Колективната безбедност што ја нуди платформата на НАТО, безбедносните прашања и мисиите во Авганистан и Ирак, односите меѓу Украина и Русија, што може Алијансата да направи повеќе за Украина со цел ефективна воена контрола, како и Договорот за ракетниот систем се дел од темите на кои во следните два дена ќе разговараат министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел.
Пред состанокот кој започнува утре, генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг, на прес конференција, одговарајќи на новинарски прашања изјави дека тоа што Русија го прекршила договорот за ракетниот систем нема да биде случај и со НАТО. НАТО не планира поставување нови ракетни системи во Европа, но ќе се потруди да ја засили нејзината одбрана.
Тој, на новинарско прашање за тоа дали неусвојувањето на нов закон за одбрана во С. Македонија го става во опасност членот пет на Повелбата на НАТО за колективна одбрана, одговори дека тоа не е поврзано со Закон за одбрана туку е обврска што произлегува од договорот штом Северна Македонија стане полноправна членка.
„Членот 5 за колективна безбедност ќе биде обврска за Северна Македонија според Договорот за членство во НАТО, веднаш откако Северна Македонија стане полноправна членка. Ние го потпишавме пристапниот протокол минатата година, и сите земји-членки на НАТО треба да го ратификуваат протоколот во нивните парламенти. Така што, кога тоа ќе се случи Договорот ќе важи и за Северна Македонија и Членот 5 за колективна безбедност, кој е дел од тој Договор. Така што тоа ќе биди обврска од Договорот и за Северна Македонија“, рече Столтенберг.
Инаку, Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во интервју за Радио Слободна Европа минатиот месец посочи дека неусвојувањето на законот за одбрана ќе донесе проблеми во соработката со НАТО поради невметнувањето на членот 5 од Повелбата во македонското законодавство.
Министерката Шеќеринска утре пристигнува во Брисел и ќе биде дел од министерскиот состанок кој ќе трае два дена.