Достапни линкови

Клиентелистички однос на државата - неодговорни граѓани


Илустрација- луѓе со заштитни маски на пазар
Илустрација- луѓе со заштитни маски на пазар

Дел граѓани не ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, но државата досега во повеќе наврати, им прогледуваше низ прсти на оние кои не ги следат правилата, па со децении се создава однос на недоверба на релација држава- граѓани.

Некои граѓани се непослушни, не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и тоа придонесува за неговото ширење. Ова е често повторуван став од здравствените власти во последниов период, особено кога почна да се зголемува бројот на заболените.

Мерките ги одредува власта, која во моментов раководи со државата, но дел граѓани немаат доверба во државните одлуки. Некои од нив негодуваат, на пример на признанието на државните претставници дека полицискиот час не се почитувал, или пак немал ефект, поради што се поставува прашањето зошто воопшто и бил донесен. Други, пак, не се убедени во функционирањето на здравствениот систем, а некои и не и веруваат на владата дека коронавирусот воопшто постои.

Сите влади досега имаа клинтелистички однос кон граѓаните, прогледувајќи им низ прсти за многу работи, а за возврат очекувајќи ги нивните гласови и со тоа се создаде однос на државата како на родител кон непослушно дете, велат упатените.

На пример пред десетина години се донесе закон за легализација на дивоградбите, па оние кои плаќаа при градењето, потоа се чувствуваа изневерено бидејќи нивните сограѓани ги легализираа дивоградбите по пониски цени од регуларните. Неколку години подоцна државата одлучи да простува долгови и да отпишува камати за неплатени обврски за пензиско и здравствено осигурување. Последна е идејата да се простуваат долговите на граѓаните за струја.

Креирани очекувања дека правилата не треба да се следат

Миша Поповиќ, од Институтот за демократија вели дека таквото однесување всушност е додворување кон гласачите и тоа е позната пракса што ја има и во студии за клиентелизам.

„Работата е дека токму тоа креира кон двете страни очекувања дека правилата не треба да се следат, или нема да се следат, или дека никој нема да ги следи правилата и тоа се сведува на недоверба“, вели Поповиќ.

Според него, државата ги учи граѓаните да не ги почитуваат правилата поради две причини- дава привилегии на одредени групи луѓе да не ги следат правилата, тоа се оние што се блиски до центрите на моќ, и другата причина е кога власта неволно ги спроведува своите одлуки поради процената дека тоа на краток рок ќе им наштети на рејтингот. Но сето ова, нагласува тој не ги исклучува граѓаните од одговорност.

„Граѓаните не треба да очекуваат дека постојано некој ќе им простува не следење на правила, туку тие треба да преземат своја одговорност, да ги следат правилата и да се бунтуваат во оние ситуациите кои не се следат правилата“ вели Поповиќ.

Професорот по филозифија Јордан Шишовски смета дека најзначајно за да има ред во општеството е да има конзистентност во спроведувањето на законите и на правилата.

„Оние што не ги почитуваат правилата, што ги загрозуваат животите и здравјето на другите треба да бидат казнувани и тоа се однесува на сите случаи, од дивоградби до секоја ситуација, како ова сега со полицискиот час, ако не може да го спроведат нека не носат такви уредби, туку некои други помеки уредби кои ќе бидат поспроведливи“, вели Шишовски.

Проблематитен однос држава - граѓани

Тој додава дека најпроблематичен е односот на граѓаните кон самите себе си и дека треба да се напушти тој, како што вели стар однос, дека државата е некаков ентитет кој одозгора треба да бара послушност.

Инаку уште од кога почнаа мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, меѓу кои и полицискиот час, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев рече дека не треба да се казнуваат граѓаните бидејќи и така биле во лоша состојба. Потоа ова предизвика низа обвинувања од СДСМ и нивните фукционери кон техничкиот министер од ВМРО-ДПМНЕ дека тој е виновен за ширењето на вирусот.

Викендов пак, по одлуката за долг полициски час во неколку градови, функционери од СДСМ го напуштија главниот град, што предизвика негодувања кај дел граѓани дека и тие не си ги почитуваат сопствените мерки. За време на полицискиот час за Рамазан Бајрам пак на социјалните мрежи кружеа фотографии од групни вечери за Ифтар и покрај забраната, а и покрај забраната за групирање во Струга се одржа литија, што исто така предизвика реакции за неказнивост на одредени групи граѓани и кокетирање на власта со верските заедници.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG