Достапни линкови

Охрид на „фантастичен“ пат да го загуби статусот на заштитено наследство


Охрид
Охрид

Екологистите сметаат дека за да се реши проблемот со Охридскиот регион потребно е тој да биде ставен на листата на УНЕСКО за светско наследство во опасност. Централната власт е задоволна од сработеното, локалната пак, е свесна за слабостите.

Охрид во јули ќе дознае дали статусот на заштитено културно наследство на листата на УНЕСКО ќе се смени во загрозено културно наследство. Извештајот на тројцата експерти на УНЕСКО кои изминатава недела вршеа мониторинг испишан на десетина страници пристигна во седиштето во Париз каде што ќе треба да се разгледа заедно со владиниот извештај.

Претставниците на граѓанскиот сектор кои велат дека присуствувале на состанокот со претставниците на УНЕСКО, како Василка Димитровска од невладината организација ХАЕМУС забележуваат на социјалната мрежа Фејсбук дека „сме на фантастичен пат да го загубиме статусот на Охридскиот регион како наследство кое му припаѓа на целиот свет“.

Дел од нив велат дека очекуваат исто како лани, во извештајот да биде наведено дека поради негативните влијанија врз Охридскиот регион, особено од носителите на одлуки е под сериозна опасност.

„Неговата автентичност и неговиот интегритет се силно загрозени и неопходно е регионот да биде преместен на листата на светско наследство во опасност. Тоа за жал, не се случи минатата година на седницата во Баку, бидејќи комитетот за светско наследство донесе политичка одлука, но одлуката за овој регион доколку сакаме да го спасиме и да го пренесеме на идните генерации мора да се темели на факти, на експертски мислења, а тоа е дека на регионот навистина му е потребна заштита и управување кое ќе биде во склад со принципите за одржлив развој, а не масовен туризам и уништување,“ вели Драгана Велкова од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Шминка или вистинско спроведување мерки

Охриѓани на социјалните мрежи укажувајќи за „шминката во градот“ пишуваа дека во изминативе денови за прв пат по посетата на поранешниот претседател Киро Глигоров било забрането паркирање на улицата Цар Самоил која води кон стариот дел на градот.


Во анкетите граѓаните јавно посочуваа дека фалбите на власта за исполнетите задачи се нереални. Уривањето на дивоградбите во заштитниот појас беше една од клучните препораки на УНЕСКО.

Охридскиот градоначалник Конастатин Георгиески неколку пати посочуваше дека е неопходно подобра соработка со државните институции за да се спречат нови дивоградби во градот.

„Јас знам дека во јавноста акцијата се доживува како, да речам „млака“, само со отстранување на неколку платформи, меѓутоа во услови кога за 15 години не е отстранет ниту еден клинец во градот, секој си поставувал шанкови, куќи по своја сопствена желба, многу е тешко да наеднаш да се справиме со тој проблем“, изјави неодамна Георгиески.

Во изминативе осум месеци, колку што беше зададениот рок од УНЕСКО за да се преземат мерки со цел градот да го задржи статусот, централната власт и локалната неколку пати си ја префрлаа топката за тоа кој и какви мерки треба да преземе. Министерот без ресор Едмонд Адеми кој е претседател на владината комисија за Охрид, вели дека списокот со остварените препораки е доволен за да овој регион да го задржи статусот.

„Ако ги тргнеме настрана двата инфраструктурни проекти кои ги укинавме уште на почетокот, Ски центарот во Галичица и патот А3, а во меѓувреме беше формиран комитетот со Албанија за заедничко управување со Охридското езеро, почнаа работите околу санација на клучните критични точки на колекторскиот систем со што очекувам до мај тој процес да заврши,“ изјави Адеми.

Велковска вели дека ако државата сака да го задржи статусот на заштитено културно наследство мора да го смени начинот на менаџирање со него.

„ Едноставно да се сменат целосно начините на управување со регионот кои досега се спроведуваа односно не на регионот да се гледа како на бесплатен извор на неограничено профитирање туку да се гледа како на уникатно богатство кое го имаме само овде и како такво во склад со неговите вистински вредности да се управува“ вели Велковска.

Според мониторингот на невладините за не спроведените мерки од препораките на УНЕСКО се затворањето на депонијата Буково и алтернативна траса на железничкиот коридор Требеништа – Струга. Додека во делумно спроведени, односно во тек се заведени уривањето на дивоградбите, враќањето на коритото на Сатеска и санација на колекторскиот систем.

Во владиниот извештај кој е испратен до УНЕСКО со цел да ја убеди светската организација дека не треба да го впише Охрид во листата на светско наследство во опасност е наведено дека поголем дел од препораките се усвоени, додека по останатите се уште се постапува. Во соопштението од Владата се наведува дека е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029), спроведена е Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство.

Државата изработила инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро и продолжен е проектот за пренасочување на течението на реката Сатеска“, стои во соопштението.

Во продолжени се вели дека Државниот градежен инспекторат ќе изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и дека за тоа треба да достави информација на следната владина седница.

Зошто статусот на Охрид е во опасност?

До ова дојде откако во април минатата година експертите на УНЕСКО изготвија извештај во кој што ситуацијата во Охрид ја оценија како сè полоша, потенцирајќи дека е можна сериозна деградација на заштитениот еко систем поради несоодветни инфраструктурни проекти, изразија загриженост и за зголемувањето на сообраќајот и туризмот.

УНЕСКО од државата побара да се стави мораториум на градби на брегот на езерото, проценка на нелегалните градби, да се спречи зголемување на бројот на дивоградби и да се урнат веќе постоечките кои претставуваат опасност за подрачјето, како и да се направи стратегија за спроведување на мерките. Рокот за исполнувањето на задачите од УНЕСКО беше до 1-ви февруари.

Следниот состанок на кој ќе се разгледува статусот на Охрид ќе биде кон крајот на јуни до 7 јули во Кина.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG