Достапни линкови

Вести

Филипче - Досега излекувани 200 пациенти

Министерот за здравство, Венко Филипче
Министерот за здравство, Венко Филипче

Добрите вести се предвесник дека овој тежок период има крај и заедно ќе успееме да го надминеме, порача на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, споделувајќи ја информацијата дека досега се излекувани 200 пациенти заболени од коронавирус.

„Се радувам за сите оздравени пациенти, за нивните семејства и најблиски. Се надевам дека сѐ почесто ќе слушаме добри вести. Благодарност до целиот медицински персонал кој даде сѐ од себе да им помогне, како и до пациентите и нивните семејства за соработката, дисциплината и трпеливоста, објави Филипче.

Според последните податоци на Министерството за здравство во изминатите 24 часа регистрирани се 21 излекуван пациент, со што бројката на излекувани пациенти во земјата изнесува 200.

Починати се тројца пациенти позитивни на Ковид-19. Во изминатите 24 часа потврдени се 18 нови случаи на коронавирус. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1225

види ги сите денешни вести

Најмалку девет мртви во израелски воздушни напади во Јемен

илустрација
илустрација

Низата интензивни израелски воздушни напади ги погодија и главниот град на Јемен, Сана и пристанишниот град Ходаја, убивајќи најмалку девет лица, објавија медиумите кои се под контрола на Хутите.

Ал Масира ТВ, главната телевизиска куќа со која управува јеменското движење Хути што го контролира поголемиот дел од земјата, информираше дека седуммина се убиени во израелскиот напад на пристаништето Салиф, а две лица загинале во нападот на нафтената фабрика Рас Иса.

Нападите исто така, имале за цел и две централни електрани јужно и северно од главниот град Сана.

Во соопштението, израелската војска наведе дека „извела прецизни удари на воените цели на Хутите во Јемен, вклучувајќи ги пристаништата и енергетската инфраструктура во Сана".

„Ги предупредувам водачите на терористичката организација Хути: долгата рака на Израел ќе дојде и до вас“, наведе израелскиот министер за одбрана, Кац во објава на социјалната мрежа Икс.

Претходно денеска (19 декември), израелската војска соопшти дека пресретнала проектил лансиран од Јемен.

Хутите кои го поддржуваат Иран, а САД ги смета за терористичка организација, отпочнаа со напади на меѓународни бродови во близина на Јемен од минатиот ноември, во знак на солидарност со Палестинците во израелската војна со Хамас. И Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Израелската војска уби над 45000 Палестинци, расели околу 2,3 милиони жители и ја опустоши крајбрежната енклава, оставајќи ги жителите во недостиг на храна, вода, лекови и уништени болници.

Поради војната, Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.

Зеленски: Само заедно, САД и ЕУ можат да ја спасат Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

За Украина е особено важно од почеток на следната година да постои единство меѓу САД и европските земји, порача украинскиот претседател Володомир Зеленски пред почеток на денешниот Самитот на ЕУ во Брисел.

„Тоа е особено важно, затоа што тоа единство ни е потребно за да обезбедиме мир. Само заедно, САД и Европа навистина ќе може да го запрат рускиот претседател Владимир Путин и да ја спасат Украина“, изјави Зеленски при доаѓањето на Самитот во придружба на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Зеленски притоа се заблагодари за европската поддршка за украинскиот народ и го поздрави единството што постои во ЕУ по ова прашање, нагласувајќи дека со европските лидери ќе разговара за итните потреби на Украина во зајакнувањето на нејзината инфраструктура.

„Наш врвен приоритет, и за тоа ќе разговараме денес, е заштита на нашиот енергетски сектор. Тука говорам и за сигурноста на нуклеарните централи, што може да претставуваат опасност не само за Украина, туку и за Европа ако нешто тргне како што не треба, како и за заштитата на складиштата со гас, кои исто така се важни и за Украина и за другите Европејци“, рече Зеленски.

Тој додаде дека, според него, потребно е и удвојување или зголемување колку што е можно повеќе на украинското одбранбено производство од што зависи резултатот на бојното поле, како и обезбедувањето на сигурноста на училиштата, што е особено важно за украинските деца и нивните семејства.

