Достапни линкови

„Театар во куфер“ - нов меѓународен фестивал во Штип


Шест проекти на трупи и артисти од Босна и Херцеговина и од Македонија ќе бидат прикажани на првото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“, кој заговарајќи поинаква естетика, ќе се одржи од 9 до 20 ноември во Штип. Организатор на случувањето е тамошниот Дом на млади.

„Европејци“ работена по текст на Мирољуб Недовиќ и во режија на Драган Стајиќ, продукт на „Драфт театар“ од Тузла, Република Босна и Херцеговина, „Дисфункција“ од Ана Жежовска и режисерот Димитар Шутевски на Младински - интимен театар Битола, „Убавите жени“ - поетскиот театарски проект на актерот Страшо Милошевски од Пробиштип, „Женска утопија“ - претставата во адаптација, режија и изведба на актерката Димитрина Мицкоска, работена за прилепскиот Театар чин 4 сцена 5 според драмите на Јордан Плевнеш, фестивалски наградуваната „Петтиот чин“ на режисерот Нико Горшиќ, работена според текстот на Љубомир Ѓурковиќ, со актерите Ванчо Крстевски и Бранко Бенинов во НУЦК „Антон Панов“ од Струмица и „Чекачот“ на Трајче Кацаров во изведба на Трајче Јованов и продукција на штипскиот Театар за гледање и слушање, се шесте проекти што ќе бидат прикажани на почетното издание на Меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“, што од 9 до 20 ноември, ќе се одржи во Штип.

Зад манифестацијата, како организатор застана тамошниот Дом на млади, а во нејзини рамки на 14 ноември е предвидено одржување и на симпозиум на тема „Патувачки театар“ на кој учество ќе земат научните работници и долгогодишни културни дејци Мишел Павловски, Гоце Ристевски, Христо Петревски, Кристина Костова и Трајче Кацаров, инаку еден од иницијаторите и уметнички директор на Фестивалот.

​Тој во своето обраќање до јавноста насловено како „Зошто театар во куфер?“ ќе понуди и неколку појаснувања: Затоа што театарот и куферот имаат природна врска / Зашто имаат препознатлив клуч / Зашто куферот антиципира патување, а театарот никогаш не отишол подалеку од двоколката на Теспис / Зашто е автонимен сценски израз / Зашто е архетипска уметничка сложенка / Зашто има примордијална форма/ Зашто го поттикнува интимниот однос со гледачите, и така со ред.

„Станува збор за еден поинаков фестивал за театар и можеби фестивал направен од инает, од пркос. Или можеби фестивал направен во време во кое треба да е фестивал од ваков формат, со ваков модел на театарски претстави“, вели Кацаров.

Во својата натамошна експликација околу идејата за „Театар во куфер“, тој појаснува дека во Македонија безмалку во секој град има театарски фестивал, но дека ниту еден од тие фестивали не ја задржа таа првобитна, почетна нивна замисла и на некој начин како да ја промени нивната целна група. Така, според него, фестивалот во Прилеп прво беше замислен како фестивал на домашна драма, „а сега од тоа не остана ниту Д“. Слична е и состојбата и со Фестивалот на античка драма во Велес, па потем и со „Ристо Шишков“ во Струмица „кој не фестивал на мали форми“, згора и оној на комедија. Затоа, како што ќе рече, тие решиле да направат Фестивал кој сам по себе ќе го испочитува она што стои во неговиот манифест.

„Со „Фестивалот во куфер“ се враќаме во тие архаични моменти, во тие примордијални моменти, во таа архетиповска содржина којашто сама по себе зборува дека тоа е театар на размисла од поширок карактер. Сметаме дека овој модел на театар, оваа театарска форма, оваа геометриска фигура којашто всушност ја сместуваме во куфер ќе биде онаа која во права смисла на зборот ќе зборува и за оние кои се активни учесници во претставата и оние коишто се набљудувачи, публиката“, истакнува Кацаров.

Горан Трајков, директорот на Дом на млади Штип, забележува дека стекнувањето со театарска култура, всушност создавањето навики за восприемање на сценската уметност преку директно учество во сценски изјави претставува привилегија само на високо цивилизираните општества, односно животни заедници. Тој појаснува дека „се наоѓаме во време во кое најмалку се посветува внимание на моралните вредности и принципи“ и затоа смета дека „сценските изјави на нивниот „Театар во куфер“ треба да се движат во таа насока, не да се наметнуваат правила за етичко однесување, туку да се поттикне кај човекот слободната воља во вршењето добри дела.

„Меѓународниот фестивал „Театар во куфер“ својот хабитус ќе го гради со претстави кои по својата форма и мобилност не се оддалечуваат од театарскиот архетип. Односно фестивалот, кој во некоја рака за штипјани е онаа „потребна боца со кислород“, ќе почива на Шекспировата сентенца: Целиот свет е сцена. Ваков фестивал не постои во Македонија и тоа ни дозволува во намерата да истраеме во намерата и за истиот да побараме подршка од институциите кои можат да излезат во пресретна организирање на еден ваков културен чин. А, Дом на млади со ова има прилика да експериментира затоа што не е национална институција. Има свои рамки во кои може слободно да се движи, да го прифаќа алтернативното, да го долови она што го нема во Македонија и да започне нешто ново“, истакнува Трајков.

Тој и со дополна дека освен во Домот на млади, дел од содржините на Фестивалот ќе бидат реализирани и во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ и дека на овој начин тие веруваат оти започнуваат со една убава традиција во градот во кој уметноста ги ползува сите права на повластен граѓанин и каде во сега далечната 1925 година е изведена првата опера во Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG