Достапни линкови

Одбранбените реформи не завршуваат со пристапувањето во НАТО


Поставувањето на знамето на НАТО по ратификацијата во македонското Собрание
Поставувањето на знамето на НАТО по ратификацијата во македонското Собрание

Со пристапувањето на Северна Македонија во НАТО не завршуваат реформите во безбедносниот и одбранбениот систем, туку тие продолжуваат и не запираат, вели висок претставник на НАТО на брифинг за Западен Балкан, за време на министерскиот состанок во Брисел.

Посветени сме на поддршката на реформите во целиот процес на пристапувањето, како и по пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, а нашиот фокус е ставен на безбедносниот и одбранбениот сектор, велат високи претставници на НАТО на брифингот за новинари посветен на улогата на Алијансата во Западниот Балкан. Оттаму посочуваат дека ги поддржуваат реформите, но и дека очекуваат целосна имплементација на Договорот од Преспа, затоа што, како што велат, тоа е од голема важност.

Во однос на прашањето во која фаза се реформите во македонскиот безбедносен и одбранбен сектор, висок претставник на НАТО одговори дека станува збор за пошироки реформи и не може да се влегува многу во детали, но дел од нив опфаќаат учество во НАТО вежби, спроведување на интеграцијата, усогласување на легислативата со обврските кои ќе ги преземе како земја членка на Алијансата, подобрување на персоналот во командната структура, но и технички реформи во делот на опремување и вклучување во системот.

„Реформите не застануваат со пристапувањето на земјата во Алијансата, тие продолжуваат и не запираат, едноставно траат, и траат, има уште многу работа“, вели висок претставник на НАТО.

Оттаму велат дека откако вчера Северна Македонија го ратификуваше протоколот се чека уште на последната ратификација, по што и официјално земјата ќе стане членка на Алијансата.

На денешниот министерски состанок присуствува и македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска која во изјавата за медиуми пред влезот во седиштето на НАТО посочи дека ова е последниот состанок на кој ќе учествува без право на глас.

„На денешниот состанок ќе покажеме дека веќе не сме тема на масата, туку дека сме членка на масата“ вели Шекеринска.

Во однос на земјите од регионот на брифингот на високите претставници на НАТО беше посветено внимание и на Србија и БиХ, при што како интересен пример беше посочена Северна Македонија која поминала низ многу акциони планови за членство во НАТО што по решавањето на спорот со името и поканата за пристапување и го олесни патот кон пристапување во Алијансата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG