На ВМРО-ДПМНЕ не им беше тешко да гласа за нивните двајца министри во техничката влада како министри на Рeпублика Северна Македонија, а сега кога треба да се потврди нашето членство во НАТО со законот за одбрана измислуваат лаги и се трудат да го спречат, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Радио Слободна Европа, предупредувајќи на ризици со кои може да се соочи државата ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го блокира законот.
Со измените на овој закон во еден член се предвидува промена на името на армијата во армија на Северна Македонија и тоа е спорно за ВМРО-ДПМНЕ.
До коментарот на министерката Шекеринска доаѓа во период кога Шпанија наскоро треба да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО по што тоа треба да се случи и во македонскиот парламент. Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека ќе ја поддржи ратификација на протоколот, но нема да гласаат за измена на законот за одбрана, а за чие усвојување е потребно 2/3 мнозинство.
Поради ваквите ставови СДСМ ја обвинува опозициската партија за лицемерен однос, наведувајки дека не сакаат да го гласаат законот за одбрана каде стои армија на Северна Македонија, а истовремено нивните пратеници поднесуваат амандмани во Собранието кое го носи новото име.
Министерката Шекеринска истакнува дека со блокирање на законот, ВМРО-ДПМНЕ се уште се труди државата да ја замрзне во сива зона во која ќе и бидат ставени под знак на прашање и безбедноста и сигурноста и членството во НАТО.
„Целта на законот не е да дефинира име на армијата, тоа не е прашање кое законот треба да го реши. Целта на законот за одбрана е да ни даде законска можност ако ни треба НАТО за заштита на нашата безбедност да може да ја побараме и да ја добиеме таа заштита. Ако на НАТО му треба нашата поддршка да можеме и ние да ја дадеме, блокирањето на овој закон покажува дека ВМРО ДПМНЕ се уште се труди државава да ни ја замрзне во сива зона во која ќе и бидат ставени под знак на прашање и безбедноста и сигурноста и членството во НАТО. Срамота е како еден историски успех кој треба да биде наш заеднички успех историски успех да се трудат да го одложат или да го оневозможат“ изјави министерката Радмила Шекеринска во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Таа има впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ ја лаже јавноста дома и надвор и потенцира дека тоа што партијата го прави во моментот и со законот за одбрана е нивно класично однесување кон стратешките приоритети во последните години, а тоа е, како што вели, да говори за ЕУ и НАТО многу често, но со секоја своја одлука и акција да се труди да ги спречи процесите.
Осврнувајќи се на тоа дали измените на законот се во согласност со Преспанскиот договор таа вели дека најважно е да се сфати дека овој закон го почитува Уставот, како секој закон кој е влезен во собраниска процедура во последната година.
„Измената на законот се однесува на сто други прашања кои се врзани за одбраната и за НАТО. Но, како секој закон кој влезе во собраниска процедура во последната година и овој закон го почитува Уставот. И тој не е во согласност со Преспанскиот договор, тој, пред сè, е во согласност со Уставот. Реков двајцата министри си потпишаа изјави дека се министри на Северnа Македонија. Не може за таков ситен партиски интерес да го прифаќаат и Преспанскиот договор и уставните измени, а за приоритет број еден во државата наеднаш да најдат дека тоа им смета. Се гласаше и за законот за минимална плата и таму стои нашата уставната одредба, но премногу политика премногу лични премногу партиски интереси само за да спречат нешто што би требало да е наш заеднички државен успех“, изјави Шекеринска.
Таа смета дека најaвата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе гласаат за законот за ратификација на протоколот во НАТО се должи единствено на тоа што знаат дека и без нивните гласови ратификацијата ќе помине и оти знаат дека јавноста ќе ги казни ако не го дадат гласот за историскиот чекор што го прави државата.
„Но, за законот за одбрана каде што е потребно 2/3 мнозинство сакаат да ја играат играта ќе глумиме дека сме за НАТО, а ќе правиме се да го спречиме членството, сигурна сум дека тоа нема да им успее и законот за ратификација и за одбрана е во парламентот“
ВМРО ДПМНЕ: промената на името на армијата што се предвидува со законот не е во согласност со ниеден договор
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред еден месец во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека членот од законот со кој се менува името на армијата во Армија на Северна Македонија не е во согласност со ниеден договор.
„Дволична е власта, зашто ако го тргне тој член кој е недостоинствен и не е во согласност на ниеден договор тогаш веднаш ќе го поминевме тој закон и немаше да го разгледуваме ова прашање. За жал власта не собра сила да се случи тоа што го бараме. Само треба да го тргнат тој член зашто не е потребен со ниеден договор како што не беше потребно ни така интензивно насилство врз институциите и останатите знаци кои не беа предвидени согласно динамиката на Преспанскиот договор, а власта потрча сето тоа да го реализира и гледаме за ништо“, изјави Мицкоски .
Инаку, деновиве од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека до пратениците поднеле свој предлог закон за одбрана по скратена постапка, но оти тој бил одбиен од парламентарното мнозинство.