Новите измени на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион одат на доработка во услови кога Комитетот за светско наследство на УНЕСКО уште од 2016 година наваму неколкупати „силно“ ги повторува барањата кон властите во земјава дека треба да биде усвоена ефикасна заштитна регулатива и да се воспостават ефикасни контролни механизми, а до нивното донесување да биде прогласен мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација на Охридскиот регион.
Во документите на Комитетот од оваа година меѓу другото стои дека државта треба да обезбеди строго спроведување на регулативите за спречување на понатамошно незаконско градење во Охрид.
Донесувањето на новиот Закон за управување со Охридскиот регион треба да го олесни спроведувањето на препораките на УНЕСКО до новиот рок во февруари 2020 година, кој земјата го доби на последната сесија на УНЕСКО во Баку како еден од условите за Охрид да го зачува статусот на светско природно и културно наследство.
Очекувањата беа законот деновиве да влезе во собраниска процедура, но Владата одлучи дека е потребна негова доработка откако имаше реакции од граѓанските организации дека одредени делови од предлог-законот се спорни и оти со таков закон праксата на уништување на Охрид ќе продолжи.
Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ велат дека засега не можат да го коментираат повлекувањето на Законот за управување со Охридскиот регион, се додека не ја видат новата верзија која Владта ќе ја испрати до Собранието.
„Дури тогаш ќе стане јасна причината за неговото повлекување. Било каков коментар или став во оваа фаза би бил шпекулација“, велат од „Фронт 21/42.“
Освен повлекувањето на законот, Владата на 146-та седница донесе и препораки за општините во Охридскиот регион да прогласат мораториум на градежните активности кој ќе трае до донесувањето на Планот за управување со природното и културно наследство.
Ваква одлука донесе Владата, но ставовите на претставниците на владината делегација на последната сесија на Комитетот за светско и културно наследство на УНЕСКО во Баку беа дека токму законот е тој што треба да овозможи воспоставување на шестмесечен мораториум на градби во Охридскиот регион.
Министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми во интервју за Радио Слободна Европа објавено на 15 јули, изјави дека новите измени на законот се дел од 19-те препораки на УНЕСКО кои треба да бидат исполнети до февруари, а оти законот ги содржи клучните мерки се воспоставување на шестмесечен мораториум и за формирањете на Комитетот за управување со Охридскиот регион.“
„Веруваме дека ова се две клучни работи кои овој закон ги дефинира и се прашања кои УНЕСКО ги бараше од нас и тие се вградени во тој закон и затоа е важен овој закон како таков да биде усвоен“, вели Адеми.
Тој тогаш образложи дека со донесувањето на законот кој предвидува шестмесечен мораториум, но и со Планот за управување со светското и културно наследство во Охридскиот регион, ќе овозможат „менаџирање“ на Охрид како целина и креирање на зони во кои ќе биде точно дефинирано што е дозволено, а што не е дозволено да се гради.
Сега имаат ли општините правна основа за мораториум?
Владата на 146-тата седница го повлече законот, препорача општините да прогласат мораториум на градби, а исто така им даде рок од 10 дена да подготват акциски планови со рокови за спроведување на препораките на УНЕСКО, односно за обврските кои се од нивна надлежност.
Потоа во рок од два дена по усвојување на плановите, тие треба да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во врска со дилемите дали општините имаат правна основа да прогласат мораториум, од „Фронт 21/42“ посочуваат на Членот 118 од Уставот, сопоред кој меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
Од организацијата објаснуваат оти тоа значи дека Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на светско културно и природно наследство, која државата ја има ратификувано, мора да се спроведува бидејќи „е дел од националното законодавство.“
„Со други зборови, доколку има членови во други закони кои налагаат не-делување или поинакви активности од тие кои се наведени во Конвенцијата – обврските на државата наведени во Конвенцијата се од повисока правна хиерархија и мора да се спроведат“, велат од „Фронт 21/42.“
Според Членот 4 од Конвенцијата, државата има обврска да го заштити, конзервира и пренесе на идните генерации светското наследство, притоа користејќи ги максимално сите расположливи средства.
Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека расположливите правни можности и обврски на општините во моментов се Членот 29 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, според кој општините Охрид, Струга и Дебарца се одговорни за управувањето и за спроведувањето на мерките и активностите за заштита и промовирање на светското природно и културно наследство во рамките на нивните надлежности.
Исто така Членот 9 од истиот закон кој предвидува спречување на активности кои негативно влијаат врз Охридскиот регион, како и член 41, член 46 и член 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и член 58 од Законот за градење според кој општините се надлежни за издавање на одобрение за градење за градби од втора категорија.
„Едноставен превод од правен на „обичен“ јазик: Комитетот за светско наследство бара да се воспостави мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација, која според нашите закони, е во надлежност на општината; општината има уставна и законска обврска да ги стопира сите градежни активности и постапки за урбанистички планови уште од 2017“, велат од „Фронт 21/42.“
Орзганизацијата тоа го толкува дека општините од 2017 година наваму, имаат законска обврска да ги прекинат сите градежни активности како што сега им препорачува Владата, но и да ги стопираат сите постапки за урбанистички планови.
„Во оваа насока, уште еднаш бараме општина Охрид да ги прекине постапките за: ЛУПД Лескоец, Општ акт Елшани, УПВНМ Турстички Комплекс Горица, Проект за реконструкција на Кеј Македонија, УПВНМ КО Трпејца; и сите други постапки за урбанистички планови“, велат од „Фронт 21/42.“
Надлежноста може да ја преземе централната власт
На прашањето до Владата дали општините можат да прогласат мораториум во услови кога не е донесен Законот за управување во Охридскиот регион, од Владата за РСЕ велат дека „согласно постоечките закони“ мерките што треба да се донесат за да се спроведат препораките на УНЕСКО од последната седница на Комитетот за светско наследство, се во надлежност на Советите на општините.
„Доколку општините не се во можност да го направат тоа, можат да побараат тие надлежности да ги преземат соодветните институции од централната власт. Но, повторуваме, само ако тоа дојде како барање на Советот на општината. Доколку настане таква ситуација, тогаш Владата на РСМ ќе поведе постапка за времено преземање на надлежностите согласно закон“, велат од Владата.
Oд Општина Охрид уверуваат дека ќе ги преземат сите активности во согласност со законските прописи за да се исполнат „задолженијата на Владата.“
„Општинските надлежни служби ќе ги разгледаат законските можности во однос на владината препорака за прогласување на мораториум на гладежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство“, велат од Општина Охрид.
Исто така оттаму наведуваат дека по налог на градоначалникот Константин Георгиески во рок од 10 дена ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО и оти по изготвувањето ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на општината.
Од Општина Струга велат дека ќе постапат според владините препораки, односно дека ќе прогласат мораториум откако ќе добијат официјално писмо од Владата, додека од општина Дебарца до објавувањето на текстов не дадоа одговори на нашите прашања.
Конвенцијата на УНЕСЕКО од 1972 година и нејзиното усвојување од страна на државите, има за цел да ги заштити најзначајните локалитети во светот за кои се смета дека имаат исклучителна универзална вредност. Во преамбулата на Конвенцијата се вели дека „секој загрозен или уништен локалитет би претставувал незаменлива загуба за целото човештво.“
Охрид од 1979 година е еден од овие лакалитети со особена важност, како наследство на целото човештво, откако Конвенцијата на УНЕСКО е усвоена во поранешна Југославија во 1974 година.
Оттогаш во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Националната комисија на УНЕСКО преку македонското Министерството за култура, беа реализирани бројни активности поврзани со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство.
Но, изминативе години беа направени штети од лоши политики за управување, како легализација на стотици дивоградби, неконтролирана урбанизација и трансформација на крајбрежјето и заштитените зони, по што во 2017 година УНЕСКО даде рок за итни препораки и можност Охрид да биде ставен на листата светско природно и културно наследство во опасност.
Сепак на последната 43-та сесија на Комитетот за светско прииродно и културно наследство на УНЕСКО во БАКУ, беше одлучено Охрид да не добие ваков статус, со нов рок до февруари 2020 година да бидат спроведени спроведени сите 19 препораки.