Растот на новозаразени од коронавирус во земјава повторно ги активираше, за граѓаните, непопуларните мерки како што се полицискиот час и долгите карантини за општините во кои има најголем број заразени. Носењето на заштитни маски и одржувањето на социјална дистанца остануваат во сила, иако е очигледно дека во секојдневниот живот голем дел од граѓаните не ги почитуваат овие мерки. Непочитувањето на мерките и невниманието на граѓаните е причина за ширењето на овој вирус, велат надлежните.
Но, ако се уште има мнозинство граѓани кои не веруваат дека вирусот постои или пак веруваат оти се работи за обичен грип, како да се натераат граѓаните да ги почитуваат мерките?
Видео - протоколи за заштита и помалку гости:
Професорката Мирјана Најчевска вели дека недовербата на граѓаните кон институциите и мерките кои тие ги преземаат се причина за целокупното однесување на граѓаните и дека тоа не може да се смени за кратко време.
„Не можеме да очекуваме преку ноќ да се промени тој аспект на делувањето и ако се гради каква било политика во моментот мора да се тргне од таа позиција. Дека луѓето не им веруваат на институциите, значи треба да се најде друг начин на којшто ќе им се презентира опасноста од вирусот на којшто ќе може да се изреагира за да може луѓето да почнат соодветно да се однесуваат“, вели професорката и активист за човекови права Мирјана Најчевска.
Инаку, од вечер во 21 часот до 5 часот во понеделник наутро се воведува полициски час во сите скопски општини, Куманово, Општина Липково, Штип, Тетово, како и во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови, полициски час ќе има од утре во 21 часот до петок во 5 часот наутро, додека во останатите денови до недела ќе почнува од 16 часот до 5 часот наутро. Забранета е и посета на гробишта во цела Македонија, освен за погреби. В петок и во сабота е Задушница, денот кога православните верници ги посетуваат гробовите на своите најблиски и раздаваат храна за душа на покојните.
Професорот по социологија од Штуловиот Универзитет, Али Пајазити вели дека граѓаните во земјава имаат проблем со перцепцијата на вистината за корона вирусот и таквата несериозност ја поврзува и со менталитетот на луѓето кои живеат тука.
„Во таа насока, јас мислам дека она што е повеќе од потребно е да се почне од почеток. Тоа значи правилно информирање на граѓаните дека се работи за сериозен феномен којшто не може да се помине туку-така. И тоа да се сфати реално и најсериозно. Без предрасуди и теории на заговор коишто кружат веќе три месеци“, вели професорот Пајазити.
Пајазити додава дека погрешната перцепција за сериозноста на ситуацијата била помогната и од политичарите и од верските институции кои како што додава, со изјавите во јавноста се поставиле како тие да се експерти за медицина и притоа ги довеле граѓаните до заблуда.
Бројот на заразени во изминатите неколку дена се зголеми, откако неколку недели претходно се намалуваше. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека најголем број од новите заболени се резултат на семејни собири и неносење заштитна опрема, но додаде дека освен непочитувањето, големиот број новозаразени се резултат и на неказнувањето на прекршителите од страна на МВР.
Во меѓувреме, последните податоци од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека полицијата издала решенија за изолација на 435 лице, а 75 лица потпишале изјави за самоизолација. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација и евидентирани се осум лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација. Исто така, по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 641 прекршоци.
ВИДЕО - што е ново во светот:
Професорката Најчевска вели дека построги казни нема да ги натераат луѓето да бидат послушни и да ги почитуваат препораките од надлежните.
„Јас не мислам дека построгите казни ќе направат било што, напротив, посебно што дури и самите пораки од почеток беа контрадикторни и конфузни, многу често контроверзни. И постапувањето на полицијата беше различно за различни групи на луѓе, па малку им се гледаше низ прсти на верските заедници и слично, значи не може да се влијае со построги казни. Мислам дека е време за една многу широка кампања со многу објаснувања и многу примери за да се обидеме да спасиме што може да се спаси“, апелира Најчевска.
Лекарите и понатаму апелираат на строго почитување на мерките за да се спречи ширењето на вирусот. Од граѓаните бараат дисциплина и одговорност.
„Ние треба повеќе да внимаваме и препораките кои ќе излезат од здравствените власти строго да се почитуваат. Зошто само така може да придонесеме бројот на потврдени случаи да паѓа, вели доктор Фадиљ Цана, од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни заболување.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во Скопје во моментов има 396 активни случаи. Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 987 од кои 37 починале, а 554 се излекувале. Директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, во синоќешното гостување на телевизија Телма откри дека 90 проценти од заболените во новиот град се од 15 фамилии.