Кошта од своја страна порача дека ЕУ мора да бидеме многу јасна дека Украина може да смета на нејзината целосна поддршка за што и да e и онолку колку што е потребно и сега во време на војна и во иднина во услови на мир. Тој потенцираше дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува и да работи со Украина за таа да извојува победа во војната и да обезбеди сеопфатен, праведен и одржлив мир.

„Оваа војна е во Украина, е против украинските граѓани, е на европска почва и ги крши универзалните принципи наведени во Повелбата на Обединетите Нации, како правото на самоопределување, правото на територијален интегритет и право на безбедни граници. Затоа оваа војната не е само за Украина и не е само за Европа, туку е и за меѓународното право. Правото мора да надвладее и инвазијата мора да биде поразена“, изјави Кошта.

Зеленски учествува на делот од Самитот на ЕУ посветен на состојбата во Украина и треба да ги информира своите колеги за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја.

Генералниот секретар Руте во посета на Бугарија

Марк Руте, генерален секретар на НАТО
Марк Руте, генерален секретар на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска пристигнува во посета на Бугарија каде на полигонот Ново Село ќе се запознае со активностите на Мултинационалната борбена група со рамковната земја Италија, чиј домаќин е Бугарија. Ова го соопшти прес-центарот на бугарското Министерството за одбрана.

Руте во рамки на посетата ќе оствари средба со вршителот на должноста министер за одбрана, Атанас Запријанов и началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов. Ќе се разговара за прашања од актуелната агенда на Алијансата. На средбата ќе учествува и министерот за надворешни работи, Иван Кондов.

Марк Руте ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО на 1 октомври оваа година. Руте (57) беше премиер на Холандија 14 години (помеѓу 2010 и 2024 година).

На 17 октомври 2022 година на официјална церемонија, Италија ја прифати улогата на рамковна држава на борбената група, додека Бугарија продолжува да служи како земја домаќин, информира Министерството за одбрана на својата веб-страница.

Од Министерството за одбрана додаваат дека „создавањето на борбено способна група на бугарска територија е израз на решеноста на државата и сојузниците да ја споделат одговорноста за обезбедување на безбедноста на земјите-членки, преку придонес во зајакнувањето на одбранбениот потенцијал на источното крило на НАТО“.

Украински проектили и дронови погодиле рафинерија во Ростов

Пожарникарите работат на локација за резервоар за нафта во областа Азов во руската област Ростов на Дон, откако напад на украинско беспилотно летало предизвика пожар, јуни 2024
Пожарникарите работат на локација за резервоар за нафта во областа Азов во руската област Ростов на Дон, откако напад на украинско беспилотно летало предизвика пожар, јуни 2024

Украина погоди руска територија со најмалку 13 проектили и 84 беспилотни летала, предизвикувајќи пожар во нафтена рафинерија во јужниот регион Ростов, соопштија руските власти во четврток (19 декември).

Додека Русија напредува со своето најбрзо темпо од почетокот на војната во 2022 година, Украина постојано се обидува да ја нападне руската нафтена инфраструктура-која финансира значителен дел од воената економија на Русија.

„Руската противвоздушна одбрана собори 84 беспилотни летала над руските региони, вклучително и 36 над Ростовската област“, соопшти Министерството за одбрана.

Вршителот на должноста гувернер на Ростов, Јуриј Шљусар, рече дека Украина го погодила регионот со најмалку 13 проектили и десетици беспилотни летала, предизвикувајќи пожар во нафтената рафинерија Новошахтинск, која постојано била цел на Украина.

„Најмалку едно лице е повредено за време на нападот“, рече Шљусар.

Покровск опустошен пред доближувањето на руските сили
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:27 0:00

Не е јасно кои проектили ги истрела Украина кон Ростов, иако на почетокот на месецот, Киев го погоди рускиот воен аеродром со ракети ATACMS од американско производство, што предизвика голем руски напад врз енергетската инфраструктура на Украина.

По одобрението на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, Украина на 19 ноември ја погоди Русија со шест американски ракети со долг дострел, а на 21 ноември со британски ракети „Сенка на бура“ и „ХИМАРС“ од американско производство.

Рускиот претседател Владимир Путин, по тие напади, на 21 ноември истрела нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, позната како „Орешник“, кон Украина.

Андриј Коваленко, шефот на украинскиот официјален Центар против дезинформации, на Телеграм напиша дека ракетниот напад бил фокусиран на хемиската фабрика Каменски „која произведува ракетно гориво специјализирано за компоненти на цврсто гориво за ракетни мотори“.

Зеленски со Макрон разговарал за распоредување војници во Украина

Украинскиот и францускиот претседател Володомир Зеленски и Емануел Макрон
Украинскиот и францускиот претседател Володомир Зеленски и Емануел Макрон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера во Брисел се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон со кого разговараше за распоредување на војници во Украина како начин за постигнување на стабилен мир.

„Ние споделуваме заедничка визија: сигурните гаранции се клучни за постигнат мир“, напиша Зеленски на платформата „X“.

Зеленски изјави дека разговарале за иницијативата на Макрон за распоредување сили во Украина кои би можеле да придонесат за мир.

„Разговаравме за клучните приоритети за зајакнување на одбраната на Украина од руската агресија, фокусирајќи се на зајакнувањето на капацитетитее за противвоздушна одбрана. Благодарни сме и на Франција што обучи една бригада за нашата армија и се согласи да обучи друга. Се надеваме дека и другите партнери ќе се приклучат кон опремување на нашите бригади“, напиша Зеленски.

На состанокот во Брисел, организиран од генералниот секретар Марк Руте, учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц и шефовите на држави и влади на Полска, Италија, Данска и Холандија.

Зеленски денеска (19 декември) треба да присуствува како гостин на Самитот на ЕУ.

Годишна прес-конференција на Путин

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска (19 декември) ќе ја одржи годишната прес-конференција, позната и како „директна линија“, јави ДПА.

Прес-конференцијата ќе биде комбинирана со телевизиски пренос, при што граѓаните ќе можат телефонски да разговараат со претседателот.

Двата формати беа комбинирани за првпат во 2020 година, а трендот конечно се зацврсти минатата година. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека ова се случило бидејќи Путин нема многу слободно време.

Путин го откажа настанот во 2022 година кога руските сили ја нападнаа Украина.

Според руски медиуми, повеќе од милион прашања од граѓаните веќе се упатени до Владимир Путин.

Повеќето прашања како што додаде Песков, биле поврзани со конфликтот во Украина и здравството.

Стоп за мобилните телефони во училиштата во Бразил

илустрација
илустрација

На бразилските ученици наскоро нема да им биде дозволено да ги користат своите мобилни телефони на училиште, откако Конгресот синоќа (18 декември) усвои закон со цел да се подигне свеста кај младите за штетното влијание на екраните.

Пратениците, родителите и левичарската влада на претседателот Луис Инасио Лула да Силва водат кампања за ограничување на употребата на мобилни телефони во основните и средните училишта.

Повеќе од половина од бразилските деца на возраст од 10 до 13 години поседуваат мобилен телефон. Кај тинејџерите на возраст од 14 до 17 години таа цифра достигнува 87,6 отсто.

Законот, што ќе важи за ученици на возраст од 4 до 17 години, беше одобрен од Сенатот и сега треба да биде потпишан од претседателот Лула пред да стапи на сила.

Според неговиот текст, со цел „да се зачува менталното, физичкото и психичкото здравје на децата и адолесцентите“, мобилните телефони ќе бидат забранети во училиштата. Ова ќе важи и во училницата и за време на паузите.

Во исклучителни случаи, законот дозволува користење на електронски уреди за образовни цели.

Бразилскиот министер за образование Камило Сантана исто така се изјасни за поддршка на ограничувањето на употребата на мобилни уреди во училиштата.

Воена помош од Лондон за Киев вредна 225 милиони фунти

Британскиот секретар за одбрана Џон Хили за време на неговата посета на Kиев, Украина, 18 декември 2024 година
Британскиот секретар за одбрана Џон Хили за време на неговата посета на Kиев, Украина, 18 декември 2024 година

Велика Британија ќе испрати дополнителна воена опрема вредна 225 милиони. Британски фунти за Украина за да и помогнат во војната против Русија.

„Храбриот народ на Украина продолжува да им пркоси на сите очекувања со својот нескротлив дух“, наведе британскиот министер за одбрана Џон Хили во изјавата.

„Но, тие не можат сами да го направат тоа - затоа Велика Британија ќе ја зајакне својата меѓународна лидерска улога во Украина во 2025 година“, додаде министерот.

Силувана Украинка вели дека нејзиниот глас е оружје против воените злосторства
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:17 0:00

Пакетот вклучува 92 милиони фунти за украинската морнарица и 68 милиои фунти за опрема за противвоздушна одбрана.

Тоа беше објавено откако Хили се сретна во Киев со неговиот украински колега Рустем Умеров и вклучува и 39 милиони фунти за анти-дронови системи и заштитна опрема за вооружените сили на Украина, јави ДПА.

update

Лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан на самит во Брисел

Групна фотографија на учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024
Групна фотографија на учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024

Шефовите на држави и влади на Европската унија усвоија декларација на крајот од самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржа денеска (18 декември), во Брисел.

Во неа, нагласија дека ја потврдуваат својата „целосна и недвосмислена посветеност“ на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“, се наведува во декларацијата и се додава дека „Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, како што е наведено во Декларацијата од Гранада“.

Лидерите на ЕУ изјавија дека „во контекст на радикалните промени во глобалната геополитичка ситуација, руската воена агресија против Украина и конфликтите на Блискиот исток и на почетокот на новиот лидерски циклус на ЕУ, стратешкото партнерство меѓу Европската унија и Западен Балкан е поважно од кога било“.

Документот ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и обновената посветеност на приматот на демократијата.

Преку него, се порачува дека владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми и силната улога на граѓанското општество, се клучни за обезбедување на функционална демократија.

„Во оваа смисла, постапките ќе зборуваат погласно од зборовите бидејќи партнерите преземаат одговорност и ги спроведуваат неопходните реформи“, се наведува во текстот од самитот ЕУ-Западен Балкан.

Се вели и дека поддршката за Украина останува јасен знак за стратешка ориентација.

Сите земји од Западен Балкан се повикани да „остварат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, вклучувајќи санкции, нивно спроведување и спречување на тоа тие да бидат заобиколени.

Од лидерите од регионот, на самиот учествуваа македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот со Претседателството Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во однос на регионалната соработка, беше истакнато дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и оние со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.

„Сè уште е потребно вложување на дополнителни одлучни напори за помирување и регионална стабилност, како и изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови меѓу партнерите и проблемите вкоренети во наследство од минатото, сето тоа во согласност со меѓународното право“, се вели во декларацијата.

Тркалезна маса на самиот во Брисел, 18 декември 2024
Тркалезна маса на самиот во Брисел, 18 декември 2024

Лидерите на ЕУ посочија дека „недостигот од нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги кочи двата партнера“ и ги повикаа Србија и Косово, без одлагање, да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите, вклучително и Договорот за патот кон нормализација.

Тие го поздравија и усогласувањето на декларацијата од страна на партнерите од Западен Балкан.

За 10 години повеќе земји излегоа од ЕУ отколку што влегоа

Овој самит е прв на кој учествува новиот состав на Европската комисија.

Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта рече дека ова е важен собир, бидејќи ЕУ и Западен Балкан припаѓаат на исто европско семејство.

„Не само што делиме ист континент, туку поважно е да споделуваме заеднички вредности“, рече Коста.

Претседателот на Европскиот совет уште еднаш потврди дека проширувањето е приоритет на новите структури во ЕУ.

Шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, пред почетокот на самитот изјави дека регионот на Западен Балкан е многу важен за ЕУ.

„Јасно е дека Европската комисија заедно со мене навистина сака да види напредок во процесот на проширување во следните пет години од мандатот и ние сме подготвени да работиме на тоа“, рече Калас.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, истакна дека во последната деценија повеќе земји ја напуштиле Европската унија отколку што влегле во неа, додавајќи дека „време е да се смени тој тренд“.

„Проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ и колку е поголема Унијата, толку е помоќна“, рече Мецола и предупреди дека ако ЕУ не работи на тоа да ги вклучи земјите од Западен Балкан, тогаш тоа ќе го искористи некој друг.

Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека ова е важен самит со земјите на кои пред две децении им беше ветено членство во ЕУ.

„И сега мораме да го завршиме овој процес со сосема ново темпо, така што изгледите за пристапување ќе се трансформираат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар.

Шолц додаде дека земјите од Западен Балкан мора да ги спроведат неопходните реформи, но посебен акцент стави на решавање на билатералните прашања, како меѓу земјите од регионот, така и со членките на ЕУ.

Самитот се одржа непосредно по важните одлуки на Брисел поврзани со процесот на проширување. Црна Гора затвори три поглавја во пристапните преговори, а Албанија отвори еден кластер.

Србија се надеваше дека ќе го отвори кластерот 3 во декември, меѓутоа, во отсуство на едногласност меѓу членките, ЕУ го покани Белград да развие преговарачка позиција, а Брисел ќе се занимава со ова прашање по значителен напредок на Белград во однос на владеење на правото и дијалогот со Косово.

Од 2020 година, самитите ЕУ-Западен Балкан станаа редовни и се одржуваат еднаш годишно.

Санкции од САД за Сташа Кошарац, лица и фирми поврзани со семејството Додик

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)
Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина е ставен на листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД, објави оваа институција денеска (18 декември).

Кошарац е додаден на листата заедно со уште три лица и четири компании. За него, OFAC наведува дека тој често добива задача од Милорад Додик, претседателот на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи кој е под санкции од САД и Велика Британија поради неуставни дејствија, да ја „злоупотреби својата службена положба во корист на Додик“.

„Кошарац ја користел својата позиција за да ја поткопа ефикасноста на државните институции во корист на Додик“, наведува OFAC, додавајќи дека, меѓу другото, во текот на 2024 година го блокирал нормалното функционирање на Советот на министри за да обезбеди номинација на Додик за државна функција.

За останатите на списокот се изречени санкции бидејќи, како што се наведува во соопштението, „се дел од финансиската мрежа на санкционираниот претседател на Република Српска, Милорад Додик и му овозможуваат на семејството Додик да продолжи со обидите да избегне санкции“.

OFAC тврди дека останатите санкционирани лица соработувале со децата на Милорад Додик, а санкционирани се и фирми во нивна сопственост.

Изречените санкции значат, меѓу другото, замрзнување на имотот на тие лица и компании во САД, забрана на американските граѓани и компании да работат со нив, додека банките и другите компании и поединци во регионот и светот можат да бидат цел на санкции доколку соработуваат со нив.

„Додик и неговото семејство продолжуваат да се потпираат на доверливи соработници за да ги прикријат своите врски со нови бизниси, збогатувајќи се себеси и соработниците, а во тој процес се обидуваат да ги заобиколат американските санкции“, вели Бредли Т. Смит, вршител на должноста потсекретар на Министерството за тероризам и Финансиско разузнавање.

Тој додаде дека „САД ќе продолжат да ги разоткриваат овие напори и да бараат одговорност од поединците кои ги овозможуваат овие шеми“.

Милорад Додик е под американски санкции од 2017 година, поради заканите за Дејтонскиот мировен договор, а на листата повторно е ставен во 2022 година, и поради заканите за овој договор, но и поради неговата поврзаност со корупцијата во Западен Балкан.

Неговите деца, Горица и Игор Додик, се под санкции од октомври 2023 година, кога OFAC изјави дека тие „овозможуваат продолжување на коруптивните активности на Додик во босанскиот ентитет Република Српска“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG