Достапни линкови

700 милиони евра за модернизација на армијата во следните 10 години


Воена вежба,
Воена вежба,

Власта предвидува дека во период од 2019 година до 2028 година ќе треба да се потрошат 700 милиони евра за модернизација и опремување на војската со цел успешна и квалитетна интеграција во НАТО. Познавачите на одбранбениот сектор велат дека ова е амбициозен, но сепак неопходен план. 

Армијата на Република Македонија стана Армија на Северна Македонија, но сè уште користи оружје од Југословенската народна армија. ​Војската во моментов користи хаубици и тенкови кои се речиси музејски експонати.

Над 150 оклопни возила за пешадија, хаубици со дострел до 20 километри, опрема за инженерски баталјон и специјализирани возила за справување со импровизирани експлозивни направи, интегриран систем за воздушно набљудување, дигитални радиотелефонски уреди и базни станици со заштита, како и замена на досегашниот телекомуникациски систем со оптички дигитален телекомуникациски систем се дел од предвидените инвестиции во одбраната со долгорочната стратегија за развој на одбранбените способности на Владата. За оваа цел предвидено е во наредните 10 години, во период од 2019 до 2028 година да се потрошат 700 милиони евра, најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Се работи за голема сума којашто е распоредена во десет години и тоа е една од главните причини поради која буџетот во одбраната мора да расте“, вели Шекеринска.


Долгорочниот план бил прифатен и од НАТО и од македонското собрание и во него фокусот е во најмалку две области.

„Една се нашата лесна пешадиска борбена група која ќе биде нашиот главен НАТО ресурс. Затоа уште минатата година ги купивме првите оклопни возила, тој процес ќе продолжи секоја година до исполнување на бројката од над 150. Главниот фокус, противвоздушна опрема и опрема за секој војник ќе биде насочен кон лесната пешадиска борбена група. Втората област во која исто така почнуваме да вложуваме е областа на сајбер-безбедноста“, рече Шекеринска.

Таа најави дека за неколку години еден од големите проекти ќе биде модернизација на хеликоптерскиот винг.

Претседателот на Балканскиот совет за безбедност Благоја Марковски смета дека е крајно време да се модернизира армијата која во своите редови сè уште користи опрема стара и по 40 години.

„Дали е планот амбициозен? Да, може да се каже дека е амбициозен планот на Владата и Министерството за одбрана, а веројатно е и реален, затоа што ќе се одвојуваат повеќе пари, и веројатно нема само да се купува опрема, туку дека ќе се бараат и донации како што беше случај при крајот на минатата година со 33 неборбени оклопни транспортери кои ги добивме како донација од САД, што значи и на тој начин се доопремува армијата“, вели Марковски.

Оружје и тенкови од ЈНА стари и по 40 години

Тој посочува дека прво мора да се опреми проширената батаљонска група кога ќе биде ангажирана во НАТО мисиите, потоа неопходно е да се заменат хаубиците со нови. Во моментов пешадиските единици користат стари југословенски, но и американски пушки, а телекомуникацискиот систем е веќе застарена технологија која мора да се замени со софистицирана опрема. Тој додава дека е потребно да се инвестира и во инженерскиот баталјон кој користи застарени машини.

„Тенковската единици на АРМ е опремена со тенкови Т72 кои се стари по 40 години и мора да се заменат со посовремени средства“, вели тој.

Во стратегијата е наведено дека во однос на тенковските единици, ќе се одржуваат способности за една активна тенковска чета, а останатите чети ќе преминат во резервен состав.

Во неа се вели дека борбените хеликоптери „Ми-24“ ќе се користат во војската до 2025 година, односно до истекот на нивниот работен век, но без дополнителни инвестиции, освен за основно тековно одржување.


Дополнително во стратегијата е наведено дека до крајот на оваа година треба да се воспостави интегриран систем за воздушно набљудување и јавување кој ќе биде поврзан со НАТО преку програмата за размена на податоци за ситуација во воздушниот простор.

„Со ова ќе се обезбеди филтрирана радарска слика од оперативниот центар во Грција и исто така слика од цивилните капацитети на државата, за состојбата во националниот воздушен простор, со цел овозможување на постојан увид во состојбата во воздушниот простор над државата и поддршка на воздухопловните операции над нашата територија“, се вели во стратегијата.

Согласно буџетскиот план Владата најави дека буџетот на одбраната ќе продолжи да расте со 0,2% од БДП на годишно ниво, со цел до 2024 година да се обезбедат одбранбени трошоци од 2% од БДП, од кои минимум 20% ќе бидат наменети за опремување и модернизација.

Овие инвестиции треба да бидат дел од интеграцијата на македонската војска во Алијансата со цел подобра и компатибилна соработка со земјите членки на НАТО. Се очекува пристапниот процес да заврши до крајот на март, кога земјава и официјално ќе стане полноправна членка на НАТО. Патот кон атлантската интеграција се отвори со Договорот од Преспа, кога по промената на името на државата, земјата беше повторно поканета да пристапи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG