Помина една година откако беа изгласани уставните измени со кои се промени името на државата во Република Северна Македонија за целосна употреба. Македонската страна оценува дека со договорот земјата добила повеќе, новите грчки власти, кои беа противници на договорот додека беа во опозиција, сега велат дека го почитуваат договореното и дека ги поддржуваат македонските еворинтеграции.
Со договорот кој беше склучен на 17 јуни 2018 во Преспа се реши спорот за името кој започна по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, во 1993 година. Грција се противеше и не го прифаќаше уставното име на Македонија, поради што земјата се зачлени во ОН под привремената референца - поранешна југословенска Република Македонија. Поради грчките блокади, Македонија остана надвор од ЕУ и НАТО.
На 11 јануари 2019 со 81 глас „за“ и без против и воздржани, македонското собрание ги усвои четирите амандмани за промена на Уставот, предвидени со Договорот од Преспа, со што државата беше преименувана.
Доскорешниот премиер Зоран Заев, за чиј мандат се смени името, во интервју за новогодишните празници, рече дека е горд на Преспанскиот договор и дека со него земјата добила повеќе.
„Ако ме прашате мене, еве себично ќе речам дека ние добивме повеќе, но ако ги прашате Грците, ќе кажат дека тие добиле повеќе. Добија двете страни, бидејќи добија пријателство. Со тоа пријателство ние го верифициравме и утврдивме нашиот македонски идентитет, нашиот македонски јазик, конечно имаме наша лична карта во Обединетите нации, го добивме имотниот лист на тој начин. Не е важно веќе дали нè признале 132 или 134 земји во ОН, сега сите нè признаа“, рече Заев во емисија на 24 телевизија.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека Договорот донел повеќе позитивни, отколку негативни работи и дека една година подоцна се гледа заздравување на општеството.
„Државата го најде своето место во меѓународната заедница, како постабилна. Во наредните недели или месеци ние ќе станеме членка на НАТО и на семејството, кое реално е најјако на свет и одлучува во кој правец тој се движи. Од друга страна, имавме и не толку негативни импликации на внатрешната сцена, сепак имаше реакции, емотивно не беше лесен моментот кој го надминавме, но би кажал дека имавме едно големо разочарување со октомвриската одлука на ЕУ да не добиеме датум за почеток на преговори“, вели Муслиу.
Договорот предвидува Македонија за променетото име да ги извести сите меѓународни организации, а новото име да се користи и за внатрешна употреба. За возврат Грција се обврзува да не ја блокира земјата во членството во меѓународни организации. Најголемиот дел од обврските се за македонската страна. Во пресрет на гласањето за Преспанскиот договор во двете земји имаше протести на незадоволните граѓани, но по финализирањето на уставните измени протестите се стишија.
Преименувани институции, новото име и во документите
Новото уставно име прво се најде на таблите на граничните премини со Грција, како и на таблите на аеродромите. Согласно договорот, веднаш беа преименувани министерствата и државните институции, како и нивните интернет страници. Граѓаните во пасошите добија печати со назнака дека тој документ ѝ припаѓа на Република Северна Македонија. Автомобилите при излез од земјата добија налепници со нови ознаки. Новото име е вметнато и во свидетелствата на учениците. Преименувани беа и државните институции кои во своето името содржат Македонија. Сите други организации, компании, здруженија кои не се државни, јавни и не добиваат финансиска поддршка од државата може да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски, останатите се институции на Северна Македонија.
Спомениците од античкиот период добија таблички со објаснување дека се споменици кои ѝ припаѓаат на античката хеленска историја и на светското културно наследство, а од друга страна се отстрануваа ознаките со сонцето од Вергина од симболите на јавните институции и на јавните простори. Химната, грбот и знамето не се сменија, а останаа и кодовите МК-МКД. Државјанството е македонско/државјанин на Северна Македонија, а јазикот македонски. Канцелариите за врски во Атина и Скопје се подигнаа на ниво на амбасади.
Договорот предвидува надлежните органи во сите нови документи, во коресподенцијата и во новите материјали да го користат новото име. А за постојните документи и материјали издадени од власите во Македонија да има „технички“ и „политички“ период на менување. Првиот се однесува на документите за меѓународна употреба кои треба да се сменат најдоцна за пет години од стапувањето на сила на договорот. Политичкиот преоден период се однесува на документите за внатрешна употреба, кои треба да се менуваат како ќе се отвора некое поглавје кога земјата ќе преговара за влез во ЕУ, и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. Според Договорот, беше формирана и заедничка комисија за историски и образовни прашања која работи на објективно научно толкување на историските настани. Од крајот на 2018, до средината на минатата година, комисијата одржа четири средби. Сега комисијата паузира, откако шефот на грчката страна Маркос Боларис од Сириза не е веќе член на комисијата, оти не е веќе член нити на Влада, ниту на грчкото МНР.
Двете земји формираа и Комисија за трговски ознаки и трговските имиња, која треба да ги договори условите за користење на термините „Македонија“ и „македонски“ од приватните фирми. Трговските ознаки и имиња за комерцијална намена не беа договорени со Преспанскиот договор, туку Македонија и Грција се согласија „да ги охрабрат своите деловни заедници“ преку искрен дијалог да постигнат заемно прифатливи решенија. Минатата година се формираше меѓународна група на експерти со претставници на двете држави, која треба да ја заврши својата работа во рок од три години.
Во меѓувреме Грција ја промовираше ознаката „Macedonia is GReat“, како нова колективна трговска ознака за грчките производи од грчката област Македонија. Ознаката и слоганот со кои грчките производи ќе бидат пропратени на меѓународно ниво, беа презентирани од Здружението на извозници на Грција, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Македонското МНР потоа оцени дека слоганот ја подрива меѓусебната доверба и дека не е најсоодветен пристап кон почитување и имплементацијата на обврските од Договорот.
Со „Северна“ на чекор до НАТО
Со решавањето на спорот со Грција се одблокираа интегративните процеси во НАТО, но земјата сè уште чека на датум за почеток на преговорите со Европската унија. Откако грчкиот Парламент го ратификуваше Договорот за името, Македонија во февруари минатата година го потпиша протоколот за членство во НАТО, но протоколот сè уште чека на потпис од Шпанија за Македонија и официјално да стане 30 земја членка на Алијансата. Досега протоколот го ратификуваа 28 земји членки на НАТО, а откако тоа ќе го стори и Шпанија, која имаше избори и тукушто формира Влада, протоколот треба да биде прифатен и од македонското Собрание. Но, иако Македонија очекуваше датум за почеток на преговорите со ЕУ, тоа не се случи, што резултираше со договор меѓу политичките лидери за предвремени избори, кои треба да се одржат на 12 април.
Договорот наиде на голема поддршка од меѓународната заедница, од многу државници е посочуван како пример за решавање на регионални спорови, а Заев и Ципрас дури беа номинирани и за Нобелова награда за мир.
Мицотакис - Го почитуваме договорот, но има одредени проблеми
По потпишувањето на Договорот, тогашниот премиер Алексис Ципрас во април минатата година дојде во официјална посета на земјава. А во ноември лани во посета беше и новиот грчки министер за надворешни работи Никос Дендиас. По падот на Ципрас од власт, на негово место дојде Кирјакос Мицотакис од Нова демократија, кој додека беше во опозиција беше жесток противник на Договорот. Од позиција на власт, Мицотакис вели дека Договорот е негативен за Грција, но дека нема да го поништи, туку ќе следи како се спроведува.
Тој за време на посетата на САД неделава рече дека Договорот од Преспа е испочитуван, но грчката страна сè уште има проблеми со неговото применување како трговските марки и сопствеништвото на брендот, но дека дава поддршка за евроатлантската иднина на Северна Македонија.
„Им помагаме на грчките компании да ги заштитат трговските марки „македонски“ и системски работиме на тоа. Но, истовремено кажавме дека ќе го предводиме Западниот Балкан во ЕУ и сакаме грчкото влијание и интереси кај северниот сосед да бидат земени предвид“, рече Мицотакис на дебата во Атлантскиот совет во Вашингтон.
Најголемата опозициска партија во Македонија не го поддржа Договорот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на крајот на минатата година во интервју за РСЕ рече дека државата има ново име, но дека како партија ќе се борат да ја променат таа реалност.