Дивоградби, доградби, надградби, преградувања и тесниte сокаци во дивата населба во горниот дел на битолски Баир доведоа до ситуација ЕВН да не може да го замени изгорениот трансформатор, па десетици семејства во зима да поминат неколку денови без струја.
Дивата ромска населба од година во година се повеќе се проширува, никнуваат нови дивоградби, а меѓу нив земјени криви улички, сокаци, низ кои одвај се разминуваат луѓе, а не пак возила. Поради непланските градежни активности со години наназад, дури и она што е асфалтирано е тесно како да се работи за еднонасочна улица. Трансформаторот тежок 2,5 тони не можеше да се однесе со камион, нити со влечење зашто дел од патот е земјен.
Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски вели дека поради дефект кој настана од сериозно преоптоварување на мрежата целосно изгоре трафостаница Дебарска која беше изградена 2009 година и спаѓа во категоријата на нови трафостаници.
„Таа без проблем функционира за планираните капацитети на потрошувачка за корисниците од тој регион. За жал, неконтролираното и нелегалното користење на електрична енергија од некои жители од тој регион не можеше да го издржи трафостаницата. Екипите на ЕВН се соочуваат со непристапен терен за да се достави трансформаторот, а за возилата е скоро невозможно да се движат во тој реон“, вели Ковачевски.
Во вакви услови ЕВН мораше да ги префрли евидентираните корисници на струја на други напојни точки, па понатаму да бара решение како да го пренесе трансформаторот.
Дел од жителите на диво се приклучуваат на струјната мрежа. Поради тоа често се случуваат дефекти и без струја остануваат и оние кои редовно плаќаат електрична енергија.
„Не можат да поправат оти нема пристап има неправилно изградени градби и багери доаѓаат. Тешко е без струја. Убавина држава, да ти е мерак да живееш овде“, вели со иронија битолчанецот Борис Стојковски.
Соседот Љубе Велјановски додава: „Сето тоа се случува од диви приклучоци. Не може трафостаницата да издржи и се пали“.
Во оваа ромска населба претежно живеат социјално загрозени семејства, а во највисоките делови нема вода и канализација. При незадоволство изминатите години пачеа смет блокирајќи ја обиколницата над градот. Токму во оваа населба има голем број на жители на иста адреса улица Караорман број 111.
„Треба да апелираме до државата да ни се реши проблемот што побрзо, умираме од студ, немаме дрва да се грееме. Имаме дечиња, треба да се искапат, не ќе одат валкани на школо.
Канализација немаме, вода нема, услови немаме, не само градот да се средува, туку и овој народ да се среди. Да видите какви шупи има, зошто овие луѓе да живеат во шупи“, велат жители од таканареченото Картон Маало.
Оваа населба станува горлив проблем за Битола која бара решение. Во минатите години се разгледуваа можности за дислокација, но тоа е голем зафат кој бара многу пати, па не беше реализиран.