Достапни линкови

„АРТФЕМ“ во потрага по јавен простор за женската уметност


По претставувањата во Штип, Тетово, Крива Паланка и Куманово, овој петок, на 27 декември во 19 часот, во скопскиот „Олд скул бар“, ќе се случи завршниот настан од патувачката изложба од проектот „АРТФЕМ - Време е да создаваш женски!“ на уметничката Дороти Пачкова.

Патувачката изложба од проектот „АРТФЕМ - Време е да создаваш женски!“, зад која како идеја и заложба стои академската сликарка и родов експерт Дороти Пачкова, е поставка што ја сочинуваат уметнички дела настанати под предизвичкувачки околности, пристигнати во Македонија, со поддршка на мрежа на балкански женски солидарни центри од Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Со нејзиното претставување започнува и реалната промоција на мрежното функционирање на Центарот за слобода и култура на жени и девојки уметнички од регионот, со поддршка на повеќе музеи и галерии од целата земја со поддршка на Министерство за култура на Република Северна Македонија преку проектот „Нов културен бран 2019“ и Секторот за спорт и млади при град Скопје.

Пачкова појаснува дека „АРТ ФЕМ“ е производ на согледување на непостоењето на активистички феминистички мрежен центар, кој ги унапредува правата на уметничките, им дава можност за изразување и вмрежување и позитивно ги дискриминира приклучувајќи ги во јавниот културно-уметнички живот.

„Овој проект се изроди од една немила ситуација која ми се случи на една ликовна колонија кадешто имаше судир на различни култури и каде по некое непишано правило главно на мета се жените. Поради тој немил настан се мотивирав да го создадам „АРТ ФЕМ“ кој ќе претставува Мрежен центар за слобода и култура за пристап до јавни сфери на жените уметнички од целиот Балкан. Всушност, ќе им овозможува простор за создавање и ќе ја пласира нивната уметност“, вели Дороти.

Таа дополнува дека претстојната поставка во Скопје е завршниот настан од патувачката изложба од проектот „АРТФЕМ - Време е да создаваш женски!“ во чии рамки во текот на изминатиов период беа одржани четири поставки во исто толку градови во земјава. Првата беше во Дом на млади во Штип, втората во Музеј на тетовскиот крај во Тетово, третата се одржа за време на Форумот за култура и со поддршка од Музејот во Крива Паланка, а четвртата се реализираше во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

„Иако мене не ми е прв пат да патувам со изложба и создадени дела по Македонија, овојпат мислам дека одзивот беше најголем досега. Имаше многу присутни посетители на настаните. На дел од нив дојдоа мнозина млади што за мене како автор беше голема радост. И посебно зошто „АРТ ФЕМ“ всушност има едукативен карактер и убаво беше да се видат какви беа реакциите на младите од средните училишта во овие градови“, ќе рече сликарката.

Инаку, по завршната изложба во Скопје таа со своите соработнички би сакала да конструираат план на активности и да создадат стратегија како ќе го формираат „АРТФЕМ“ како мрежен Центар за слобода и култура на жени и девојки уметнички од регионот и кои ќе бидат следните потези што ќе ги превземат во текот на 2020 година.

„Сите чекори ќе се однесуваат на зајакнување на местото на жените во културата без разлика на тоа од каква уметничка позадина тие потекнуваат. Во соработка со другите балкански центри за женска слобода, култура и уметност ќе се обидеме да обезбедиме јавен простор за прикажување на женска уметност. Јас сум во контакт и ја имам нивната поддршка и всушност идејата е дека „АРТФЕМ“ ќе присуствува на нивните настани, а тие ќе присуствуваат на настаните кои „АРТФЕМ“ ќе успее во меѓувреме да ги обезбеди“, смета Пачкова.

Дороти Пачкова е академска сликарка и магистер по родови науки. Работи и твори инспирирана од реалниот живот, акдемските истражувања, професионалните искуства, но и од сонот за солидарен свет полн со еднакви можности и слободен избор.

Ја препознаваат како “trouble shooter“ во единствената “grass root“ невладина организација „Една може!“ (One can!) која се бори за унапредување на права на девојки и жени, со фокус на права на самохрани родители/ки и еднородителски семејства. Згора на ова таа е и жена борец за социјална правда и управителка на социјална компанија „Една прави“ и самостојна истражувачка.

Развива проекти од разни научни и општествено - хуманистички области, сите со трансверзалното прашање за родовата еднаквост.

Во однос на уметноста, Дороти создава феминистичка мултимедијална уметност во интердисциплинарни области, најчесто поврзани со родови проблематики, анулирање на класни разлики, феминизација на сиромаштија, пристапност до јавна сфера за девојки и жени, жени во политики, неплатен домашен труд, стеротипизација, позитивна дискриминација, демаргинализација, родово базирано насилство и слично.

Пачкова до сега има реализирано над 30 самостојни изложби и учествувала на уште толку групни во земјава и во странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG