Полицискиот час за продолжениот викенд заврши, а многу од граѓаните го поминаа во местата каде немаше толку строги ограничувања на движењето, при што таквиот пример го следеа и некои од политичарите. Се пишуваа казни за прекршителите, а оние кои беа затворени 80 часа во своите домови реагираа на социјалните мрежи дека таквото постапување може да предизвика нови жаришта на местата на кои речиси и да нема заболени лица.
Државата се соочува со втор бран на коронавирусот кој е резултат на непочитувањето на мерките, порача пред некој ден министерот за здравство Венко Филипче кога беа регистрирани рекордни 180 нови случаи позитивни на Ковид-19.
За време на изминатиот викенд, според податоците на МВР, забраната за движење на ниво на цела држава не ја почитувале 358 лица од кои 310 биле лишени од слобода, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. Додека пак 704 лица добиле прекршоци за неносење на заштита на лице.
Комисијата за заразни болести предлага полициски час од 22 часот до пет наутро за градовите Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а за останатиот дел од државата ќе нема дополнителни рестриктивни мерки. Предлогот Комисијата ќе го достави до Владата, која ќе ја донесе конечната одлука.
Полицискиот час во изминатите три дена е неразбирлив, бидејќи освен што може да се контролираат оние коишто се во изолација друг ефект нема, вели микробиологот професор Никола Пановски. Но, според него, мерката за ограничување на движењето не требало претходно да биде укината туку само ублажена.
„Значи кога беше 19 часот требаше само три часа да ја скратат и тоа повеќе заради луѓето, а не од медицински аспект. Инаку не требаше воопшто да се укинува, бидејќи тоа се направи кога имаше жаришта и бројката растеше. Укинувањето на сите мерки и полицискиот час беше неоправдано од здравствени апсекти, не од психолошки и политички, тоа е друга работа. Во однос на епидемиолошкото ширење на болеста беше неоправдано и сега ќе има многу помали ефекти, отколку воопшто да не се укинуваше. Добро е што го враќаат, но не требаше воопшто да се укинува, бидејќи младите се тие коишто шетаат навечер и не може да се контролираат“, вели Пановски.
Животот полека мора да продолжи напред и наместо да се прашуваме дали е фер Скопјаните да останат, а сите други да излезат од главниот град мора да наоѓаме порационални решенија како ќе се носиме со болеста, вели професорот Никола Дујовски. Особено што и останатите земји од Балканот се враќаат во нормала, додава тој.
„Јас сум за да ја прифатиме новата реалност. Мора да биде така. Ако здравствените власти трезвено размислуваат мора да бидат свесни дека оваа криза не е само здравствена, туку и безбедносна и економска. Ќе се покаже понатаму дека и други сфери на општественото живеење ќе бидат многу зафатени. Затоа мислам дека во координација мора да размислуваме веќе да живееме нормално“, порачува Дујовски.
Додека Скопјани беа затворени, градскиот татко Петре Шилегов полицискиот час го помина во неговата викендица во Маврово. Неговиот сопартиец, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски од Берово им посака убав викенд на граѓаните. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски беше во неговиот роден град Охрид и порача дека неговата партија била против воведувањето на овој карантин. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски претходно за време на полициски час беше забележан во теретана, а потоа во внатрешниот дел на кафеана во Дебар Маало, иако на угостителските објекти им е дозволено гости да примаат само на терасите.
Неодговорно е однесувањето на политичарите, смета Дујовски.
„Секој човек има право кога не е ограничено движењето да одлучи што ќе прави. Но, не е морално и не е етички да повикувате да останеме дома. Да останеме во Скопје. Да не се дружиме и да не се групираме, а вие да постапувате спротивно на тоа. Сите или најголем дел од тие за коишто видовме дека биле надвор од Скопје претходно повикуваат да седиме дома. И од власта и од опоцијата и тука е моралниот квалитет кој јас мислам е на едно прилично незавидно ниво. Такви се нашите политичари. Тоа е принцип секогаш зборуваат едно, а прават друго. Од дамнина било така. Не верувам дека оваа генерација на политичари може да промени многу во тој дел“, вели Дујовски.
Откако во минатата недела беа регистрирани поголем број заразени со вирусот, Владата донесе одлука сите општини во град Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, и во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде беа регистрирани најголем број позитивни случаи на коронавирус, да бидат ставени во целосен карантин за време на продолжениот викенд, додека во останатите градови беше воведен полициски час што започнуваше во 16:00 часот. На територијата на цела земја беше воведен забрана за посета на гробиштата.
Во моментов во државата има 1.226 активни случаи на заболени со Ковид-19, најмногу во Скопје-658.