Достапни линкови

Моќта на раскажување приказни на МОТ 2019


На Скопје растргнато помеѓу политичките небулози, сиромаштијата и потребата да се замине некаде далеку, што подалеку од ваквата балканска реалност, од 13 до 21 септември ќе му се случува театар. Ќе му се случува уметност која единствено може да биде лек на отворена рана во времево во кое малку што остана на кое човек може да му се потпре и да живее сосема обичен нормален живот. Живот во кој ќе си дозволи да излезе од неудобноста на секојдневието и да тргне во потрага по реално некои турнати настрана вредности. Да си го билда духот.

Ете, во таа временска отсечка, каде животот ќе стане театар и театарот живот, вљубениците и пасионираните проследувачи ќе имаат можност на шест сцени во Скопје и една во Велес да видат петнаесет врвни театарски продукции во девет фестивалски вечери.

Отворањето ќе биде со со победникот на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор „Оваа зграда (на)вистина зборува“ во МКЦ во 20 часот. По него следува изведбата на „Девојчето со жиците“ на Малата сцена на НОБ. Станува збор за драма-опера напишана од нашиот Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и поетесата Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа.

Вториот ден на МОТ ќе му припадне на стариот верен пријател - Словенско младинско гледалишче. На сцената во кино „Фросина“ ќе се одвива „Сè уште без наслов“ - последниот проект на прочуениот словенечки и европски режисер Томи Јанежиќ кој трае повеќе од десет часа. Дон Жуан е едно од оние книжевни дела што поминале низ најмногу адаптации. Низ текот на целата претходна сезона, Јанежиќ и неговиот тим го земаат ова дело како референтна точка за истражување и лабораториски пристап. Приказната е од аголот на неговото заведување и низ последиците на неговите дела - кои се среќаваат во еден момент, во едно срцебиење.

Сцена од претставата „Трите сестри“ од Васил Христов

Третата фестивалска вечер на МОТ, на 15 септември почнува со „Трите сестри“ од Васил Христов работена во Турски театар по мотиви на Антон П. Чехов. Претставата зборува за мечтата за ослободување, која запаѓа во состојбата на безизлезност, дури и пред да почне борбата.

По неа програмата продолжува во Кино Култура со два перформанси од проектот „Што е кореографија?“ на центарот Локомотива. „Дримстејт“ од Валентино Апостоловски говори за состојба на намалена свесност, во која околината е перципирана како во сон, а „Мунлајт“ од Александар Георгиев и Дарио Барето Дамас од Шпанија е кореографски проект фокусиран на поетски структури, сценско изведбено истражување на дисперзирани значења, како прилагодлива реалност.

Со танцов перформанс ќе започне и наредниот, четврти ден на МОТ. „Човековиот срам“, првично изведуван во затворот во Матера, Италија е „роден“ од проектот „Поетиката на срамот“ во копродукција на #Reteteatro41 и Matera-Basilicata Foundation 2019. Во него Силвија Грибауди и Матео Мафесанти го истражуваат методот во кој авторите се постојано поврзани со територијата каде што се наоѓаат. Мајсторот на церемонијата и единствената македонска актерка во перформансот е Симона Спировска.

Петтата фестивалска вечер е за авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“, која удира во желудник и за која се размислува целиот нареден ден, покажува стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, антихероите на СТЕМ револуцијата, кои изгубиле вера во Европа и нејзините хуманистички вредности, а веруваат во профит, гејмерската индустрија, сајберуниверзумот и смртта.

Сцена од претсавата „Бакхи“ на Игор Вук Торбица

По неа, на малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица во продукција на Битолски театар, ќе ја постави претставата „Бакхи“. Меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, „Бакхи“ се издигнува поради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхи-те ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување приказни.

Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал. Проектот се занимава со односите меѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од друга страна, сè од перспектива на лични наративи, реални финансиски примања, перманентни финансиски кризи на ова време, како и амбивалентна улога на парите во целокупната општествена размена.

Следува романската „Момчињата на Медеја“ во продукција на „Apollo 111 Theatre“ на малата сцена на НОБ. Таа го илустрира режисерското прекршување на легендата на Аргонаутите и Златното руно и отвора дискусија за машката ранливост, мачоизмот, патријархатот и мизогонизмот, користејќи средства на иронија и хумор.

Конечно вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“, драмски текст на Роланд Шимелфениг, во продукција на театарот од Прилеп и режија на нашата Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“ кои ќе бидат дел од претставата. Претставата е поставена е речиси во сите поголеми и поважни театри и одиграна на многу јазици. Овој текст-партитура за пет ликови е игра на жанрови и стилови. Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“.

Седмиот ден на МОТ ќе се одвива во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес каде ќе биде изведена „Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин. Претставата е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од највлијателните и најконтроверзните драмски автори во модерната драматургија. Tоа е дистопична визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор/контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови, се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање.

Португалската театарска компанија „Arena Ensamble“ ја отвара осмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ. По неколку месеци работа во Great Yarmouth со девет жители од различни националности, режисерот - Марко Мартинс ни носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и прилагодување. По неа следува скопската премиера на „Несоодветно за работа“ на Драмски театар во режија на Американецот Доналд Ворен Мофет, претставата која беше изведена на годинешното Охридско лето.

Фестивалската програма завршува со „Чист град“ од експерименталната сцена на Националниот театар во Атина. Анестис Азас и Продромос Циникорис еве ги со приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG