Комисијата за заразни болести ѝ предложила на Владата карантинот за време на продолжениот викенд да почне од сабота од 19 часот и да трае до 5 часот наутро во вторник. Владата треба да донесе одлука денеска или утре дали ќе има уште еден продолжен викенд во карантин од 58 часа. Досега не се случило Владата да не прифати препорака на Комисијата за заразни болести.
В сабота завршува рамазанскиот пост и муслиманите в недела го прославуваат Рамазан Бајрам. В недела, исто така, е Свети Кирил и Методиј, а понеделник е неработен ден. За Бајрам луѓето обично одат на гости и се собираат на семејни ручеци, а токму семејните прослави и собирања во изминатите денови беа причина за зголемување на бројот на заболени од коронавирусот.
Исламската верска заедница се изјасни дека е против зголемување на полицискиот час за Рамазан Бајрам и најави дека нема да ги откаже молитвите за празникот.
Министерот за здравство Венко Филипче ,исто така, рече дека владата од вторник ќе одлучува за евентуално скратување на полицискиот час и за отворањето на угостителските објекти.
Мислењата за викенд-карантинот се дијаметрално спротивни – едни велат дека е нужен, други се жалат дека е непотребно затворање на граѓаните, а трети иронизираат со отворањето на кафеаните веднаш по 58-часовното затворање.
Дел од граѓаните сметаат дека е бадијала полицискиот час, кога граѓаните не ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Други, пак, сметаат тоа што некој не ги почитува мерките не значи дека треба да се укинат.
Во меѓувреме, и други си имаат проблем со говеда. Буквално.
Викендот пред Велигден имаше карантин од 61 час, потоа продолжениот викенд за Велигден имаше забрана за движење од 85 часа, но потоа за Првомајските празници немаше целосно затворање, туку полицискиот час почнуваше од 14 часот. Како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, во целата држава има полициски час од 19 до 5 часот наутро. Досега во Македонија има 1858 заболени од коронависус, а 110 луѓе починаа.