Достапни линкови

Јубилејот како потреба за Театар „Војдан Чернодрински“


Со манифестацијата насловена „Недела на театарот“ во чии рамки ќе бидат прикажани премиерата на „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски, пет претстави од репертоарот и проектот „Глумците пеат“, од 17 до 23 февруари во Прилеп ќе биде одбележан големиот јубилеј: 70 години Театар „Војдан Чернодрински“.

Приказната, уште подобро легендата, за Театарот „Војдан Чернодрински“ ( или поточно за Градски театар - Прилеп, потоа Народен театар - Прилеп) и неговите 70 години раст и развој со акцент на домашното творештво, во кратки црти го вели следново.

Завесата на Театарот првпат се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Првите актери кои стапнале на сцената биле Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Галеска, Цане Настоски, Димче Шилоски…

Сцена од претставата „Кир Јања“
Сцена од претставата „Кир Јања“

По нив своја неизбришлива трага на сцената оставиле големите Мирко Стефановски, Рампо Конески, Кирил Ќортошев, Благоја Дамески, Правда Илиќ, Нада Стефановска, Кирил Жежоски, Јосиф Јосифоски, Димитар Гешоски, Љубиша Трајковски, Нада Гешоска, Живка Лабетиќ, Блага Алампиоска, Методија Петкоски, Блаже Алексоски, Лилјана Ракиџиева, Ева Глишиќ, Лидија Иваноска, Кирил Ристоски, Трајче Иваноски, Благоја Ивчески, Благоја Спиркоски Џумерко, Димитар Вандески, Петар Димоски.... А, по нивните стапки чекореле и денес стамено чекорат Марјан Чамакоски, Андон Јованоски, Цветанка Чавлеска, Најдо Тодески, Виолета Чакарова, Игор Трпчески, помладите Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански, Зоран Иваноски, Даниела Иваноска, Димитар Црцороски, Јасмина Мицовска Станкоска, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Никола Настоски, Александар Степанулески, Илија Волчески....

Денешниот ансамбл на Театарот
Денешниот ансамбл на Театарот

Низ факти и бројки тоа би било претставено и некако вака.

Во изминатите седум децении, Театарот „Војдан Чернодрински“ кој од 2004 година со одлука на Владата „станал дел од делувањето на НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 7000 претстави и поставил некаде 350 премиери кои ги гледале над 1,5 милиони посетители.

Според статистиката најгледани и најиграни претстави низ годините се „Од кол на кол 1“ и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски.

Голем успех во минатото е постигнат и со претставите „Цена“, „Од глаата си патиме“, „Силјан Штркот“, „Лулка“, „Медеја“, „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Молам за секс“, „Градење црква“, „Коста Саруфте“ „Глоговиот џбун“ итн.

Белег во повеќедеценискиот растеж на Театарот дале и претставите „Спиро Црне“ од Благоја Ристески Платнар во режија на Владимир Милчин, „Колобан“ од Блаже Алексоски во режија на Љубиша Георгиески, „Арсениј“ од Б.Р. Платнар, „Полковникот птица“ од Христо Бојчев и „Опера за три гроша“ од Б. Брехт – и двете во режија на Владо Цветановски.

Сцена од претставата „Полковникот птица“
Сцена од претставата „Полковникот птица“

Во досегашното постоење, претстава која со најголем успех го освои вниманието не само на македонската, туку и на балканската публика е „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која се крена до димензии на бренд на македонскиот театар. Со „Тапаните“, Театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот Екс Понто во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Сцена од претставата „Тапани во ноќта“
Сцена од претставата „Тапани во ноќта“

И, овде не е крајот оти кога би тргнале со набројувањата на признанијата би ни требало да испишеме уште еден куп бели страници.

Конечно Театарот во земјава го има приматот на куќа во која се случуваат праизведби на дела од македонските драмски автори. Тука за првпат се поставени текстовите на писатели како Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн.

И, кога ова се има на ум, информацијата за одбележувањето на значајниот датум со неколку значајни програмски цртички: Со манифестацијата насловена „Недела на театарот“ во чии рамки ќе бидат прикажани премиерата на „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски, пет претстави од репертоарот и проектот „Глумците пеат“, од 17 до 23 февруари во Прилеп ќе биде одбележан големиот јубилеј – 70 години Театар „Војдан Чернодрински“

А, во пресрет на случувањето актерката Даниела Иваноска, знае да каже дека слават убав јубилеј 70 години од постоењето на Театар „Војдан Чернодрински“, а „иронијата во целото тоа е што слават јубилеј на нешто што денес не постои“.

Како и да е, таа најнапред со појаснување дека почетокот на одбележувањето е со премиерата „Лажговци“ ( или „Миле, Перо и Нова година“) работена според текст на Антони Нелсон во режија на Коле Ангеловски и во која настапуваат постарите колеги како Марјан Чакмакоски, првиот дипломиран актер во Театарот, Андон Јовановски, Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Трајче Иваноски, Најдо Тодески и Јасмина Мицоска Станкоска.

Од друга страна, Ивановска со дополна дека на самиот ден 18 февруари кога се слави јубилејот тие дошле на идеја да направат нешто што е надвор од рамките на конвенционалното со излегување и читање на некои суво-парни говори за почетоците и првото кревање на завесата на Театарот. Затоа решиле да направат нешто што е во дослух со нивниот сензибилитет и со новото време, времето што тие го носат – музичка вечер која ќе биде во знакот на славење, на радување, на непосредност. Луѓето да бидат искрени и да уживаат во едно музичко патување. Следејќи ја симболиката одбрале репертоар со песни кои биле актуелни во 1970-те години, а самиот настан го крстиле „Move The Beat!“.

„Се надеваме дека со самото нешто ќе се поместиме самите себе си од некаква комфорна лажна зона. Иницијативата е да го поместиме битот на ова време кое што е невреме, а сепак да го слушнеме сопствениот бит, сопственото чукање и она што го прави секој уметник посебен и единствена на свој начин. Соработката ја правиме со еден локален но доста познат бенд – THE HOUNDS составен од млади но исклучително едуцирани музичари и кои на драго срце ја прифатија поканата за една ваква соработка. Каде ако не в театар каде уметниците од Градот некако заеднички ќе се сплотат и ќе направат нешто што најверојатно се надеваме ќе остане и за кое ќе се зборува многу долго“, истакнува Иваноска.

Даниела Иваноска
Даниела Иваноска

Нејзиниот колега Игор Трчески, кој патем е цели 22 години член на ансамблот, откако ќе потсети на грешките од минатото ќе рече дека јубилејот несомнено треба да биде и повод да се потсети на иницијативата за одвојување од Центарот за култура „Марко Цепенков“ и по цели 16 години да се врати името со кое се гордеат сите генерации на уметници - Театар „Војдан Чернодрински“. Тој верува дека Прилеп има потреба од таква институција и дека тоа ќе се случи за да можат да се насочат кон тоа да прават квалитетен репертоар, редовно и пост продукциски да ги одржуваат претставите со најмалку 20 до 25 изведби, дека ќе канат светски познати режисерски, музички и сценографски имиња со кои ќе имаат можност да соработуваат, да појдат на големите фестивали во регионот и така со ред.

„За среќа еве сега се потпиша и Колективниот договор кого го чекаме повеќе од две децении и се надеваме дека сега веќе со склучување на колективни договори на ниво на работодавач ќе можеме да регулираме многу права и обврски коишто досега беа оставени да се толкуваат на генералните менаџери“, вели актерот.

Игор Трпчески
Игор Трпчески

И Ивановска со надеж дека некои работи ќе се променат и дека конечно „ќе станат Театар со име и со презиме и нема да делуваат во рамките на Центарот за култура“.

„Треба да се потсетуваме секојдневно што значи да се биде уметник затоа што улогата на уметникот од памти век била да ги детектира и критикува аномалиите на општественото живеење и дека треба да сме многу погласни, а не да зборуваме на глас во себе туку тоа треба да пробие надвор нашите глави и монолозите коишто ги држиме заклучени. Слободата ни е дадена од почеток и не треба да чекаме некој да ни ја даде. Има една добра реплика којашто секојпат ја повторувам од нашиот покоен Горан Стефановски каде што вели: Јас сум уметник, јас не припаѓам никому и затоа стојам на работ од ништото“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG