Дваесет и две уметнички фотографии од врвни мајстори на својот занает се најдоа на изложбата на уметничка фотографија од учесниците на „IV-та Меѓународна фото колонија – Старо Нагоричане 2019“, што од 20 февруари до 4 март се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Колонијата се одржа во текот на првата декада од октомври минатата година и на неа учество зедоа мајстори на фотографија од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Македонија, уметници како Томислав Петернек, Геза Ленарт, Воислав Луковиќ, Јелица Милентијевиќ, Ахмет Хукиќ, Петков Јанчев Димитров, Даракчиев Беила Стојанов, Цветан Гавровски и други.
„На самата изложба зедоа учество бројни автори. Тука е и живата легенда на фотографијата на овие простори Томислав Петернек, најстариот мајстор на фотографија и човекот кој меѓу првите дојде во Скопје во јули 1963 година и ги објави фотографиите од катастрофалниот земјотрес. Тука е и најмладиот мајстор на фотографија, потоа Цветан Гавровски – нашиот еминентен мајстор на фотографија, уметникот од Тузла – Ахмет Хукиќ и други значајни творци, вели Душан Доцевски, кој освен и самиот што бил учесник на Колонијата е и нејзин основоположник и заедно со клубот Фото-арт „Ф7“ и Народна техника – Куманово и организатор во годиниве наназад.“
Доцевски појаснува дека идејата за Колонијата во Старо Нагоричане се родила при една посета на оваа рурална кумановска општина и од неговото воодушевување од природните реткости и историските знаменитости, старата архитектура, ликовите и пејсажите на овој крај како Старата црква „Свети Ѓорѓија“, Кокино, Музејот на АСНОМ во Пелинце, Паметникот Зебрњак и уште многу други. Сето тоа го повлекло и решил ова село, односно општина, да ги промовира на едно повисоко, уметничко ниво.
„Во овие четири години создадовме фотографии што се вртат на светските изложби од Аргентина до Украина, низ цела Европа, во земјите од Балканот ...така да Нагоричане почна да се врти како одредница по светов и документите од Колонијата да освојуваат награди онаму каде што ќе влезат во конкуренција. Има многу фотографии, авторите се понесени од убавините на овој крај и се обидуваат да остават што повеќе можат од она што ќе го забележат со своите објективи во деновите од Колонијата“, ќе рече Доцевски.
Она што е посебно важно за оваа изложба е тоа што, по нејзиното одржување во НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово таа е предвидено да биде прикажана уште во неколку градови во земјава и да биде гостин на неколку значајни летни културни манифестации.
Изложбата своето патешествие од Куманово ќе го продолжи уште во неколку градови од источна Македонија, а во преговори сме и со најголемата летна манифестација во нашава држава „Охридско лето“. Таму ќе биде прикажана како колекција и притоа ќе направиме избор од претходните изданија на Колонијата со актуелните фотографии. Изложбата нормално ќе ја види и публиката во Скопје, за што во тек се договорите со неколку тамошни галерии. На тој начин љубителите на фотографската уметност ќе имаат убава можност да се запознаат и со овој бисер, појаснува фотографот.