Проектот „ЖЕНА БОРЕЦ!“, како што појаснува уметницата Дороти Пачкова, во својот првичен апликационен концепт во областа „Визуелни уметности и уметност на новите медиуми“, било планирано да ги содржи фото документирани клучните активности од целогодишните активности за урбан феминизам, но на конкурсот на Град Скопје бил одбиен како целина и изложбата, со работен наслов „Мое Скопје“, „останала во лимбо зона како единствена поддржана активност“.
Од таму по неговото одбивањето нејзе како на авторка и се наметнала потребата да расчисти одредени сомнежи.
„Си реков ако сите предлози се одбиени, а фото документирачката изложба на одбиените активности е поддржана, тогаш мора да ја перцепираат уметницата како магионичарка или пак сериозно овде никој не дејствува здраво разумно па сите сечеме, лепиме и монтираме без да премериме и осмислуваме од денес за вчера. Евидентно беше дека поедноставно е да се прифати идејата дека уметницата е перцепирана како магионичарка на која и останува само да биде креативна и да даде конструктивно критички осврт на состојбата, токму преку борбата за култура во родениот град“, вели Пачкова.
Затоа таа се решила да го стори единственото што и преостанува. Да организира изложба на беџеви која ќе се одржи в петок, на 8 март во 12 часот, во скопскиот парк Жена борец, непосредно пред почетокот на маршот „Среќен ли е 8-ми март?“ Нешто за што била свесна дека на тој начин не само што ќе го сврти вниманието на јавноста туку ќе оди во прилог на женскиот активизам и загриженоста за женската улога во општеството. Особено денес.
И затоа во објавата на настанот ќе запише дека проектот „ЖЕНА БОРЕЦ!“ има за цел да ја презентира пластично борбата на жените уметнички за своите изразувачки права, во контекст на општественото културолошко функционирање, но и во контекст на индивидуални права, преку уникатни авторски дела, поставени во јавен простор, во случајов истоимениот скопски парк „Жена борец“
„Можам да говорам единствено од сопствено име, а јас говорам од позиција на жена која живее во Скопје, па затоа наместо 10 активности направивме 10 различни модификации на различни типови на жени кои се претставени во различни форми и како тие секојдневно се борат со градот Скопје за да можат да функционираат нормално“, истакнува Пачкова.
Таа во своето појаснување забележува дека женската уметност, уште од 1920 година, започна да поставува темели за феминистички активизам, растајнувајќи ја загриженоста за женската улога во општеството. Вели дека феминистичкиот урбанизам е теорија и општествено движење во врска со влијанието на изградената средина врз жените. Застапниците поточно застапничките на феминистичкиот урбанизам унапредуваат перспектива што е критична за партиските политички и општествени структури за кои тие веруваат дека имаат не толку позитивно влијание врз животот на жените и имаат ограничен женски ангажман во урбанистичкото планирање, посебно во патријахални средини.
Дополнува дека некои теоретичари на феминистичкиот урбанизам изградената урбаната средина ја гледаат како фундаментално неприфатлива за жените. Следствено на тоа, ќе рече дека феминистичкото движење на урбанизмот поддржува стратегии за зајакнување на жените за планирање и развој на идната урбана средина според специфичните потреби на жените.
„Борбата за женските права на глобално иако е оддамна почната сеуште не е престаната. Се додека постои родова нееднаквост ќе постои и борбата за човекови права. Јас се надевам дека нашата организација ЕДНА МОЖЕ како и јас лично како активистка, уметница, феминистка и како родов експерт ќе продолжам на различни начини, конструктивни пред се*, и да се борам да не постои борба, а жените во Македонија да живеат во мир, спокој и рамноправност“, смета Дороти Пачкова.