Достапни линкови

Припитомување на дивоградбата кај Мавровка


Нелегално исечено дрво пред трговскиот центар Мавровка во Скопје на 30 март 2020
Нелегално исечено дрво пред трговскиот центар Мавровка во Скопје на 30 март 2020

Во Македонија стана правило дивоградбите на „некој битен“ да не се уриваат. Прво одат преговори, договори, молби, жалби, додека објектот што се гради не го постигне посакуваниот габарит. Потоа се остава работите малку да се оладат и медиумскиот притисок да спласне, за со тек на време тие дивоградби да се „припитомат“.

Никој не се пријавил да ја урива дивоградбата што никнува кај трговскиот центар Мавровка во центарот на Скопје. Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу изјави дека „се чуди“ зошто никој не се пријавил на тендерот за уривање на објектот.

Јавноста, судејќи по коментарите на социјалните мрежи, не се чуди толку. Инвеститорот сè уште е анонимен, ама се чини дека и така непознат им влева страв на фирмите што треба да му го уриваат објектот. Локацијата е опасна. На некого може да му се случи да се удри во пајак.

На некој завалија што бесправно изградил тенда во двор досега ќе му дојдеа сите можни инспекции и полиција да демонстрираат правна држава, но во овој случај молк од сите страни. Тоа ги поттикнува сомнежите дека „анонимниот“ инвеститор е некој што ужива политичка заштита.

Драмата со дивоградбата на основа од 330 квадратни метри кај Мавровка трае веќе цел месец. Прво, општинските инспектори не знаеле кој е инвеститор на објектот, па потоа решението за уривање до непознат сторител го објавија во весник, па откако не се најде сопственикот Општина Чаир објави тендер за уривање. Откако никој не се пријави ќе објави уште еден.

Неизвесно е како ќе се однесува власта ако некој на пример донесе механизација и почне да гради зграда плоштадот Македонија во Скопје. Дали и во тој случај прво ќе го бараат анонимниот инвеститор со огласи по весници, па ќе го молат да си го урне објектот, па ќе распишуваат јавни повици за уривање на кои никој нема да се пријави и на крај ќе испадне греота да се урива, пари се трошени, зградата може да се употреби за нешто друго.

Назнаки дека нешто сомнително се случува имаше уште од самиот почеток. Прво, „некој“ го исече дрвото што беше на локацијата.

Потоа, кафулето Фонтана што беше на местото на дивоградбата мистериозно се запали во време на полициски час. Откако просторот беше „расчистен“, почна да никнува голем објект. Властите „се чудеа“ кој го гради. Па го бараа сопственикот преку весници, а во меѓувреме зградата си растеше.

Во Македонија стана правило дивоградбите на „некој битен“ да не се уриваат. Прво одат преговори, договори, молби, жалби, додека објектот што се гради не го постигне посакуваниот габарит. Потоа се остава работите малку да се оладат и медиумскиот притисок да спласне, за со тек на време тие дивоградби да се „припитомат“.

Среќа што Мавровка не е на листата на УНЕСКО, како Охрид на кого поради му се заканува губењето на заштитениот статус поради дивоградбите. Власта прави анализи, најавува дека ќе има уривање на дивоградби, но и таму мака мачат да изберат фирма која ќе урива. Антикорупциската комисија поради тоа предложи владата да се справи со уривањето на дивоградбите во Охрид и во Струга, но струшкиот градоначалник Рамиз Мерко рече дека во Струга треба да се гради.

„Сè ќе му дадеме, не да рушиме. Ние ќе му кажеме да догради уште, не да рушат“, рече Мерко на 20 мај годинава.

Уривањето на дивоградбата кај Американската амбасада беше и дел од „бомбите“ што ги објавуваше СДСМ во 2015, но објектот сè уште си стои. Дивоградбите во Охрид и во Струга сè уште си стојат. Платформите на Матка се нечепнати. Поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски се закануваше дека ќе ја урива терасата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ се закануваше дека ќе ги урива галиите во Вардар и други објекти од Скопје 2014. На крај за уривање остана само Универзална сала.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG