Достапни линкови

Десетто јубилејно издание на „Скулптури на новото време“


Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, в петок на 26 јули во 20 часот, ќе биде отворена биеналната изложба „Скулптури на новото време 2019“. На ова десетто јубилејно издание на манифестацијата ќе бидат изложени 26 дела од 22 македонски уметници.

Владимир Величковски, Симеон Арнаудов, Јордан Јанев, Предраг Јаневски, Јадранка Урдаревска, Виктор Лазароски, Соња Поповска – Трајковска, Емил Солески, Никола Смилков, Александар Наумоски, Илко Стојановски, Горан Ѓорев, Андреј Митевски, Ангел Коруновски, Влатко Зафирковски – Свире, Перо Кованцалиев, Марјан Стојаноски, Маја Танева, Александар Јанев, Методи Исков, Филип Перески и Давид Атанасоски се македонските творци чии дела ќе бидат претставени на јубилејното десетто издание на биеналната изложба на скулптура „Скулптури на новото време 2019“. Поставката, која патем доаѓа по две години од онаа одржана во безмалку истиот термин во 2017, ќе биде отворена овој петок, на 26 јули, во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово и на неа на публиката ќе ѝ бидат претставени 26 скулптури работени во повеќе различни материјали како и во повеќе скулпторски техники. Таа разбирливо ја следи иницијалната идеја да ја продолжи започнатата мисија на претставување на актуелното творештво и се разбира на авторите коишто се обидуваат да опстојуваат на домашната ликовна сцена.

Од таму, како што и во оваа пригода потврдуваат организаторите Биеналната изложба на скулптури „Скулптури на новото време 2019“ всушност ја сублимира севкупната идеја во позиционирањето на поставката – до израз да дојде „хетерогеноста и богатството на современиот скулпторски израз во којшто сè е дозволено“. И во поглед на употребата на материјали со коишто се изработуваат скулптурите, но и во однос на пристапот кој варира од класичното разбирање на улогата на скулптурата во просторот до концептуалниот приод со употреба на ready-made материјали, па дури и некои обиди за комбинација на технологијата во служба на изработка на кинетичка скулптура.

Или, како што забележува Роберт Цветковски, историчар на уметност, „ако кон ова се додаде и возраста на авторите којашто варира од најстарите до најмладите генерации и соочувањето на повеќе академски скулпторски школи на едно место, добиваме една збирка на дела вредна за почит и внимание, многу ретка на овие македонски изложбени простори“.

Според него, постојат автори коишто се занимаваат со скулптура во континуитет без оглед на условите и дека истите се во постојан творечки прогрес за што говорат и нивните дела“. Од таму смета дека формираните скулпторски ракописи се во фаза на постојана трансформација освојувајќи нови хоризонти и тој развој е евидентен во компарација со претходниот период.

„Сепак, насочени кон развивањето на своите идеи, скулпторите се обидуваат да внесат нови моменти во своето тродимензионално креирање притоа не напуштајќи го основниот концепт, па оттука и континуитетот со претходниот материјал е повеќе од евидентен“, вели Цветковски.

Тој и со дополна дека овие констатации ќе бидат препознаени и од пошироката публика и од ликовната стручна јавност, ако не повеќе барем како едно „сведоштво за моменталната состојба на македонската скулпторска сцена“.

„Впрочем, тоа е и носечката идеја на овој проект – континуирано следење на новата продукција и нејзино презентирање пред пошироката јавност“, заклучува Цветковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG