо. Тука е и Македокс. Последниве два примери се однесуваат на простор затворен од четири страни (Сули ан и Куршумли ан), но отворен кон небото. Големиот интерес за ваквите настани покажа дека скопјани се желни за настани на отворено. Не само за кино.

Во однос на програмата, работите се вакви. Веќе четири месеци кинотечното кино е затворено. Планираме дел од она што сме сакале да го понудиме на публиката во тие четири месеци да го прикажеме во отвореното кино. Дел убеден сум дека нема да се реализира. За жал, некои проекти вклучуваат и гости, а во оваа ситуација сите избегнуваат патувања. Ретроспективата на Чарли Чаплин што требаше да се случи во април ќе биде прикажана во јули, во август-септември планираме ретроспектива на Фелини во соработка со Италијанска национална кинотека од Рим. Со Германската амбасада во Скопје планираме Недела на германски филм - имаме одлични наслови, берлински победник... Ги планираме традиционалните соработки со Скопје филм фестивал и Киненова, Проектите со претставувањето на албанската кинематографија и претставувањето на Југословенската кинотека и најдобрите српски филмови според изборот на критиката се одложуваат и доколку можеме да ги реализираме до крај на годината би ми било големо задоволство затоа што нашата Кинотека особено внимание посветува на регионалното поврзување и на соседните кинематографии. Сакав и ретроспектива на Душан Макавејев кој неодамна почина, но...

И, ако ова е еден од сегментите на делувањето на Кинотека, во изминативе месеци на изолација се чини бевте засилено активни. Едно по друго се редеа повеќе проекти. Дигиталната издавачка едиција ја збогативте со неколку повеќе од интересни наслови како „Време на игри и соништа“ (аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 година) на Илинденка Петрушева, монографијата „Манчевски“ чиј автор и уредник е Марина Костова, книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ на д-р Атанас Чупоски, монографијата „Манаки“ од Игор Старделов... дигитализацијата опусите на браќата Манаки, Столе Попов, Љубиша Георгиевски... на „Кинопис“. Што ви беше целта со овие зафати и какви се реакциите на публиката?

- Планот беше да останеме активни во јавноста, да ја збогатиме нашата дигитална архива со изданија што ги немаме дигитализирано и, доколку може, да навлечеме некое од „дигиталните деца“ кон ваков тип на литература. Планираме и дигитализација и дигитално објавување на Кинотечните месечници. Тоа е изданието што му претходеше на Кинопис и, може да се каже, претставуваат една целина. Заедно, броевите на овие две изданија се национално богатство. Фантастични информации и содржини за филмската уметност прикажани и раскажани од најголемите македонски, балкански, а во преводите, и светски критичари и филмолози. Во време кога киното не функционира, започнавме и соработка со ПЕРПЕРВЈУ платформата Синесквер на која прикажуваме дел од филмовите што ги поседуваме.

Го активиравме порталот КИНОТЕКА.МК на кој пласираме актуелности што се однесуваа на Кинотеката, но и на филмот воопшто. Дел од содржините на овој портал се историски и теориски, а тука може да се најдат и дигитализираните изданија на Кинотеката.

Во однос на дигитализацијата на филмовите тоа е процес што има повеќе цели, а не само приближување на старите македонски филмови до публиката, туку и нивна заштита.

Во врска со реакциите, тоа најдобро се гледа на Фејсбук во коментарите од членовите на нашата група, но и во личните средби со посетителите и можам да кажам дека реакциите се одлични. Конкретно Таки Фити, донеодамнешниот претстедател на Академијата ми кажа дека, иако не доаѓа често во Кинотеката, љубопитно ги следи сите наши активости. Истото ми ги имаат кажано повеќе луѓе. Иако, секогаш има место за подобрување од наша страна.

фото: Арбнора Мехмети

Наедно во истиот период на љубителите на седмата уметност им разделивте 100 примероци од дивиди изданието со реставрираните играни филмови на македонскиот режисер Кирил Ценевски. Успеавте ли на тој начин, онака како што доликува на институција од тој ранг, да понудите малку повеќе светлина на неговиот лик и дело, на неговото место во домашната кинематографија?

- Мислам дека Ценевски е добро познат на домашната јавност од сите генерации. Секако, на оние што макар и малку се интересираат за културата. Затоа би рекол дека ние го одржуваме тој интерес. Се надевам дека и ќе продолжиме во таа насока. Ова се однесува на сите македонски режисери, не само за Ценевски. Планирам слични активности и во летното кино т.е. подароци за посетителите. Она што не е познато, или е малку познато, на македонската јавност е „филмот“ зад филмовите на Ценевски и тоа е нешто што треба да се истражува.

Впрочем тој е само еден од неколкуте наши творци на чии дела работевте во последниве години. Генерално, водиме ли доволно сметка, води ли државата доволно сметка за нашето културно, во случајов филмско наследство? Може ли да се стори нешто повеќе? Во каква позиција е Кинотека?

- Кинотеката секоја година релизира проекти за заштита и дигитализација на македонските филмови. Наназад веќе речиси 25 години. На почетокот се работеше аналогно, со негатив-позитив процес, а сега се работи дигитално. Двата начина имаат позитивни и негативни страни. Во однос на Кинотеката, јас како директор сум апсолутно задоволен од буџетот за програмските активности. Иако секогаш има место за подобрување. И од страна на државата и од страна на Кинотеката. Можеби институциите треба да имаат повеќе слобода во располагањето со буџетот поради тековно утврдување на приоритетите. Така што, можам слободно да кажам дека Кинотеката е во нормална позиција. А секогаш можеме да сториме повеќе и ние како Кинотека и државата.

Дваесет и пет години сум во Кинотеката и вака-така сум бил сведок на добри и лоши години и иако никогаш претходно не сум бил на раководна функција (како раководител на одделение или сектор) во Кинотеката лошите години никогаш не можеле да се скријат. Последниве 3 години сме прилично стабилни во однос на поддршка на државата. Она што ни недостига е подршка на некои инвестициони работи за освежување на објектите во кои е сместена Кинотеката и каде што се чуваат филмовите и инвестиција за формирање одделение за дигитализација на фимови. И тука се работи за сериозни средства.

Затоа, колку што можевме, дел од силите насочив и кон обезбедување алтернативни средства за финансирање. Станавме дел од Јуропиан синемас и годинава очекувам убава „КОВИД19 поддршка“ од страна на оваа европска асоцијација што секако ќе биде искористена за збогатување на програмата. Аплицираме во повеќе странски фондови, заедно со семејството на Стефан Сидовски имаме идеја да формираме фондација СТЕФАН СИДОВСКИ,...

фото: Арбнора Мехмети

За жал културата и натаму останува монета за поткусурување со секоја идна власт во земјава. Далеку е од тоа да биде „насловна страница“ во нашата сегашност и посебно комуникација со светот. Зошто е тоа така? Верувате ли лично во промена на свеста за тоа. Посебно кај политиката.

- Нема да бидам политички коректен кон сегашната власт ако кажам дека јас лично немам такво искуство. Затоа и Кинотеката нема да ја најдете на страниците на медиумите во негативна конотација. Не сум член на партија и барем преку мојот пример можам да потврдам дека во Кинотека нема партизација. На тој начин можам, преку себе, и да го побијам општо прифатеното мислење дека секоја функција во државава е партиска и се користи како „монета.“ До директорското место сум дојден со помош на мојата посветеност, стручност и љубов кон работата што беше препознаено во стручната јавност, но и пошироко, кај луѓето што одлучуваат - политичарите. Затоа сум убеден дека свеста кај политичарите, барем дел од нив, во однос на тоа веќе е дојдена. Треба само да бидат похрабри и да ги стават интересите на институциите и државата пред партиските. Иде бавно, ама иде затоа што знам неколкумина со слично искуство. Барем што се однесува до директорите на националните установи во културата има сè повеќе добри решенија. И да се разбереме, има квалитетни луѓе и во партиите. Па дури и во партиите што се во опозиција.

Ги следев „скандалите“ со конкурсите и секако дека ќе има задоволни и незадоволни. Јасно е дека ќе има грешки и нечие фаворизирање и затоа треба да се направи систем преку кој ќе се сведат овие грешки, намерни ама и ненамерни, на минимум. Има разни модели како тоа да се направи. Со децентрализација, со утврдување на терминот „национален интерес во културата“, со рационализација и со придржување кон Националната стратегија која мислам дури ниту луѓето во Министерството што одлучуваат не ја знаат...

А дали културата е на насловна страница, па, нема да зборувам за литературата или ликовната уметност или за театарот, ама македонскиот филм цела 2019 година беше на насловната страница. А тоа го почна „Исцелител“ уште во 2018.

Што значи да се биде директор на една институција како Кинотека? Што доби, а што изгуби Владимир Ангелов со тоа? Имате ли идеи со кои може да продолжи и освежи нејзиното делување?

- За човек што 25 години работи во Кинотеката тоа претставува голема чест. Нема да бидам лажно скоромен и отворено ќе кажам дека сум амбициозен во она за што мислам дека имам знаење и способност, а тоа е филмската архивистика, презентација на филмовите т.е. Кинотеката и нејзините активности. Да не се лажеме, ништо не изгубив. Не сум 24/7 тип. Не спијам на работа, не им се јавувам на колегите во викенди или после работното време. Секогаш ми фали повеќе време за читање. Понекогаш и за скитање со сопругата. Ако не бев директор можеби ќе се посветев повеќе на публицистика и на ФИПРЕСЦИ, на ангажмани на фестивалите. Поради судир на интереси го отстапив местото селектор на ИФФК МАНАКИ на програмата ЕВРОПСКИ ПЕРСПЕКТИВИ на Слаѓан Пенев и многу ми е ќеиф затоа што тој заслужуваше повторно активирање во тој свет (на филмот) и можам да потенцирам дека Гена (Теодосиевска директорката на МАНАКИ) секогаш имала вистински решенија.

Мислам дека работата на Кинотека веќе е освежена, како што кажав, а имаме уште идеи со колегите како тоа да го подобриме. Само да излеземе од здравственава криза. И да се надеваме дека економската, што очигледно следува, нема да влијае многу на нашата работа.

фото: Роберт Јанкуловски

И, да се вратиме на зафатите кои ја чинат сржта на вашето делување. Минатата година со низа активности ја прославивте 140 годишнината од раѓањето на големиот Чарли Чаплин. Годинава се прославуваат 100 години од доаѓањето на свет на големиот италијански режисер Федерико Фелини...И не само тоа туку и ред други настани од тој тип. Како планирате да се носите со нив?

- Најдобра алтернатива е летното кино. Летното кино ќе послужи и како транзиција кон затвореното кино да помине полесно. Во комуникација сум со колегите од регионот, а читам и што се случува во светот. Колеги од Бугарија каде што кината работат ми кажаа дека посетата им 5-7 луѓе од проекција. Американските локални кина (не мултиплекси) ги остваруваат истите бројки. Со повторното разгорување на кризата таму веќе не знам што се случува... Не е сјајно.

Нејсе, мислам дека летното кино ќе биде таа транзиција што ќе овозможи повторно заживување на киноприкажувачката активност на Кинотеката. За синеплексите кај нас не можам да кажам ништо. Загубите во индустријата за забава се огромни.

Конечно, какви се плановите на Кинотека во однос на меѓународната соработка?

- Секогаш сме биле активни на меѓународен план, но КОВИДОТ ги спречи плановите. Чекаме да видиме што ќе се случува и ќе реагираме веднаш. Одложени беа конгресите на ФИАФ, фестивалот во Порденоне нема да се одржи, а оној во БОЛОЊА е презакажан (тоа се стручни фестивали посветени на реставрирани филмови). Соработките во рамки на ФИАФ се откажани. Само ФЕЛИНИ ќе се реализира... Здравје. Се надеваме.

Иако, условите се такви какви што се не се сомневам дека со својот тим работите на новата Годишна програма на Кинотека. Одите амбициозно или плановите ќе ги димензионирате со можностите на државата и нејзиниот третман на културата и културните институции во земјава?

- Како што реков, планирам да се даде акцент на инвестициите, но не на штета на годишната програма. И секако дека ќе бидеме амбициозни. Ама и реални.

Ако ги димензионираме плановите со можностите на државата тогаш мора да бидеме амбициозни. Државата секогаш имала пари за културата, ама вечен проблем е распределбата на средствата т.е. приоритетите, дали ќе го избереш Миленко Ротквиќ или ТОКСИДО МУН. Национална филхармонија или пожарникарно друштво, со сета почит кон нив. Не можам ни да замислам што сè можело да се направи во Кинотеката со парите од најевтиниот споменик од СКОПЈЕ 2014. Истото важи и за МСУ или за Музејот, или заводите.

И, за крај останува ли институцијата отворена за неколкуте интернационални филмски фестивали кои фатија корен кај нас, а кои убаво, би рекол дури и органски, се в домија во дадениов кино простор? Како ќе тече натаму соработката и во вака ограничени услови на делување, во време на светска пандемија која за жал се чини дека ќе потрае?

- Ќе се прилагодиме и ќе се прилагодуваме. Не е лесно ниту евтино. Веќе сме во контакт со Скопје филм фестивал, со Киненова, Фестивалот на современ германски филм ќе се случи како Недела на германски филм во скратено издание, имаме еден традиционален фестивал на германски детски филмови (што многу го сакам) БУФ во соработка со ГЕТЕ институтот и бараме начин како тоа да го реализираме затоа што неизвесен е и почетокот на наставата во септември, а има идеи и за уште некој фестивал, програма, претставување на автори... Новата реалност е сурова. Секако, сето тоа мора да се спроведе со почитување на мерките за дистанца и хигиена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG