Достапни линкови

Ригорозен полициски час за радикалната фаза на пандемијата


Илустрација- Викенд полициски час во Скопје, 28 март 2020 година
Илустрација- Викенд полициски час во Скопје, 28 март 2020 година

Поради ситуацијата со ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука за приширување на полицискиот час од 16 часот попладне до 5 часот наутро, а за викенд од петок од 16:00 часот до пет часот наутро во понеделник. До денеска во Македонија има вкупно 570 заболени и 21 починат од овој вирус.

Сите граѓани од среда нема да може да излегуваат од дома од 16 часот до пет часот наутро, а за викенд забраната ќе важи од петок во 16:00 часот до пет часот во понеделник. Дополнително, по возрасни групи, оние над 67 години ќе смеат да излегуваат од 10:00 до 12:00 часот во текот на работната недела, а помладите од 18 години ќе можат да бидат надвор од своите домови од 13 до 15 часот.

Ова се последните одлуки на Владата донесени по предлог на Комисијата за заразни болести, а чија цел е спречување на ширењето на коронавирусот. Нив попладнево на прес конференција ги објави премиерот Оливер Спасовски наведувајќи дека со нив треба да се заштити здравјето на граѓаните. На верниците премиерот им порача - Велигден и Рамазан да ги прослават дома, со честитки по телефон, а не традиционално, по роднини и со гости.

„На секој од нас му е јасно дека нашето живеење е целосно променето. Живееме во време на пандемија каква што досега не сме виделе, а светот се бори со невидлив непријател кој секој ден зема огромен број жртви во сите земји“, рече Спасовски.

Повикувајќи се на искуствата на другите земји кои се соочија со коронавирусот Спасовски рече дека болеста ќе прогресира, дел граѓани ќе поминат без симптоми, но дел и ќе го изгубат животот, нагласувајќи дека оваа битка ќе трае.

„Треба да бидеме чесни и искрени, ние како земја го немаме поминато најлошото. Според експертите, наредните две до три недели ќе го достигнеме пикот на бројот на заразени од коронавирусот кој најверојатно ќе биде меѓу 2000 и 2500 потврдени случаи“, рече Спасовски.

Вкупно 570 заболени, нови три смртни случаи

Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови пациенти со коронавирус во земјава: четири во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга и Штип. Со тоа вкупниот број на дијагностицирани достигна 570 луѓе.

На Инфективната клиника, информираше министерот, починале тројца пациенти – 40-годишен жител на Кочани, без познати минати заболувања и двајца тетовци – 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања, со што вкупниот број на починати во Македонија се искачи на 21 лице.

„Епидемијата постепено го смени текот. Ова е фаза во која очекуваме бројот на пациенти да расте и затоа денеска Владата донесе нови мерки. И досега дел од граѓаните не ги почитуваа доследно мерките, а за новите мерки за рестрикција на движењето се земаа повеќе фактори – празниците кои се пред нас, како и убавото време. Само социјалната дистанца ќе стави крај на патот на ширење на вирусот “, рече Филипче.

Инаку, со новите рестриктивни мерки се забранува и движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помлади од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца. Сите овие ограничувања, предвидува владата, ќе стапат во сила во среда во 16 часот. За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на атарот на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките, маркетите и рестораните со достава ќе работат

Аптеките, пак, ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи. Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено. Спасовски најави дека има можност и за други рескритивни мерки, но апелираше до граѓаните да ги почитуваат веќе донесените.

Првпат на целата територија владата воведе полициски час на 21 март во времетраење од 21 часот до 6 часот утрината, па потоа го прошири од 16 часот до 6 часот за време на викенди. Исклучоци се Дебар и Куманово, за каде што поради големото ширење на вирусот се воведени дополнителни рестриктивни мерки.

Со коронавирусот заразени над 1.250.000 луѓе, повеќе од 68.000 починати

Повеќе влади во светот се одлучија на забрани на дел од движењата на граѓаните во обид да го спречат ширењето на коронавирусот. Според денешните податоци од ова заболување досега сезаразени над 1.250.000 луѓе, а има повеќе од 68.000 починати во 190 земји и територии. Вирусот почна да се шири во декември минатата година во Кина.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG