Знамето на НАТО свечено е подигнато пред Собранието, откако пратениците едногласно го ратификуваа протоколот за членство на Македонија во Алијансата. За ратификација на Североатлантскиот договор гласаа 114 пратеници, немаше против и воздржани. По седицата, полковникот и шеф на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Зоран Јанкович му го предаде знамето на НАТО на претседателот на Собранието Талат Џафери, кое потоа беше закачено на јарболот до македонското знаме пред Парламентот.
Останува уште Шпанија да го ратификува протоколот и Македонија да стане 30 земја членка на НАТО. Гласањето за овој договор со одложено дејство е затоа што Собранието треба да се распушти пред одржувањето на предвремените парламентарни избори предвидени за 12 април.
Според процедурите во Шпанија предлог законот за ратификација прво поминува во комисијата за надворешна политика, а потоа и во двата дома на Парламентот, за на крај Кралот да го потврди тоа што Претставничкиот дом и Сенатот го усвоиле и законот да стапи во сила. Потоа протоколот се испраќа во Стејт департментот на САД, каде што се чуваат ратификациите од сите земји членки и завршува процесот.
Во обраќањето пред Парламентот на седницата за ратификација на договорот, претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност. Со стапувањето во НАТО, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат, рече претседателот Пендаровски.
„Како врховен командант на нашата Армија, лично се обврзувам дека ќе продолжиме со реформите во одбраната, а пред сè во модернизацијата на опремата на Армијата, подигнување на подготвеноста на нашите старешини и војници и зајакнување на нејзините капацитети да ги препознава и да се справува со безбедносните ризици. Во таа насока, ќе продолжам да инсистирам и да работам на зголемување на буџетот за одбраната до, најмалку 2 отсто од нашиот бруто домашен производ“, рече Пендаровски.
Тој рече дека членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките политички промени коишто се случија во изминатите години, како политиката кон соседите и решавањето на споровите.
„Компромисите коишто ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, договорот за решавањето на спорот со името и стратешко партнерство со соседна Грција, познат како Преспанскиот договор, и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, се клучните одлуки коишто не донесоа до целта во однос на членството во НАТО. Нивното доследно спроведување и спроведување е единствениот пат кон зајакнувањето на нашето стратешко партнерство, сега, како држави сојузнички во НАТО, но и останатите субјекти во пошироката меѓународна заедница“, рече Пендаровски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека патот кон НАТО не беше лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти.
„И покрај нашиот неуспех тоа да го постигнеме на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, со добивањето условена покана за членство во Алијансата, иако разочарани, не бевме поколебани да продолжиме со остварувањето на нашата стратешка цел“, рече претседателот на Собранието.
И техничкиот премиер Оливер Спасовски говореше за сторените компромисите за да може државата да стане членка на Алијансата, осврнувајќи се на договорите со Грција и со Бугарија, кои, како што реч, од тотална изолација на меѓународната сцена направија пресвртница и ја вратија државата на агендата на ЕУ и НАТО.
„Денес можеме гордо да кажеме дека времињата на несигурност и нестабилност се зад нас. С. Македонија е на јасен чист пат заедно со најсилните сојузи во свет. Одиме по тој пат кој ни обезбедува подобар и повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината . Од оваа најголема и благородна цел нема отстапување С. Македонија станува 30 земја членка на НАТО“, рече Спасовски.
И Спасовски и координаторот на СДСМ во Собранието Јован Митревски во своите говори му се заблагодарија на доскорешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев за неговата улога за интеграцијата во Алијансата.
Пратеникот Никола Мицевски, кој е координатор на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека партијата нема намера да ја загрози определбата и заслуженото членство во НАТО, на кое се чека со години.
„Членството во НАТО е уште една можност повеќе за државата да се слушне во Северноатланската Алијанса, за Македонија да се проговори во Северноатланската Алијанса и на лице место со самите сојузници во НАТО“, рече Мицевски, објаснувајќи зошто зошто гласаат за протокол во кој што пишува дека во НАТО се зачленува државата со новото име, а не Република Македонија.
Претставниците на парламентарните групи во Собранието кои се обратија од говорницата се осврнаа на своите заслуги и на нивниот придонес кон членството во НАТО.
По изгласувањето на пратениците им се обрати вршителот на должноста претседателот на Парламентарното собрание на НАТО Атила Местерхази. Како членка на НАТО, додаде тој, вашата безбедност ќе биде и наша безбедност.
„Вашите 29 пријатели и соработници ќе ви помогнат да ви се обезбеди и да одговорат на вашите барања независно од тоа што се бара. Оваа поврзаност и оваа Алијанса кон која се приближувате е единствена, не е само военополитичка организација туку тоа е исто така Алијанса на демократија која што им служи на добросостојбата на граѓаните и на безбедноста“, рече в.д. претседателот на ПС НАТО, Атила Местерхази.
На собраниската седница присуствуваат и поранешни претседатели, премиери и претседатели на Собранието, лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претставницинадипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадори од земји членки на НАТО.
НАТО очекува напролет Северна Македонија да стане членка на Алијансата. Тоа го изјави денеска претставничката на САД во НАТО, Бејли Хачинсон на брифинг во Брисел.
„Мислам дека до летото знамето на Северна Македонија ќе биде до другите 29 знамиња. Ќе бидеме среќни напролет да ја поздравиме Северна Македонија“, изјави таа на брифинг.
Според неа, државата завршила огромна работа спроведувајќи неопходни реформи за да одговори на барањата на НАТО.
Во Собранието е ратификуван Северноатлантскиот договор, потпишан во Вашингтон на 4 април 1949, потоа изменет со Протоколот кон договорот за пристапување на Грција и Турција, потпишан во Лондон на 17 октомври 1951. Договорот има 14 члена. Меѓудругото тој предвидува потписничките на договорот да се обврзат да решат каков било меѓународен спор во кој тие можат да бидат инволвирани, со мирни средства, на начин со кој нема да бидат загрозени меѓународниот мир, безбедноста и правдата и дека во рамки на своите меѓународни односи ќе се воздржат од закани или од употреба на сила, на каков и да е начин што не е во согласност со целите на Обединетите нации.