Достапни линкови

Додворувачи политичари и неодговорен народ- раст на заболени од корона


Илустрација- пункт за тестирање за коронавирус во Скопје
Илустрација- пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Според доктор Никола Пановски, за луѓето кои не почитуваат мерки неопходни се казни во спротивно бројот на заболени од коронавирусот ќе расте. Политичарите пак меѓусебно се обвинуваат.

Што се случува со коронавирусот во Македонија е прашањето кое често се поставува последниве недели од кога почна да се зголемува бројот на новозаразени по првичниот пад и оптимистичките прогнози дека првиот бран поминал.

На 15 април, кога државава и неколку соседни земји како Србија, Албанија и Косово имаа воведено полициски час, микробилогот професор Никола Пановски во изјава за Радио Слободна Европа оцени дека во земјите кои воведуваат такви мерки вирусот ќе трае подолго. Неговото објаснување е дека со полициски час малку луѓе се заразуваат, а во другите во кои не се воведе таква рестрикција, поголем дел од населението има допир со вирусот и кај нив побрзо ќе помине бранот.

Сега Македонија и Србија се двете земји од регионот кои се уште пријавуваат поголем број заболени. Пановски и денес стои на таквото мислење, но за зголемениот број заразени сега во земјава причината ја лоцира и во непочитување на мерките од дел од населението и несоодветната реакција на Министерството за внатрешни работи и другите органи кои треба да се грижат за спроведување на препораките.

„Каде што имаме неписмен народ кој верува во лаги на социјалните мрежи, кој верува во натприродни сили, а не во наука, мора да се преземат ригорозни мерки. Ако не се преземат болеста ќе си се шири и понатаму. Под ригорозни мерки мислам на казнување и контрола“, вели Пановски.

Од друга страна, соседните земји како Грција, Албанија и Косово во последниве денови не бележат нови случаи или, пак, имаат многу малку заболени, па се поставува прашањето дали народот во Македонија е најнедисциплиниран.

„Литијата во Струга, од тој настан иако можеби никој не се зарази покрена став- кога можете вие можеме и ние и кога нив не ги санкциониравте не можете ниту нас. Тоа е тој став кога можете вие, можеме и ние и се натпреваруваат кој повеќе ќе направи глупости. Власта, пак, мисли дека ако реагираат ќе се создадат меѓуетнички тензии пред избори, така што и ним не им е лесно. Така што таа е спецификата кај нас“, вели Пановски.

Инаку во почетокот на месецов повеќе луѓе, дел од нив без да носат маски и без да ја одржуваат препорачаната дистанца, мерки кои како задолжителни за движење на јавен простор ги усвои владата, се собраа на литија во Струга. На осми мај обвинителството отвори предмет за верскиот собир во тој град, а на страницата на Јавното обвинителство може да се најдат стотина соопштенија за поведени постапки за прекршувања за време на полициски час или пак за прекршување на самоизолација. Понатаму тие се процесуираат до надлежните судови, а до минатата недела немаше правосилна пресуда.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, пак, по литијата во Струга рече дека во Владата му правеле притисок да ги казнува граѓаните бескрупулозно за непочитување на мерките, нешто со што тој не се согласувал оти народот бил и така во тешка состојба. Ова предизвика критики од други членови на техничката влада кои се од СДСМ. Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски рече дека „неработењето “ на Чулев, министер по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, доведувало до поголемо непочитување на мерките. Според аналитичарот Алберт Муслиу политичките препукувања за коронавирусот не се само македонски рецепт.

„Ние не сме исклучок ниту во светски рамки за вклучувањето на коронавирусот во политичкото живеење. Тоа се случува секаде во светот“, вели Муслиу.

Според него, тоа што треба брзо да се направи е политичарите да престанат со клиентелистичкиот однос со верските заедници, кој вели на многу им пречи. Инаку и викендов што помина граѓаните живееја со полициски час кој почна во неделата, а заврши во вторникот утрото.

Верскиот празник Рамазан Бајрам муслиманските верници го поминаа во верските објекти, а по социјалните мрежи се споделуваа фотографии на повеќе луѓе од заедничката вечера ифтар. Еден од ретките кои реагираше е министерот за здравство Венко Филипче, кој наведе дека фотографиите се загрижувачки, а дека тој е разочаран.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG